Што можеме да научиме од поезијата на отпорот на Пабло Неруда?

Марк Ајснер е автор на  книгата „Неруда: Повикот на поетот“. Тој е собирач, уредник и еден од главните преведувачи на „Есенцијален Неруда: Одбрани поеми“. Тој моментално продуцира документарен филм за Неруда. Голем дел од својот живот го посветил на проучување на ликот и делот на еден од најголемите поети на 20 век. Тој напиша една многу интересна статија за „Париз Ривју“ во која зборува за поезијата на отпорот на Неруда и неговиот живот како интелектуалец кој се борел против репресија и за човекови права.

Денес на блогот прочитајте ја статијата на македонски јазик, а најдолу има линк кој ве води до оригиналната статија.

pablo-neruda-galeria-1-2

Кога пред 10 години првпат се впуштив во одлука да напишам биографија за Пабло Неруда, јас сакав да ја истражам политичката моќ на поезијата и нејзиниот капацитет да инспирира општествени промени. Општествените стихови на Неруда се интегрален дел од човечноста која ја изразувал; дури и без пенкало во рака, тој храбро се впуштал себеси во директни дејства.

Излезе дека ја завршив книгата „Неруда: Повикот на поетот“ на крајот од првите 100 дена од владеењето на Трамп. И како резултат на тоа, прашањата кои со години ги истражував одеднаш добија ново ниво на итност. Како што отпорот забрзано станува оперативен збор за нашата моментална политичка реалност, што би можел да ни понуди еден од најважните и највлијателните поети на отпорот од минатиот век? Што би можел да ни даде додека продолжуваме да го обликуваме следното поглавје во нашата сопствена култура приказна? Некои одговори, или барем перспективи можат да се пронајдат во вивидните детали од животот и делото на Неруда.

Наследството на Неруда е директно обликувано од историските настани во кои тој играл улога. Во неговата рана младост, за време на револуционерното студентско движење во Чиле, тој ја играл улогата на активист-писател, гласот на една млада генерација која ја предизвикуваше контролирачката аристократија во државата. Во неговите последни години од животот, тој жестоко го бранеше Чиле од интервенција на САД и како амбасадор во Франција, тој ја претставуваше историската социјалистичка влада на Салвадор Аљенде.  Неговиот однос со читателите и неговото сопствено пишување се обликувани од овие периоди на акутна политичка криза и авторитаризам.

Кога Студената војна влегла и во Чиле во 1947 година, Габриел Гонзалес Видела, непостојаниот и непредвидлив претседател на Чиле, се свртел против Неруда и другите кои му помогнале. Тој преземал репресивни мерки против работниците и левицата: тој го затворил комунистичкиот весник, околу 300 рудари кои штрајкувале биле уапсени и затворени на остров во Патагонија и праќал работнички лидери и други „субверзивни“ луѓе во концентрационен логор воден од 33-годишниот армиски капетан Аугусто Пиноче.

pablo-neruda-poeta-chileno-fallecido-en-1973-_500_336_141789

Неруда, кој тогаш бил сенатор, гласно го изразил своето несогласување – и преку своето пишување и преку своите дејства. Тој на говорницата во Конгресот го кренал својот глас: „Сега дури и Конгресот е предмет на цензура. Не смее човек ни да зборува сега… Има убиства во рударскиот регион!“ Гонзалес Видела повеќе не сакал да чуе ниту збор. Тој го обвинил Неруда за предавство и наредил да биде уаспен, приморувајќи го да бара азил.

Неруда одговорил на сето ова со тоа што развил  нов, естетски и концептуално храбар поетски глас, кој ќе се преслика во неговата монументална книга „Canto General”. Тука тој одново ја пишува и ја присвојува историјата на Америките и тоа на сосема нов начин, како епска, стиховна приказна за отпорот. 50 години подоцна, во 2003 година, градежен инженер кој работел во метрото во Сантијаго ми кажа дека важноста на „Canto General“ е тоа што „ја покажува историјата на Америките од гледна точка на самите луѓе, а не историјата раскажана од освојувачите.“

Врската помеѓу поезијата на Неруда и неговото искуство со општествените пресврти никогаш не била толку на тапет како што била кога избила Шпанската граѓанска војна. Неруда дошол во Мадрид во 1934 година, како чилеански конзул, нешто малку пред неговиот 30-ти роденден. Шпанскиот крал само три години претходно паднал од тронот и еден идеалистички и прогресивен дух ги запоседнал писателите и интелектуалците, особено поетот и драматург Федерико Гарсија Лорка кој претходната година се запознал со Неруда. Лорка го чекал Неруда на железничката станица кога тој првпат пристигнал во Мадрид.

