Неколку фасцинантни факти за Џек Лондон!

Џек Лондон е еден од највлијателните американски писатели чии дела и ден денес се препрочитуваат и учат во училиштата. Тој зад себе има оставено богато наследство од своите зборови и приказни. Писателот на „Повикот на дивината“, „Железната пета“, „Мартин Идн“, „Бела канџа“ и други познати дела, сѐ уште е актуелен. Денес на блогот прочитајте неколку интересни факти за неговиот живот кои можеби и не сте ги знаеле.

unnamed

Во домот на Џек Лондон во Сан Франциско има збирка од дел од 600 одбивања што ги добил пред да продаде приказна.

Роден како Џон Грифит Чејни во 1876 година, тој никогаш не го запознал својот биолошки татко, а мајка му набргу се премажила со Џон Лондон кој го прифатил како сопствен син.

Неговата мајка се обидела да се самоубие додека била бремена со него. Кога Вилијам Чејни (биолошкиот татко на Џек Лондон) дознал дека Флора е трудна, тој ја претепал и ѝ наредил да абортира. По тој несреќен настан, таа се обидела да се самоубие. Двапати. Првиот пат се предозирала, а кога тоа не ѝ успеало, се обидела да се застрела со пиштол во глава, но пиштолот бил неисправен.

Приказната на неговите родители била јавен скандал и ги пишувало во весници. Двата обиди за самоубиство на Флора Велман Чејни биле објавени на 4 јуни 1874 година во весникот „Сан Франциско Хроникл“. Насловот бил: „Отфрлена жена“. Статијата ги разгневила локалните жители кои се свртеле против Вилијам Чејни до тој степен што некои од нив барале да го видат на бесилка. Кратко по инцидентот, Вилијам Чејни се преселил во Чикаго и никогаш не го признал како свој син. Тој тврдел дека Флора имала и други љубовници, а дека тој бил импотентен.

jacklondonage9web(Џек Лондон на 9 години)

Џек Лондон бил страстен читател. Во текот на животот собирал книги и на крај создал домашна библиотека од околу 15.000 книги, за кои велел дека се „алатките на мојата трговија“.

Тој многу пишувал и бил посветен писател кој, откако се пробил на книжевниот пазар, напишал голем број дела вклучувајќи и дистопии, авантуристички приказни, реализам, постапокалиптичка фикција и неколку томови мемоари. Во 1906/1907 година напишал и роман „Пред Адам“, кој бил објавуван како серијал во списанието „Еврибадис Магазин“. Книгата е за едно момче кое сонува дека е човек од камено доба, живеејќи „пред Адам“ (и Ева). Книгата навлегува во човековата еволуција погледнато од перспективата на фиктивната авантуристичка романса. Дарвин многу влијаел на оваа приказна. „Повик на дивината“ е приказна инспирирана од неговите авантури во Аљаска и Канада, кога со себе носел издание од „За потеклото на видовите“.

1280px-jack_london_with_daughters_bess_left_and_joan_right(Џек Лондон и неговите две ќерки од првиот брак)

Како и многу други амбициозни писатели, младиот Џек Лондон работел разни работи. Тој во различни временски периоди работел како: разнесувач на весници, новинар, рудар, a едно време бил и скитник и поради тоа и завршил во затвор откако отишол да ги види Нијагарините водопади.

Напишал дистописки роман кој влијаел на Џорџ Орвел. Романот „Железна пета“ од 1908 година се смета за првиот модерен дистописки роман, претходејќи им на „Ние“, „Храбар нов свет“, „Фаренхајт 451“ и „1984“. Романот „Железна пета“ се залага за социјализам, иако Лондон самиот тврдел дека се работи за „социјализмот на човекот од камено доба“. Дистопискиот жанр ќе стане најпознат некаде во половината на 20 век, благодарејќи на делата „Храбар нов свет“ на Олдос Хаксли и „1984“ на Џорџ Орвел, но Лондон ги предвидел општествено-политичките грижи кои се појавуваат во овие познати книги. Книгата вреди и само заради самите дебати на почетокот на книгата, кои се многу интересни.

Тој имал два брака зад себе. Првиот пат се оженил со неговата пријателка Бес Мадерн во 1900 година. Тој брак воопшто не бил од љубов, туку се случил поради нивното пријателство. Тие биле добри пријатели кои решиле да стапат во брак и да си даваат поддршка и утеха еден на друг. Но, тој план не успеал и тие се развеле по неколку години, но од тој брак произлегле неговите две ќерки. Тој подоцна се оженил со Чармијан Китреџ. Овој брак повеќе му легнал на Џек Лондон, иако не успеале да имаат деца и покрај нивните обиди.

jackandcharmianlondonhawaiiweb
(Џек Лондон и Чармијан Китреџ, неговата втора сопруга)

Тој е првиот писател во светот кој станал милионер од своето пишување. Ова можеби е малку за изненадување, имајќи предвид дека се залагал за „социјализмот на човекот од камено дома“. Тој имал претприемачки дух и желба да стекне богатство. Тој едно време се занимавал со ископување злато, иако тоа не го направило милионер, неговото пишување се покажало дека е златна кокошка. До крајот на животот тој успевал годишно да заработува повеќе од 75.000 долари само од пишување.

Никој не знае дали навистина планирал да се убие себеси. Лондон умрел од предозирање од морфиум на 22 ноември 1916 година, на 40 години. Во неговите дела често има референци за самоубиство, а во нив некои дури и ја глорифицираат идејата за тоа. Затоа многу е возможно дека Лондон сакал да си го оконча животот, но не можеме да бидеме сигурни во тоа.

Leave a comment