Денес свечено ќе бидат отворени Струшките вечери на поезијата, најпознатиот поетски фестивал во светот. Како и секоја година, претпладнето е резервирано за садење дрво и поетско читање во чест на добитникот на Златниот венец кој оваа година оди во рацете на полскиот поет Адам Загајевски.

Оваа година Струшките вечери на поезијата ќе се одржуваат од 22 до 27 август и како и секогаш нудат интересни содржини и интересна програма за сите вљубеници во поезијата.
Струшките вечери на поезијата официјално ќе бидат отворени вечерва, со традиционалното читање на „Т’га за југ“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата во Струга.
Низ текот на овие неколку денови ќе има богата и разновидна програма, а доколку сте во можност да бидете во Струга во овој период или планирате да одите на некој од настаните, погледнете ја целосната програма на СВП каде можете да се информирате за распоредот на настани.
Дел од програмата е и омаж и чествување на ликот и делата на Лилјана Дирјан, Матеја Матевски и Милан Ѓурчинов кои за жал нѐ напуштија годинава.
На 26 август ќе има меѓународно поетско читање и токму тогаш ќе бидат врачени наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови“.
Подолу погледнете дел од атмосферата на традиционалното засадување дрво и следете ја официјалната страна на Струшки вечери на поезијата за повеќе информации и новости.