Неруда тогаш излегувал од мачниот период на депресија и изолација – „просветлувачка осаменост“, како што ја нарекол самиот тој – период кој му се случил додека бил на серија од дипломатски активности во источна Азија и бил жеден за ова братство. Неговата поезија станала длабоко интроспективна во тој период, иако тој не се фокусирал само на неговиот внатрешен живот: додека ги извршувал своите конзуларни обврски тој активно бил вклучен во понижување и потчинување жени, домородци и сиромашни. Многу години подоцна, во своите мемоари, тој дури и опишува како силувал една слугинка во Шри Ланка, додавајќи вознемирувачки слоеви на неговото идно наследство како активист за правата на репресираните.

17107686_303

Кога пристигнал во Мадрид, расположението и духот на Неруда се подигнале со мотивирачката и возбудлива поддршка од други активисти и уметници. Но, општествената и политичка ситуација во Шпанија била многу тензична и комплицирана. Како што напишал историчарот Габриел Џексон, Шпанија во 1930 година „истовремено била монархија во умирање, држава со многу неразмерен економски развој и воено поле на жестоки политички и интелектуални спротиставени струи.“ Со напредокот на Хитлер и Мусолини, шпанските фашисти уште подиректно и понасилно се наметнувале, а прогресивната влада се мачела за да преживее.

Во март 1936 година, членовите на фашистичката група „Фаланга“ почнале гордо да парадираат низ Мадрид со моторни автомобили, мавтајќи со пушки, пукајќи по наводни „Црвени“ во населбите каде што живеела работничката класа. До јуни, голем дел од членовите на Комунистичката, Социјалистичката и Анархистичката партија веќе јавно промовирале револуција, додека пак десничарските медиуми кај средната класа го вбризгувале стравот од Комунистичка држава и ја промовирале идејата дека само воен удар може да ја спаси Шпанија. Озборувањата за фашистичка револуција вртоглаво се ширеле и тоа го преплашило Лорка, кој бил хомосексуалец и левичар и кој бил прилично гласен во својата одбрана на Републиката. Тој избегал во својот роден град Гранада, надевајќи се дека неговото влијателно и конзервативно семејство ќе го заштити.

На 17 јули 1936 година, фашистичкиот генерал Франциско Франко започнал воено востание, разгорувајќи ја Шпанската граѓанска војна. Мусолини и Хитлер му обезбедувале авиони и оружје. Бунтовниците, познати како националистите, бргу напредувале кон Мадрид, градот во којшто живееле Неруда и неговите пријатели.

Тие пријатели кратко пред тоа ја формирале Алијансата на анти-фашистички интелектуалци и биле решени да го вложат целиот свој интелект и креативност во одбрана и поддршка на Републиката. Тие донеле популарна театарска група за народот: претстави од Сервантес до Лорка кои ја ширеле нивната идеологија и истовремено ја поттикнувале и негувале културата во деморализирачко време. Алијансата издавала и списание, кое првенствено било пишувано за републиканските војници. Еден член од четите секогаш читал на глас за да разберат и оние кои биле неписмени. Извонредна била листата на луѓе кои придонесувале и пишувале за списанието, вклучувајќи ги и Антонио Мачадо и Рафаел Алберти.

По еден месец откако почнала војната, националистите го уапсиле Лорка. Кога бил запрашан за тоа кој криминал го извршил Лорка, главниот офицер рекол: „Тој има направено повеќе штета со пенкало, отколку други со пиштол.“ По три дена, Лорка и уште три затвореници биле застрелани покрај ред од маслинови дрвца.

garcia-lorca-neruda-ktmd-u50219223538gxd-624x385rc

Овие вести ужасно го погодиле Неруда. Покрај хоророт што неговиот пријател бил убиен, смртта на Лорка била нешто многу повеќе: Лорка бил олицетворението на поезијата и преовладувало чувството дека Фашистите ја убиле самата поезија. Неруда стигнал до точка по која веќе немало враќање назад. Неговата поезија значително се променила, неговата поезија морала да дејствува. Повеќе немало меланхолични стихови, љубовни поеми украсени со црвени булки, ниту пак метафизичко пишување – работи кои ја игнорирале реалноста за подемот на фашизмот.

