Како сопругата на Стивен Кинг му ја спасила кариерата?

Во 1973 година, Стивен Кинг немал денар во џебот. Живеел во приколка и возел стар автомобил кој бил лепен со самолеплива лента и поврзуван со жици. Таби, жената на Кинг, работела втора смена во „Данкин Донатс“, додека тој предавал англиски јазик во приватното средно училиште „Хемпден Академи“.

За да може да преживее, за време на летниот распуст работел во индустриска перална, работел повремено како чистач, а едно време точел бензин на бензинска пумпа. Тој имал две деца кои требал да ги прехрани, а немал ниту пари, ниту пак време за да може да седне и да напише нешто.

tabitha-king-2

Кинг не можел да си дозволи ниту машина за пишување, морал да ја користи машината на сопругата уште од нејзините времиња на факултет. Таа направила импровизирано биро во нивната перална, сместувајќи го меѓу машината за перење и сушалната. Секоја вечер, додека Таби менувала пелени и правела вечера, Кинг ги игнорирал неоценетите тестови во неговата актовка и се заклучувал во пералната за да пишува.

Но, раните обиди не ветувале многу. Тој ги праќал своите кратки приказни на многу списанија за мажи како „Плејбој“, „Кавалер“ и „Пентхаус“. Понекогаш ќе му се посреќело, па одвреме-навреме, чек со мала сума пари ќе се појавел во неговото сандаче. Но, тоа биле доволно пари за семејството Кинг да не мора да живее од социјална помош.

Еден ден, директорот на одделот за англиски јазик во училиштето во кое работел му дал многу примамлива понуда на Стивен Кинг. Дебатниот клуб имал потреба од нов училишен советник и тој нему ја понудил таа работа. Таа работа би му донела уште дополнителни 300 долари, што не било многу, но и тоа било нешто што не требало да се занемари.

Можноста за дополнителен приход го примамило Кинг и кога дошол дома, верувал дека Таби ќе го има истиот ентузијзам. Но, таа не била баш убедена, па затоа го прашала: „Ќе имаш време за пишување?“ Тој ѝ одговорил: „Па, не баш.“ Тогаш таа му рекла: „Е па тоа значи дека не можеш да ја прифатиш позицијата.“

И така Кинг ја одбил работата. На крај тоа се покажало како добра одлука. За помалку од една година тој и неговото семејство ќе се откачат од животот во приколката благодарејќи на неговиот бестселер „Кери“.

Приказната на Стивен и Таби

Парот секогаш се шегува дека Стивен се оженил за Таби само затоа што таа имала машина за пишување.

Во 2003 година, Стивен Кинг на шега изјавил: „Тоа е само делумно вистинито. Се оженив за неа затоа што ја сакав и затоа што се сложувавме во креветот, но и надвор од него. Иако, машината за пишување беше фактор.“

stephen-king

И двајцата немале многу пари додека растеле. Кога Кинг имал две години, неговиот татко излегол до продавница по цигари и никогаш не се вратил и ја оставил мајка му на Кинг сама да одгледува две момчиња. Од друга страна, Таби била едно од осумте деца во едно скромно католичко семејство. Двајцата се сретнале во 60-тите години на 20 век, додека биле на факултет во Универзитетот во Мејн, се заљубиле додека оделе на нивните поетски читања и се венчале по дипломирањето. За свадбената церемонија Кинг морал да позајми одело, вратоврска и чевли, бидејќи немал пари самиот да ги купи овие работи.

И двајцата сонувале дека ќе станат писатели, но во првата заедничка година тие собрале цела збирка од одбивања. Таби била првата која напишала книга, збирка поезија „Полигаво“, за која издавачите велеле дека им се допаѓа, но не доволно за да ја објават. И Стивен немал некоја среќа. Тој напишал три романи кои едвај излегле од неговото биро. (Ракописите на „Бес“, „Долгата прошетка“ и „Пламен“ ќе бидат издадени по многу години)

Но, Кинг почнал да се пробива во списанијата за мажи. Повеќето негови приказни биле објавувани помеѓу страниците со голи жени во списанието „Кавалер“, списание кое објавувало приказни и на Исак Асимов, Реј Бредбери и Роалд Дал. Од некоја причина, научната фантастика и хорор приказните оделе рака под рака со сликите на русокоси голи жени со раширени нозе и поради тоа Кинг добил лоша репутација дека е писател за мажи и добивал остри критики од своите читатели. Еден од коментарите бил: „Ти пишуваш за сите овие мачо работи. Но, не можеш да пишуваш за жени. Ти се плашиш од жени.“

Кинг го сфатил ова како предизвик и жарчето кое го поттикнало создавањето на „Кери“ се распламтило.

