Замислете си еден мал средновековен град зад голема тврдина. Замокот стои на еден крај, а секаде наоколу има лозја и полиња со жито. Замислете дека зад тие ѕидови целиот град е посветен на читање и пишување. Замислете дека целиот град во суштина е една магична книжарница.

Уште едно од многуте европски чуда, оваа бајка за љубителите на книги навистина постои во Шпанија. Местото се вика Уруења и е оддалечено на само два часа од Мадрид. Градот се наоѓа во средината на средновековна тврдина и е опколен со широки полиња, а регионот се вика Кастиља и Леон. Во изминатите неколку години градот се преименуваше во Вила дел Либро, или во превод: Село на книгите.
Според пописот од 2014 година, во Уруења живеат нешто помалку од 200 луѓе. Но, жителите имаат 12 различни книжарници, што значи дека има една книжарница на околу 16 луѓе. Некои книжарници се општи, некои се специјализирани за стари и ретки книги. Една од нив се фокусира на регионот Кастиља и Леон, а друга продава само книги за деца. Има една книжарница која се вика „Ел 7 букшоп“ и е специјализирана за книги поврзани со борби со бикови. Друга книжарница се занимава со книги поврзани со вино, а има и една која се вика „Визба“ (The Cellar).

Освен книжарниците. Уруења е дом на институт за античка калиграфија кој нуди часови за старите техники на пишување кои се користеле при пишуање на старите средновековни рачно напишани томови. На друго место можете да посетите работилница која ќе ве научи како физички да создадете книга, како да ги споите страниците и кориците и општо целиот процес поврзан со создавање на книгата.
Во Уреља има 5 одлични музеи. Има Музеј на книгата и пишување и Музеј на приказните. Постои и Етнографски музеј кој го води Хоакин Диаз, локален учител кој предава регионален фолклор. Овој музеј е сместен во една стара куќа од 18 век. Четвртиот музеј е Музејот на музика кој е дом на антички и вредни инструменти од Европа и светот. И на крајот Центарот Е-Леа организира изложби и предавања за книжевност и пишување.

Иако веќе било центар за учење и историја, луѓето од ова гратче донеле свесна одлука да станат Вила дел Либро во 2007 година. Уруења стана членка на Меѓународната организација на книжевни градови и го обликувала своето ребрендирање според градовите како Хај-он-Вај во Велс и Бреведорт во Холандија каде десетици илјади туристи секоја година доаѓаат за да ги посетат книжевните фестивали или за да ги разгледат книжарниците кои продаваат стари книги. Засега Уруења е единствениот меѓународно признат „книжевен град“ во Шпанија.

Уруења на годишно ниво привлекува околу 40.000 љубители на книги. Тие минуваат низ широките полиња во Кастиља за да разгледуваат стари томови, да слушаат предавања за пишување и да одат на часови за калиграфија и секако меѓусебно да разговараат за магијата на книгите.
Мислам дека веќе си ја најдовме следната дестинација за одмор, зарем не?
