Кои се омилените книги на Боб Дилан?

Кога ја доби Нобеловата награда во 2016 година, Боб Дилан одговори на свој начин: цели две недели не даде никаков коментар, ги игнорираше повиците на Академијата, не се појави на церемонијата и си ја зема наградата после четири месеци носејќи дуксер. Но, правилото на Академијата е дека ако добитникот сака да ги добие парите од наградата, мора да одржи говор или предавање во рок од шест месеци по церемонијата и на крај Дилан сними 27-минутно предавање за книжевноста.

Тука можете да прочитате повеќе за неговиот говор, со цитати од главните поенти на говорот, вклучувајќи ги и оние извадоци во кои зборува за книгите кои влијаеле на него.

Иако Дилан секогаш бегал од признанијата дека е поет (позната е неговата изјава дека тој е „човек на песната и танцот“), неговата музика многу често има влијание и црпи инспирација од книжевноста, најчесто од романтичарите, раниот јужњачки фолклор и бит-генеранцијата. Неговите песни често цитираат и референцираат дела од други писатели, а за тоа има изјавено дека „во фолкот и џезот, цитирањето е богата традиција.“

Со оглед на тоа дека за него голема инспирација биле Керуак и останатите, тој изјавил: „Јас излегов од дивината и едноставно природно влегов во бит-сцената, меѓу боемите и сѐ тоа беше меѓусебно поврзано. Џек Керуак, Гинсберг, Корсо, Ферлињети… Сосема навлегов во тоа и беше магично. Тоа имаше влијание на мене исто како што имаше и Елвис Присли.“

Во продолжение прочитајте ги книгите што најмногу влијаеле на Боб Дилан:

„Животот и времињата на Сони Барџер и моторџискиот клуб „Пеколните ангели“ – Сони Барџер

Боб Дилан: „Јас не знаев кој сум, сѐ додека не ја прочитав книгата на Сони Барџер.“

„Совеста на повторното оживување на фолкот: Писанијата на Израел „Изи“ Јанг“ – Скот Барета

„Разделувајќи ги водите: Америка во кралските години 1954 – 1963“ – Тејлор Бренч

„Гол ручек“ – Вилијам С. Бароуз

Приказните на Антон Чехов

„За војната“ – Карл фон Каусевиц

Интересен факт: Дилан има кажано дека „Клаусевиц на некој начин е пророк“ и неговото пишување прави „да ги сфаќаш своите мисли малку помалку сериозно“.

„Победа“ – Џозеф Конрад

„Комплетна збирка на поезија и проза“ – Џон Дон

„Антологија на француската поезија“ – Ангел Флорес

„Џери Гарсија: Собрани дела“ – Џери Гарсија (Предговорот е напишан од Боб Дилан)

„Урлик, Кадиш и други поеми“ – Ален Гинсберг

Боб Дилан: „Човек, Ален не мора да ја пее „Кадиш“. Ме сфаќаш што сакам да кажам? Само треба да ја остави така. Тој е единствениот поет кој го знам. Не можам навистина да ви ги објаснам моите чувства за него, затоа што се целосни. Тој е единствениот човек чие пишување го почитувам, човек кој сосема пишува. Тој не мора да пишува ништо. Ален Гинсберг, тој е светост.“

„Недоразбирање од милион долари“ – Роберт Говер

Боб Дилан: „Имам пријател кој напиша книга која се вика „Недоразбирање од милион долари“ и се работи за извонреден студент, дечко кој членува во братство и 14-годишна афроамериканска проститутка и во книгата има само два дијалози. Едното поглавје е за тоа што прави тој, а следното е тоа како таа го гледа него. Тој кажува нешто што е вистина. Дечкото кој ја напиша книгата, не можеш да го дефинираш. Тој не може да се дефинира.“

„Белата божица“ – Роберт Грејвс

„Ринголевио: Живот за чување“ – Емет Гроган

„Последниот воз за Мемфис: Подемот на Елвис Присли“ – Петер Гуралник

„Врзан за слава“ – Вуди Гутри

Боб Дилан: „Поминав низ книгава, од прва до последна страница, како ураган, сосема фокусиран на секој збор и книгата ми пееше како да е радио. Гутри пишува како вител и човек се сопнува од звукот на зборовите. Земете ја книгата во раце на кое било место, свртете која било страна и тој веднаш почнува. „Врзан за слава“ е ѓаволски добра книга.“

