Не е тајна дека „1984“ од Џорџ Орвел е една од моите омилени книги. Често се трудам да најдам интересни содржини поврзани со оваа книга и сакам да ги споделувам на блогот. Пред неколку дена налетав на оваа интересна статија на Петра Мајер која мислам дека ќе го задржи вашето внимание и ќе ве поттикне да ја препрочитате оваа прекрасна книга или во најмала рака да се решите да ја почнете да ја читате.
Во продолжение прочитајте ја статијата на македонски јазик, а најдолу има линк кој ве води до оригиналната статија на англиски јазик.

Беше ведар, жежок ден во јуни. А можеби и јули. А стрелките дефинитивно не отчукуваа тринаесет часот, затоа што тие не го прават тоа во оваа држава.
Но, тоа беше летото 1984 година. Имав 9 години и мојот татко ми даде едно старо избледено книжуле со зелена и бела корица. Неговиот примерок на „1984“ од Џорџ Орвел од неговите студентски денови. Ми рече: „Еве, мислам дека си подготвена за оваа книга.“ Мојот татко секогаш имаше чудна пренапумпана замисла за моите интелектуални способности.

Но, јас бев маѓепсана, уште од првиот миг. Имам една теорија дека некои книги, оние со кои се среќавате кога сте деца и одново и одново ги препрочитувате, некако стануваат дел од вашата умствена ДНК, па така сѐ што правите подоцна во животот содржи далечни референци од тоа што сте го читале, кој и да било текст: туби со шеќерни таблети во продавницата, мистериозно месо во средношколската менза, црвени шалови, стаклени држачи на хартија, студени априлски денови, бројот 101 во кој и да било контекст; толку многу работи ја носат со себе возбудата од таа поврзаност.
Кога првиот пат ја прочитав, не е дека воопшто нешто разбрав во однос на тоа што по ѓаволите се случува во „1984“. Но, длабоко бев вовлечена во чудниот сив свет на Орвел, толку различен од шарените 80-те години во Америка. За 9-годишно девојче на кое постојано ѝ даваа романи полни со фантазија, способноста на Орвел да создаде свет беше нешто што многу ме привлече. Глетките, звуците и за жал понекогаш мирисите на „Ерстрип Уан“ беа чудни, но вивидно реални.
И тоа е поентата: Толку бев обземена со тој свет, што одново и одново го посетував, барем еднаш годишно додека бев на факултет. Секојпат кога ќе ја препрочитам, за мене повторно нешто ново излегува од тие страници.

Првиот пат беше трагедијата на Винстон и Јулија и начинот на кој љубовта понекогаш е само наивност.
И тогаш, кога имав 12 години, мојот татко, поранешен професор по политички науки, ми го објасни тоталитаризмот и јас во суштина бев импресионирана од сама себе што воопшто можам да го изговорам зборот, а не пак да го разберам концептот, но тоа ми додаде уште една димензија на четивото кое ми стана омилена книга.
На следното препрочитување, почнав да го разбирам начинот преку кој јазикот ја формира мислата и како злобната Партија на Орвел е решена да ги избрише концептите како слобода со тоа што ќе ја острани можност да се зборува за нив – можни идеи за еден млад писател.
И конечно, некаде во моите доцни тинејџерски години, се фатив себеси како ги читам поглавјата од „Книгата на Голдстајн“, наместо да ги прескокнувам поради тоа што се прекомплицирани и целата структура на општеството изградено да постои во постојана воена состојба си дојде на свое место. Тука беа идеите кои го движеа светот со кој бев толку фасцинирана и почнаа застрашувачки да имаат логика.
Придавката „орвелски“ премногу често се користи и сите ја расфрлаат насекаде. Стана такво клише што интензивноста на оригиналното искуство, слоевите на мисла и значење можат да се изгубат во целата бучава, па затоа ве поканувам да си земете столица, да си наточите чаша џин и да нурнете. И вие, исто така, ќе се најдете себеси како се препелкате по тој величествен ходник. И вие, исто така, ќе го сакате Големиот брат.
