Што читаше Кафе и книги во август?

Летото почнува да ја губи својата сила и полека се подготвува да му го отстапи своето место на есента. Доколку ме прашувате мене, есента е едно од најубавите годишни времиња и прекрасно годишно време за читање многу книги. Како и секој месец, почетокот на месецот е резервиран за препораки и листата на книги кои ги прочитав изминатиот месец.

Во продолжение прочитајте ја листата:

Оркански височини“ – Емили Бронте

125_21_23_15__18__6_2013orkanski-visocini-final-copy-copy

Издавачка куќа: МАГОР
Оцена: 5/5
Осврт: „Оркански височини“ е книга која секој човек треба да ја прочита неколку пати во животот. Летово си дадов задача да ја препрочитам и одново бев воодушевена. Овојпат ја прочитав на англиски јазик, затоа што сакав да ја доживеам во оригиналната верзија. Сѐ уште сум маѓепсана од стилот на пишување на Емили Бронте и начинот на кој ја изнесува целата приказна за Кети и Хитклиф, заедно со сите останати ликови кои се преплетуваат. Ова е една од најпознатите љубовни приказни на сите времиња, Кети и Хитклиф се запознаваат како деца, кога таткото на Кети решава да му даде дом на сирачето Хитклиф и го третира исто како и останатите деца. Кети веднаш се приврзува за Хитклиф, но нејзиниот брат е љубоморен и постојано го понижува. По смртта на татко им, братот на Кети го сведува Хитклиф на ниво на слуга и Кети решава да се омажи со богатиот сосед, мислејќи дека само така ќе може да му помогне и на Хитклиф, кој е бесен, си заминува и се враќа по неколку години решен да им се одмазди на сите.

Целата приказна е неверојатно мрачна, а меланхолијата и темната атмосфера ве обземаат уште со првата реченица. Неверојатна книга, која е уште пофасцинантна поради слободниот јазик и изразувањето со кое се опишуваат одредени настани, нешто што во тоа време било сосема невообичаено. Има причина поради која овој роман се смета за ремек-дело и тоа сосема оправдано. Доколку ја немате прочитано, ви препорачувам веднаш да го сторите тоа, а доколку веќе ја имате прочитано, секогаш е одлично време да ја препрочитате уште еднаш. Исто така препорачувам да ја прочитате книгата на англиски јазик, верувајте дека искуството е неверојатно. На англиски јазик можете да ја најдете во ИКОНА и во АКАДЕМСКА КНИГА.

Уна и Селинџер“ – Фредерик Бегбеде

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Една од работите за кои навистина жалам е што не започнав порано да го читам Бегбеде. Откако ја прочитав „Љубовта трае три години“, решив да ги прочитам и другите книги од Бегбеде. И така, „Уна и Селинџер“ падна во мои раце.

Книгата е одлична! Одлична. Прекрасно напишана и едноставно ве обзема. Инаку, се работи за врската на Уна О’Нил и Џ.Д Селинџер и се работи за вистинска приказна. Оваа книга навистина ќе им се допадне на обожавателите на Џ.Д.Селинџер и „Игра во ‘ржта“. И покрај тоа што кратко време биле во врска, а потоа Уна завршила со Чарли Чаплин, сепак оваа врска останува врежана во срцето на Селинџер.

Книгата го следи редоследот по кој настаните се случуваат, иако одредени моменти се надополнети со креативноста и фантазијата на Бегбеде, особено онаму каде што тој не можел да најде доволно историски извори. Во секој случај, прекрасна книга и топло ја препорачувам. Она што ја прави оваа книга толку интересна е што и по раскинувањето, Бегбеде одлично го прикажува паралелното развивање на нивниот живот, Уна и нејзиниот живот со Чаплин од една страна, а од друга страна, кутриот Селинџер во борбените редови на Втората светска војна. Дополнително начнува и други интересни теми кои ќе ве замислат!