Храбри, повторувани зборови и јасни слики сега ѝ служеле на неговата цел: да го искаже она што го чувствува во негово срце и да ги изрази реалностите кои ги искусувал и тоа на начин кој може веднаш да биде разбран од поширока публика.

Тоа најдобро е прикажано во неговата поема: „Објаснувам некои работи“. Самиот наслов ја објаснува итноста на поемата да биде слушната и сфатена:

Вие ќе прашате: А каде се лилјаните?
И метафизиките украсени со булки?
И дождот кој често ги победува
неговите зборови, пополнувајќи ги со дупки и птици?
Ќе ви кажам сѐ што се случува со мене.

Живеев во една населба
во Мадрид, со црковни ѕвона,
со часовници, со дрва.

……………………………………

Мојата куќа ја нарекуваа
Куќата на цвеќињата, затоа што насекаде
експлодираа гераниумите: тоа беше
убава куќа
со кучиња и мали деца.

………………………………………….

Федерико, ти помниш,
од под земјата,
дали ја помниш мојата куќа со балконите на кои
светлината на јуни ги давеше цвеќињата во твојата уста?
Брате, брате!

И едно утро сѐ гореше

…………………………………………………………….

и оттогаш само оган,
и оттогаш само барут,
и оттогаш само крв
Бандити со авиони и со Маври,
бандити со боксирачи и војвотки,
бандити со црни монаси кои даваат благослови,
… продолжија да доаѓаат од небото за да ги убиваат деца,
и низ улиците, крвта на децата
течеше едноставно, како детска крв.

Ќе прашате зошто неговата поезија,
не ни зборови за соништа, за лисјата,
за големите вулкани од неговата родна земја?

Дојдете и видете ја крвта на улиците,
дојде и видете ја
крвта на улиците,
дојдете и видете ја крвта
на улиците!

Неруда потоа напишал вкупно 21 поема како реакција на војната и сите тие се дел од книгата „Шпанија во срцето“, која потоа ќе стане дел од „Third Residence“. Оваа поезија имала намера да излезе надвор од неговата културна и интелектуална читателска публика која била запознаета со неговите претходни, позатворени книги. По ова, поезијата на Неруда била печатена од војници кои се бореле на фронтот, кои користеле стара облека и наводно непријателско знаме за да ја направат хартијата. Републиканските војници ги завршиле изданијата и им ги поделиле на оние кои се бореле.

Со други зборови, поезијата била горивото за опторот, а Неруда бил само еден дел од тоа моќно движење: толку многу поети имале толку длабоко влијание на Шпанската граѓанска војна, што дури и ја нарекувале „Војната на поетите“.

Neruda And Publisher

Додека бомбите на фашистите паѓале над Мадрид, Неруда се преселил во Париз, а таму помагал во организирањето на монументален собир на писатели кој имал за цел да искаже солидарност со Републиката. Ернест Хемингвеј и Лангстон Хјуз биле меѓу учесниците. Неруда се впуштил и во неколку активистички издавачки активности како поддршка за Републиканската кауза.

Заедно со британската активистка Ненси Кунард, тој го објавил списанието „Поетите од светот го бранат шпанскиот народ“. Кунард имала машина за печатење во својата куќа. Парите од продажбата оделе за поддршка на републиканските војници кои се бореле со трупите на Франко. Собраните средства не биле големи, но посветената и искрена поддршка од оние кои придонесувале кон списанието биле гласна и кажувала сѐ што треба да се каже.

Во меѓувреме, министерот за надворешни работи на Чиле рекол дека не ги „одобрува“ активностите на Неруда во Франција. На поетот му било наредено да се врати дома и тој се вратил во октомври, 1937 година. Франко прогласил победа на 1 април 1939 година. Неговите последни напади за да ја освои Барселона и цела Каталонија воделе кон тоа над половина милион шпански бегалци да бегаат низ Пиринеите и во Франција, каде живееле во кампови и биле подложени на гладување и болести. Пријателите на Неруда му кажале за ситуацијата и го молеле да направи нешто. Поетот барал помош од новоизбраниот претседател на Чиле кој бил левичар и кој го назначил за конзул во Париз.