„Одисеја“ – Хомер

„Тагата од Мексико Сити“ – Џек Керуак

Боб Дилан: „Некој ми ја даде „Тагата од Мексико Сити“ во Св. Пол во 1959 година. Сосема ми го разнесе умот.“

„На пат“ – Џек Керуак

Боб Дилан: „На пат“ забрзува како експресен воз. Цело време има движење и страствени инстинкти кои оживуваат како да се возите во воз. Керуак се движи толку брзо со своите зборови. Нема неодреденост. Тоа беше многу симболично во тоа време. Се фаќаш и скокаш на возот и патуваш со него и сѐ држиш за својот живот.“

„Пропусници за бекстејџ и копилиња кои забиваат нож во грб“ – Ал Купер

„Земјата во која се роди блузот“ – Алан Ломакс

„Господин Џели Рол: Среќата на Џели Рол Мортон, Њу Орлеанс Креол и „Создавателот на џезот“ – Алан Ломакс

„Девојката од Северната држава“ – Конор МекФирсон

„Моби Дик“ од Херман Мелвил 

Боб Дилан: „Моби Дик“ е фасцинантна книга, книга полна со сцени со многу драма и драматичен дијалог. Јадицата има барања од вас. Заплетот е многу едноставен. Мистериозниот капетан Ахаб, капетан на бродот наречен „Пиквод“, егоманијак со дрвена нога го брка својот непријател, големиот бел кит наречен Моби Дик, китот поради кој ја изгубил ногата. Тој го бара од Атланскиот океан сѐ до Индискиот океан.  Тој го брка китот од едниот до другиот крај на планетата. Се работи за апстрактна цел, ништо конкретно, ниту конечно. Тој го нарекува Моби император, го гледа како олицетворение на злото. Ахаб има жена и дете кои го чекаат дома и одвреме-навреме се сеќава на нив. Може да предвидите што ќе се случи.“

„Раковиот напоредник“ – Хенри Милер

Боб Дилан: „Мислам дека е најдобриот американски писател.“

„Вуди Гутри: Радикалниот американски патриот“ – Бил Ноулин

„Длабокиот блуз: Музичката и културната историја на утоката на Мисисипи“ – Роберт Палмер

„Целосен пристап: Рокенрол фотографирањето на Кен Реган“ – Кен Реган

„Ништо ново на Запад“ – Ерих Марија Ремарк

Боб Дилан: „ „Ништо ново на Запад“ е хорор приказна. Ова е книга преку која го губиш твоето детство, твојата верба во свет кој има смисла и твојата грижа за поединците. Се браниш себеси од елиминација. Те бришат од лицето на земјата. Некогаш си бил невин млад човек со големи соништа да бидеш концертен пијанист. Некогаш си го сакал животот и светот, а сега го распрснуваш на парчиња.“

„Оксфордската книга за англиската поезија“ – Кристофер Рикс

„Одбрана поезија“ – Рајнер Марија Рилке

„Едно време во пеколот и пијаниот брод“ – Артур Римбауд

„Збирка од стихови од блузот“ – Ерик Сакхејм

„Признанијата на Јакуза“ – Јуничи Сага

„Американската вреќа со песни“ и „Одбрани песни“ – Карл Сандбург

„Златните години на Ритам&Блуз“ – Арнолд Шо

„Плодови на гневот“ – Џон Штајнбек 

Интересен факт: Додека бил средношколец, Боб Дилан напишал есеј од 22 страници во врска со оваа книга, а професорот му ставил 4.

„Песнарката на Дејв Стјујарт: Приказните позади песните“ – Дејв Стјујарт

Интересен факт: Предговорот го има напишано Боб Дилан.

„Војна и мир“ – Лав Толстој

„Поеми“ – Хенри Тимрод“

„Мајкл Блумфилд: Подемот и падот на американскиот херој на гитара“ – Ед Ворд

„Лисја од трева“ – Волт Витман

„Историја на Пелопонеската војна“ – Тукидид

Боб Дилан: „Наратив кој ќе направи да ве полазат морници. Напишана 400 години п.н.е и зборува за тоа како човековата природа е секогаш непријателот на сѐ што е супериорно. Тукидид пишува за тоа како зборовите во негово време го промениле нивното оригинално значење, како дејствата и мислењата можат да се променат додека да трепнеш. Изгледа како ништо да не се променило од неговото до моето време.“

Извор.

 

Leave a comment