Поштарот секогаш ѕвони двапати“ – Џејмс М. Кејн

Издавачка куќа: ИКОНА
Оцена: 5/5
Осврт: Оваа кратка, но исклучително моќна и одлично напишана книга ќе ве обземе уште од првата страна. Човек има чувство дека страните сами летаат и не чувствувате дека времето минува, едноставно целосно сте влезени во светот кој Кејн го создава за вас.

Главен лик во книгата е Френк, скитник без постојана работа, кој случајно застанува да јаде во една гостилница покрај автопатот. Газдата на гостилницата му приоаѓа и му нуди работа која тој ја прифаќа. Но, за кратко време, тој започнува љубовна врска со неговата сопруга. Тие двајца се впуштаат во страсна врска која многу бргу излегува од контрола.

Оваа книга е една од најзначајните книги во криминалистичкиот жанр и прави пресврт во жанрот. Насилството и љубовните сцени биле толку интензивни за тоа време, што книгата била забранета во Бостон. Иако, од денешна перспектива и денешно време (книгата е објавена во 1934 година), тие сцени се далеку од контроверзни. Топло ја препорачувам книгава, а ако ви треба дополнителен поттик за да ја прочитате, тогаш треба да знаете дека оваа книга го инспирирала Ками да го напише неговиот најпознат роман, „Странецот“.

Пат кон бескрајот: Мојот живот со Стивен Хокинг“ – Џејн Хокинг

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 2.5/5
Осврт: Ова е книгата според која е создаден филмот „Теоријата на сѐ“ за кој Еди Редмејн го доби Оскарот за главна машка улога. Книгата е автобиографија на поранешната сопруга на генијалниот научник Стивен Хокинг, која раскажува за нивните младешки денови, како се запознале, како се венчале, а ги опишува и сите предизвици и тешкотии со кои се соочувале.

Можеби ќе ве изненади релативно ниската оцена, но тоа е од неколку причини. Јас имав поинаква замисла за тоа како ќе тече книгата (плус го немав гледано филмот) и излезе нешто сосема поинаку од мојата замисла. Има делови кои се интересни, особено анегдотите од типот на тоа кога отишле во Москва во екот на Студената војна и младешките денови, но поголемиот дел од книгата е млак. Ако очекувате да дознаете нешто повеќе за неговата генијалност, тогаш намалете ги очекувањата. Има сосема непотребни делови во книгата кои траат предолго, како на пример уредувањето на куќите и слично.

Иако нивната приказна е навистина трогателна, оваа книга не успева до крај да ги истакне клучните моменти од нивниот однос, ниту пак дава поголем увид во животот на Стивен, освен тешките околности кои им се случиле на двајцата, за кои повеќето веќе знаат. Друг проблем се многуте печатни грешки и грешки во лектура или преведување кои на моменти навистина вадат од такт. Се надевам дека во следното издание ќе ги поправат истите.

Но, дајте ѝ шанса на книгата, затоа што има моменти кои вредат да се прочитаат.

Тарантула“ – Боб Дилан

839_1_57_20__11__3_2018tarantula-3d

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Осврт: За оваа книга одлучив да не ставам оцена затоа што навистина не знам како да ја оценам. Доколку сте обожавател на бит-генерацијата (Керуак, Бароуз, Гинсберг), тогаш големи се шансите да ви се допадне. Не е тајна дека Боб Дилан е голем обожавател на бит-генерацијата и тие многу влијаеле на него. Целата книга е екстремно експериментална, микс на проза и поезија. Но, не очекувајте многу смисла и тек, едноставно Дилан го запишувал она што му паднало на ум и она што го инспирирало во дадениот момент.

Секој обожавател на Дилан треба да ја прочита оваа книга, но и оние кои се љубопитни да навлезат малку во умот на Нобеловецот. Моја препорака е да ѝ пристапите на книгата без очекувања и со отворен ум, а потоа сами ќе судите за нејзината содржина.

Leave a comment