Во Париз, Неруда обезбедил стар товарен брод „Винипег“ и веднаш амбициозно организирал превоз на над 2000 бегалци од Париз до Чиле. Овој подвиг добил аплаузи од сите насловни страници ширум светот.

Во февруари 2018 година, Ариел Дорфман, загрижен поради силниот анти-имиграционен говор позади победата на Себастијан Пињера на претседателските избори во Чиле, напишал статија за „Њујорк Тајмс“ токму за наследството на Неруда. Иако зголемената ксенофобија и нативизмот не се страни за Чиле, Дорфман вели дека историјата на Чиле има модел за тоа „како да се однесуваш кога си соочен со странци кои бараат прибрежиште.“ Тој повторно го спомнал целиот настан и прашал: „Каде се денешните Неруди?“

294021_19_foto9_novyjjrazmer
(Неруда и Габриел Гарсија Маркес)

Како што и ние се соочуваме со нашата ера во која авторитаризмот е во подем и се појавуваат нови компликации и неправди на кои треба да им се даде отпор, останува прашањето: Дали поезијата има моќ да предизвика промена? Ние можеме на флаери да пишуваме „фрлајте поезија, а не бомби“, но тешката вистина е дека една поема не може да ги заштити сонувачите, ниту пак да ги ограничи неспособните претседатели.

А сепак, Неруда фрла светлина на тоа како потресната природа на поезијата и нејзината моќ за дестилација може да создаде промени преку кумулативен и заеднички напор: една по една, како капки кои се собираат, секој пат кога поема ќе дојде во контакт со свесноста на човекот, без оглед на тоа дали е прочитана од републикански војник во 1930 година или слушната на радио, таа ја разгорува можноста за промена во начинот на гледање на работите или кон порив за дејствување. Поезијата може да даде енергија, да информира и да инспирира.

Ова самото по себе не може да ги спречи бомбите, но кога на поезијата ќе се додадат и други директни активности на едно општествено движење: маршови, неуморно организирање, Неруда ни покажа како поезијата може да биде емоционално потентна состојка во големите трансформативни напори на отпорот.

Ефективноста на поезијата на Неруда се покажува по својата издржливост и колку често луѓето посегнуваат и ги евоцираат неговите дела како алатка за разбудување, поттикнување оддржување. Во Сан Франциско, за време на воената инвазија врз Ирак во 2003 година, зборовите на Неруда биле испишани на банери поставени на улиците: „Тиранијата ја отсекува главата која пее, но гласот од дното на бунарот се враќа кон тајните пролетни времиња на земјата и од темнината се издигнува низ устата на луѓето.“

dsc09409

Речиси по една декада, Бахиа Шехаб, египетска историчарка за уметност, ги испишала зборовите на Неруда на улиците низ Каиро за време на Арапската пролет: „Можеш да ги исечеш сите цвеќиња, но не можеш да ја сопреш пролетта.“ По пет години, за време на Женскиот марш во јануари 2017 година, истите тие зборови се појавија на постери, овојпат на шпански јазик, јазикот на кој биле напишани: „Podrán cortar todas las flores, pero no podrá detener la primavera.”

Примерите за општествена неправда, војна и заканата од губење на либералната демократија нѐ повикуваат на дејство. Неруда драстично ја има прилагодено неговата поезија како одговор на криза. На почетокот на Шпанската граѓанска војна тој ја напуштил својата пуста, интровертна експериментална поезија во корист на одлучен стил, оној кој ќе ги принуди другите да дејствуваат.

Без оглед на тоа дали сме поети, учители, читатели, активисти или обични граѓани кои се грижат за светот, и ние можеме да го промениме начинот преку кој се изразуваме. Во ера на социјални мрежи, нема потреба да ги пишуваме работите на знаме за да ја пренесеме порака на трупите на отпорот. Сите можеме да зборуваме. Сите можеме да бидеме дел од дијалогот. А поезијата може да биде дел од колективниот начин преку кој ние, со зборовите на Неруда, „објаснуваме некои работи.“ Од Неруда и другите можеме да видиме како самиот акт на себеизразување и актот на слушање се главните состојки на отпорот и на уникатната и трајна моќ на поезијата.

Извор.

 

 

 

 

 

Leave a comment