Што читаше Кафе и книги во јули?

Летните одмори се во полн ек, а и за оние кои сѐ уште не отишле никаде, книгите се вистинско бегство од секојдневниот живот. Како што е редот, на почетокот на секој месец давам осврт на книгите кои сум ги прочитала изминатиот месец. И овој месец не е исклучок од правилото, па така можеби некое од четивата ќе ви фатат око и ќе ги понесете со себе на одмор или пак ќе ги читате дома со омилениот ладен пијалок.

o-summer-reading-facebook

Па да почнеме:

„Ема“ – Џејн Остин

ИЗДАВАЧКА КУЌА: МАГОР
Оцена: 5/5
Осврт: Не е тајна дека Џејн Остин ми е омилена писателка. Едноставно нејзиниот едноставен, но прекрасен стил на пишување е невозможно да не допре до читателот. И во овој роман таа повторно е брилијантна. Приказната се врти околу Ема, разгалена и богата девојка која е многу почитувана во местото во кое живее. Таа ужива да спојува луѓе, иако самата вели дека никогаш нема да се омажи. Приказната почнува да се развива кога Ема решава да ја спои својата пријателка со господин Елиот.

Како и во секој роман на Џејн Остин, и тука имаме хумор, љубов, драма, мудрост и расветлување на човековата природа. И по повеќе од 200 години, нејзините романи сѐ уште ги чувствуваме толку блиски. Одличен роман! Одличен!

П.С. Ми се допаѓаш“ – Кејси Вест

ИЗДАВАЧКА КУЌА: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Се работи за исклучително симпатична книга. Ова е една од оние лесни книги за опуштање на мозокот, а страните летаат и без да забележите. Иако одамна не сум тинејџерка, сепак уживав во оваа тинејџерска приказна за Лили која од досада почнува да шкрта на својата клупа на часот по хемија и многу се изненадува кога следниот час гледа дека некој ѝ возвратил. Таа започнува целата мистериозна комуникација и Лили многу сака да дознае кој е оној кој ѝ ги пишува сите тие работи.

Ова е одлична книга за на плажа, би се рекло дека е од оние „лимонада“ книги, но пак ќе кажам, шармантна, исклучително забавна книга и пред сѐ е добро напишана. Топла препорака!

Англискиот пациент“ – Мајкл Ондачи

angliskiot-pacient

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Ова е една од книгите кои се навистина длабоко напишани и кои навлегуваат во откривање на човековите чувства и мисли во тешки времиња. Со право ја има добиено наградата „Букер“. Се работи за приказна за четири луѓе со четири различни судбини кои при крајот на Втора светска војна се наоѓаат во истата куќа во истото време. Ја следиме приказната на Хана, медицинска сестра се грижи за пациент чие име и потекло е познато, но некако сите почнуваат да го нарекуваат Англискиот пациент, иако немаат никакви докази дека е од Англија. Потоа им се придружуваат и Караваџо, ситен крадец кој ја познава Хана уште од нејзините рани денови и Кип, млад индиски инженер кој е задолжен за размонтирање на мините. Целата книга се движи помеѓу сегашното време и спомените од минатото, полека редејќи ги сите делови од сложувалката. Одлична книга, дејството е малку побавно, па можно е да ви треба подолго време да навлезете во приказната, но еднаш откако ќе ви тргне, нема да ја пуштите од рака.

Нежна е ноќта“ – Ф. Скот Фицџералд

Издавачка куќа: НАМПРЕС
Оцена: 4/5
Осврт: Ретко кој може да се мери со Фицџералд во однос на описите кои тој ги користи во своите романи. „Нежна е ноќта“ не е исклучок. Меланхоличноста на Фицџералд секогаш ме обземала целосно и едноставно ме влече да читам без престан. Романот ја раскажува приказната за Никол и Дик Дајвер, млад, убав пар.. Популарни и сакани каде и да одат, шармантни, духовити и забавни. На еден од своите одмори во Франција, тие се запознаваат со Розмари, млада холивудска актерка. Розмари веднаш паѓа на шармот на Дик и се заљубува во него. Но, како што минува времето, сфаќаме дека Дик и Никол немаат толку сјаен брак како што изгледа и двајцата си се соочуваат со свои демони.

Одлична книга, класик, а се смета и дека оваа книга му е најблиска на Фицџералд поради многуте сличности и паралели кои можат да се повлечат со неговиот брак со Зелда Фицџералд.

„Два света“ – Руми (предвод: Тихомир Јанчовски)

rumi
ИЗДАВАЧКА КУЌА: МАТИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Руми е еден од најголемите поети и мислители на сите времиња. Секој негов стих, секој негов збор е полн со мудрост и длабочина. Руми знае како да ги преточи сите животни вистини во стихови и да го поттикне читателот да навлезе подлабоко во својата душа. Руми ретко може да се најде на македонски јазик, па затоа ова издание ми дојде како вистинско освежување во ова спарно и тешко лето. Уживав во секој стих и како и секогаш поезијата на Руми ме поттикна да навлезам во длабочините на моите мисли и мојот живот. Прекрасно. Стиховите на Руми секогаш и во секое време ги препорачувам со цело срце!

Leave a comment