Еден од најинтересните и магични периоди во 20 век е таканаречената „Ера на џезот“ во 20-тите години на 20 век. Настрана криумчарењето на алкохол, хедонистичките ноќи во Париз исполнети со танцување и озогласени супстанци и шемите за брзо збогатување, овој период е познат и во неверојатната креативна енергија откриена преку делата на многу писатели, уметници, режисери и танчери и танчарки.
Ернест Хемингвеј, Џели Рол Мортон, Џозефин Бејкер, Пикасо, Коко Шанел, Салвадор Дали и Ф. Скот Фицџералд се најпознатите ликови од оваа повоена ера, оставајќи културно наследство коешто сѐ уште ја скокотка љубопитноста на луѓето. Една од тие личности за кои луѓето сѐ уште се интересираат е Зелда Фицџералд, сопругата на Ф. Скот Фицџералд, авторот на „Големиот Гетсби“.

За Зелда луѓето обично велеле дека е „љубовта на Фицџералд“, „мајката на неговата ќерка“, „проблематичната жена“, „музата со избувлив темперамент“ и други описи кои правеле да изгледа дека таа е само еден лик од позадината на еден голем уметник и која уживала во изреката: „Позади секој голем маж стои прекрасна жена.“ Но, Зелда не била жена за позадина. Позната по своето контроверзно однесување, Зелда знаела како да го тргне вниманието од Скот и да го префли на себе, па затоа нејзиниот живот ги фасцинира луѓето и повеќе од 70 години од нејзината смрт.
Зелда Сајр Фицџералд била родена во 1900 година во Монтгомери, Алабама. Таа се родила во богато семејство и имала луксузен живот. Зелда била шармантна девојка: интелигентна, духовита и итра, иако една од нејзините мани било тоа што постојано сакала да привлекува внимание. Во нејзините тинејџерски години, таа покажала голема наклонетост кон пишување и танцување, нешто што обожавала да го прави на популарни социјални настани на кои ги предизвикувала тогашните општествени норми со тоа што пушела цигари, пиела алкохол и флертувала со мажи.
Во еден од своите дневници од средношколските денови, таа напишала: „Јас ги возам моторите на момците, џвакам мастики, пушам цигари во јавност, танцувам „образ на образ“, пијам ликер од пченка и џин. Јас бев прва која ја направи „боб“ фризурата и се прикрадував од дома на полноќ за да пливам на месечевата светлина со момчиња од Катома Крик и потoа се појавував на појадок како ништо да не се случило.“

Многу набрзо по матурата во 1919 година, се запознала со Ф. Скот Фицџералд на една игранка. Фицџералд бил обземен од нејзиното слободно однесување и ѓаволест дух. Наводно, неговиот коментар откако се сретнале бил: „Јас ја сакам и тоа е почетокот и крајот на сѐ.“ Тој ѝ предложил брак, но бил многу подолу на општествената скала од неа и таа го одбила. Откако луѓето од издавачката куќа „Скрибнер“ решиле да ја објават неговата книга „Оваа страна на рајот“, Зелда се премислила и ја прифатила понудата.
Тие се венчале по една недела откако дебитантскиот роман на Фицџералд станал инстантен бестселер. Скот и Зелда станале познати луѓе во општеството и кои се хранеле од еуфоријата и сите останати принципи на добар живот кои раководеле со таа ера, создавајќи една лична митологија потопена во алкохол, која наскоро ќе се покаже деструктивна и за двајцата.
По две години ја добиле ќерката Франсес „Скоти“ Фицџералд. Но, многу наскоро се соочиле со финансиски проблеми поради нивните навики да трошат пари на луксузен живот, па решиле да се преселат во Франција. Тука Фицџералд ја напишал „Големиот Гетсби“, а Зелда научила да црта. Нејзиниот немирен дух и кревко ментално здравје биле држени под контрола преку цртањето и танцувањето, две работи преку кои Зелда ја канализирала својата енергија.

Таа одлучила посериозно да се занимава со танцување и решила да се запише на балет. Ова се покажало како одлична одлука, затоа што следните неколку години таа била посветена и дисциплирана балерина. Нејзините способности за танцување биле препознати и таа добила понуда да танцува со балетската група „Ројал Балет“ во Италија во 1928 година. Но, таа ја одбила оваа понуда, затоа што сакала да пишува кратки приказни.
Желбата на Зелда да пишува покажуваат дека таа била повеќе од девојка која само сакала да се забавува. Фицџералд постојано ја обвинувал за плагијаторство, велејќи дека неговите дела биле инспирација за голем дел од работите кои ги пишувала, а истовремено таа го обвинувала него за истото. Читателската публика во голем дел се согласува со тоа дека Фицџералд бил инспириран од Зелда и дека неговите дела и некои од ликовите се напишани на основа на неговите искуства со Зелда. Од друга страна, мора да се спомене дека тој препишал некои делови од нејзините дневници и ги искористил во неговите книги.
Зелда го исмевала поради ова, дури и рекла дека тој „изгледа верува дека плагијаторството почнува од дома.“ За да се спротистави на нејзиното исмевање, тој ги поткопувал нејзините книжевни амбиции, велејќи дека „Зачувај го овој валцер за мене“, единствениот објавен роман на Зелда, е неоригинален. Според него, таа употребила делови од раната верзија на неговиот роман „Нежна е ноќта“.

Но, Зелда покажувала талент за пишување уште од младоста, како што може да се забележи од нејзината наградена приказна „Санта мраз“, напишана кога имала само 18 години и објавена во книжевното списание на средното училиште во кое учела. Според „Њујоркер“, кои ја објавија приказната пред неколку години, луѓето задолжени за правата на Фицџералд биле изненадени кога дознале дека приказната постои.
Страсната приказна на Фицџералдови отишла во бездна полна со насилство, алкохолизам и јавни кавги. Менталното здравје на Зелда станувало сѐ полошо. Во 1929 година, падот на берзата влијаел на падот на нивнот екстравагантен живот и тие финансиски сосема пропаднале. Според Гардијан, „животот и богатството на Скот и Зелда сосема ги пресликувале нивните ери: во почетокот на 20-тите тие живееле прекрасно, но во со падот во 1929 година, сѐ отишло во неповрат.“
По една година, на Зелда ѝ била дијагностицирана шизофренија и патела од манијакални промени на расположение. Ова било почетокот на нејзините третмани во различни ментални клиники и санаториуми. Додека престојувала во овие институции, таа спасот го наоѓала во пишување и цртање. Започнала да го пишува својот втор роман „Работите на Цезар“ и цртала места во Њујорк, како и сцени од нејзината омилена приказна „Алиса во Земјата на чудата“.

Големата депресија и влошеното ментално здравје на неговата сопруга го уништиле Фицџералд и тој починал од срцев удар на 21 декември 1940 година, на само 44 години.
Како некоја неверојатна клетва од трагична љубовна приказна, неговата смрт била како предвестување на трагичната смрт на Зелда. На 10 март 1948 година, во клиниката во Ешвил, Северна Каролина, избил пожар. Зелда, која тогаш имала 47 години, била под седативи и заклучена во соба додека ја чекала нејзината терапија со електро-шокови. Таа загинала во пожарот заедно со уште осум други пациенти.
И така завршил животот на втората половина од еден од најпознатите парови во книжевниот свет. Тие двајцата се погребани на исто место, а на гробот ја пишува познатата реченица од „Големиот Гетсби“.