Создавањето на „Кери“

За оние кои не знаат, „Кери“ е приказна за Кери Вајт, средношколка која може да контролира предмети со својот ум. Еден ден, на часот по физичко, таа добива менструација. Постојано штитена од својата претерано религиозна мајка, таа не знае што се случува со неа, мисли дека ќе искрвари до смрт. Силеџиите ја малтретираат и исмеваат Кери, но нејзините хормони ѝ дотураат телекинетички моќи и таа ги користи за да им се одмазди на децата кои прават пекол од нејзиниот живот.

carrie40th

Идејата за книгата ја добил додека си фантазирал преку ден. Тој запомнил некоја статија за телекинетика во списанието „Лајф“, во која се велело дека доколку таа моќ постои, би била најсилна кај тинејџерки и млади девојки. Искуството на Кинг како чистач исто така му прошло низ ум, особено денот кога требал да ја чисти женската соблекувална. Тој дотогаш никогаш не бил во женски тоалет, па кога видел тампони се чувствувал како да стапнал на некоја далечна планета.

Овие два спомени се споиле и Кинг знаел дека би можел да напише добра кратка приказна за „Кавалер“, а можеби и за „Плејбој“. Магазинот на Хеф носел повеќе пари, а неговиот автомобил плачел за поправка.

Кинг ја создал Кери Вајт според двете најосамени девојки кои ги помнел од средно училиште. Едната била срамежлива епилептичарка која флегматично мрморела. Нејзината мајка имала закачено распетие во природна големина во нејзината дневна соба и Кинг верувал дека самата помисла на тоа ја следела и додека одела низ ходниците. Другата девојка била самотник. Постојано ги носела истите алишта и децата ужасно ја исмевале поради тоа.

Додека Кинг ја пишувал приказната и двете девојки веќе биле мртви. Првата девојка умрела сама откако имала епилептичен напад. Другата девојка страдала од постпородилна депресија и еден ден земала пушка и се застрелала во стомакот. Подоцна, кога Стивен Кинг размислувал за тоа како луѓето се однесувале со двете девојки, изјавил: „Многу ретко во мојата кариера имам навлезено во толку невкусна и ужасна територија.“

carrie_0_0

Овие трагедии ја направиле оваа книга уште потешка за пишување. Кога Кинг започнал да пишува, тој напишал три страни, луто ги згужвал и ги фрлил во кантата за ѓубре. Тој се разочарал од себеси. Си мислел дека неговите критичари се во право: Тој не знае да пишува од женска перспектива. Му се гадело од целата приказна. Кери Вајт во неговите очи била иритантна жртва. Уште полошо, заплетот се движел многу бавно, а тоа значи дека завршениот производ ќе биде предолг за списание.

Во својот мемоар „За пишувањето“, Кинг вели: „Не можев да се замислам себеси како губам две недели, можеби и месец, создавајќи роман кој ниту ми се допаѓаше, ниту пак ќе можев да го продадам. И го фрлив тоа што го имав напишано. На крајот на краиштата, кој би сакал да чита книга за сиромашна девојка со менструални проблеми?“

Следниот ден, Таби отишла да ја испразни кантата за ѓубре од пералната и пронашла три згужвани листови. Ги собрала, ја истресла пепелта од цигарите од нив и ги одвиткала страниците. Кога Кинг се вратил од работа, таа сѐ уште ги чувала листовите.

Таа му рекла: „Има тука нешто. Мислам дека навистина има.“ Во следните неколку недели, Таби го водела својот сопруг низ светот на жените, давајќи му совети околу ликовите и познатата сцена во тушот. По 9 месеци, Кинг конечно ја избрусил последната верзија.

30 издавачи ја одбиле оваа книга.

Конечното издавање

Еден ден, додека Кинг уморно прегледувал тестови во професорските канцеларии, посакувајќи да си прилегне, го слушнал гласот на училишната секретарка:

„Стивен Кинг, дали сте тука?“

Тој одговорил потврдно и таа му рекла: „Ве молам дојдете во канцеларијата. Имате телефонски повик од Вашата сопруга.“

Кинг нервозно и брзо се упатил кон канцеларијата, бидејќи неговата жена никогаш не го барала на работа. Таа всушност никаде не го барала, затоа што тие немале телефон. Се откажале од телефонот за да заштедат пари. За да може да се јави некаде, Таби би морала да ги облече децата, да ги однесе до соседната куќа и оттаму да се јави. Целата таа мака значи дека се случило нешто или прекрасно или ужасно. Тој ја кренал слушалката и одеднаш и двајцата биле без здив. Кога си дошле малку на себе, таа му рекла дека Бил Томпсон, издавачот од „Даблдеј Паблишинг“, им пратил телеграма со следната содржина:

„ЧЕСТИТКИ. „КЕРИ“ ОФИЦИЈАЛНО СТАНА КНИГА НА „ДАБЛДЕЈ“. ДАЛИ АВАНС ОД 2500 ДОЛАРИ Е ОКЕЈ? ИДНИНАТА Е ПРЕД НАС. СО ЉУБОВ, БИЛ.“

dvm9ltnvaaau3_l

Тој конечно се пробил! Иако авансот од 2500 долари не била сензационална сума, барем не доволна за да се откаже од работата и целосно да се посвети на пишувањето, но тоа дотогаш била најголемата сума пари која ја добил од пишување. Тој ги искористил тие пари за да купи нов автомобил и го преселил семејството од приколката во стан со четири соби во Бангор, Мејн. Одеднаш имале пари за да купат намирници за дома, а можеле да си дозволат и телефон.

Кинг се надевал дека ќе продолжат да му легнуваат уште пари на сметка, но  изданието на „Кери“ кое било со тврди корици се продало само во 13.000 примероци. Оваа бројка го убедила неволно да го продолжи договорот за работа за следната училишна година. Тој почнал да пишува нова книга и до следниот Ден на мајката, тој верувал дека толку ќе биде од „Кери“ и речиси заборавил на книгата.

Еден телефонски повик променил сѐ. Бил Томпсон повторно бил на другата линија и му рекол: „Дали седиш?“

Кинг бил сам дома, стоел помеѓу кујната и дневната соба и му рекол: „Треба да седнам?“

Томпсом му одговорил: „Би можел. Правата за изданието со меки корици на „Кери“ отидоа кај „Сигнет букс“ за 400.000 долари. 200.000 долари се твои. Честитки, Стивен!“

239184482583e5d781ce02bac6bac014

Колената почнале да му се тресат, седнал на подот, се тресел од возбуда како да добил на лото (на некој начин и добил), а дома немало никој за да ја сподели возбудата. Таби била со децата кај нивната баба. За да прослави, тој сметал дека мора да ѝ купи подарок на Таби по повод Денот на мајката. Сакал да ѝ купи нешто луксузно, нешто незаборавно. Отишол во центарот на градот, но било недела и сите продавници биле затворени, освен некоја локална аптека. И затоа го купил она што било најдобро внатре: фен за коса!

И така, Кинг престанал да предава, Таби престанала да продава пецива. По три години, Кинг ѝ купил уште еден подарок. Отишол во „Картиер“ во Њујорк и ѝ купил свршенички прстен иако веќе шест години биле во брак.

Инстантен хит

Изданието со меки корици се продало во милион примероци уште во првата година од издавањето и покрај измешаните критики. „Њујорк тајмс“ биле импресионирани, особено имајќи предвид дека се работи за дебитантски роман, додека баш „Лајбрари Журнал“ го нарекол романот „ужасно натрупан“. Некаде во средината се наоѓале луѓето од „Вилсон лајбрари журнал“ кои напишале: „Се работи за ѓубре, но уживав.“ По 40 години, Кинг е многу критичен кон своето првенче: „Ме потсеќа на колаче испечено од првоодделенец. Доволно вкусно, но недопечено, а сепак малку изгорено на крајчето.“

Но, читателската публика била воодушевена, затоа што „Кери“ станала вистински хит. Со романот особено се поврзале тинејџерите и возрасните кои го познавале чувството да бидеш самотник и да не можеш да се вклопиш во средината. Во 1975 година книгата била екранизирана и филмот доживеал успех, а по една декада филмот си добил и продолжение, а во 2013 година имаше уште една екранизација. Приказната била прилагодена и за телевизија и за театар, иако во 1988 година претставата на Бродвеј не била добро прифатена од јавноста.

carrie-2

Кинг ја создаде „Кери“ и „Кери“ го создаде Кинг. Денес Кинг е на 19. место на листата на најпродавани писатели на сите времиња и има добиено многу признанија и награди. На една церемонија тој држел говор и кога говорел не зборувал ниту за пишувањето, ниту за успех или пари. Тој зборувал за жената која ја спаси „Кери“ од кантата за ѓубре и го туркала да продолжи – Таби.

„Во животот на повеќето писатели има периоди кога се ранливи, кога соништата и амбициите од детството делуваат бледо на суровото сонце на она што ние го нарекуваме вистинскиот свет. Накратко, има период кога работите можат да тргнат во секаква насока. Тоа ранливо време за мене беше во периодот од 1971 до 1973 година. Ако мојата жена тогаш со целата своја љубов, добрина и нежност ми предложеше дека е време да си ги оставам соништата на страна и дека треба да го издржувам семејството, јас ќе го направев тоа без да се побунам.

Но, таа мисла никогаш не ѝ мина низ главата. И ако отворите кое било издание од „Кери“, секогаш ќе ја прочитате истата посвета: „Ова е за Таби, која ме вовлече, а потоа ме извлече.“

Извор.

Leave a comment