Интересни факти за животот на Д. Х. Лоренс!

Дејвид Херберт Ричардс Лоренс, најпознат по неговиот псевдоним Д. Х. Лоренс, е еден од најконтроверзните и најпопуларните англиски писатели од 20 век. Едно од неговите најпознати дела е „Љубовникот на леди Четерли“, дело кое предизвикало скандал и згрозување од тогашната јавност. Тој е познат и по изреката: „Ако не постоеја толку многу лаги на овој свет, јас воопшто немаше да пишувам.“

dh-lawrence

Д.Х. Лоренс е роден на 11 септември 1885 година и во чест на неговиот датум на раѓање, денес на блогот можете да прочитате интересни факти за неговиот живот и творештво!

Тој ја наследил љубовта кон книжевноста од својата мајка. 

Тој бил четврто од петте деца на Артур Џон Лоренс и Лидија Лоренс. Неговиот татко бил неписмен рудар, а неговата мајка била поранешна учителка. Неговата мајка морала да се откаже од учителската позиција и се вработила како работничка во фабрика за чипка за да може да му помогне на своето финансиски нестабилно семејство.

Откако победил на еден натпревар во пишување, тој се охрабрил и се преселил во Лондон за да може посериозно да се занимава со пишување. Кратко време работел и како учител, но неговото кревко здравје го натерало да се откаже од таа кариера. Во 1910 година го објавува својот прв роман „Белиот паун“, но набргу по објавувањето на романот неговата мајка умира од рак и тој не можел да се радува на своето постигнување, затоа што нејзината смрт го скршила и долго не можел да се соземе од тој  удар, бидејќи бил навистина приврзан за неа. Легендата вели дека тој всушност ја предозирал својата мајка со апчиња за спиење, затоа што не можел повеќе да гледа како се мачи и страда од болките, но ова никогаш не било докажано.

„Синови и љубовници“ е делумно автобиографска приказна 

Годината по смртта на својата мајка ја нарекувал „мојата болна година“ и во тој период го пишувал романот „Синови и љубовници“ кој бил издаден во 1913 година и се смета за неговиот прв голем роман и роман кој и ден денес се смета за ремек дело во книжевноста. Тагата за смртта на својата мајка станува пресвртна точка во неговиот живот, исто како што смртта на госпоѓа Морел е пресвртна точка за Пол во „Синови и љубовници“. Во овој роман е раскажана емотивната борба помеѓу љубовта кон неговата мајка и љубовта кон Мирјам (во реалноста се работело за Џеси Чејмберс). Во реалноста, Лоренс ја прекинал оваа врска во 1910 година и болката поради раскинувањето, како и описите на Лоренс во романот, довеле кон целосно прекинување на контактите меѓу нив двајца и по објавување на романот, тие никогаш повеќе не прозбореле.

dh-lawrence-and-frieda-weekley-sitting-on-a-bench-in-chapala-mexico-in-1923
(Д.Х.Лоренс и Фрида)

Се заљубил во сопругата на неговиот  професор.

На 27 години се заљубил во Фрида Викли, сопругата на Ернест Викли, неговиот професор од факултет. Фрида, која била шест години постара од него, избегала со него во Германија и зад себе го оставила сопругот и нивните три деца. Пред да се вратат во Англија, тие патувале низ Баварија, Австрија и Италија. За време на престојот во Германија, тие биле сместени кај родителите на Фрида и по некое време Лоренс бил уапсен и обвинет дека е британски шпион, но бил ослободен откако таткото на Фрида интервенирал кај властите. Откако разводот на Фрида бил официјализиран, тие се вратиле во Англија и се венчале на 13 јули 1914 година.

Тој и неговата сопруга обожавале да патуваат.

По свадбата сакале веднаш да заминат и да продолжат со своите патувања, но тогаш започнала Првата светска војна и биле приморани некое време да останат во Англија, но при првата дадена шанса веднаш заминале и патувале низ светот, а на крајот останале во близина на Таос, Ново Мексико, поради тоа што неговото здравје значително се влошило. По неговата смрт, Фрида се вратила во Таос каде што живеела со нејзиниот трет сопруг, Ангело Раваљи, со кого се венчала во 1950 година.

Лоренс сакал гол да се качува на дрвја

Да, убаво прочитавте. Лоренс имал навика гол да се качува на дрвја за да ја стимулира својата фантазија. Лоренс, или Лоренцо за пријателите, бил опседнат со секс и тоа многу убаво се отсликува во неговите дела, кои всушност и токму поради тоа биле толку контроверзни во јавноста. Голем дел од работните наслови на своите дела, а понекогаш и конечните наслови на делата, биле некаков вид игри со зборови кои се однесувале на машкиот полов орган.

c3fprvdxuaewfqn

Со години бил болен од туберколоза

Во 1925 година речиси ќе умрел од маларија и туберколоза додека бил во Мексико. Иако оздравел, дијагнозата го приморала да се врати во Европа. Тој бил сериозно болен и до крајот на животот не бил способен да патува. Тој и неговата сопруга се сместиле во близина на Фиренца, Италија и токму тука ги напишал првичните верзии на фамозниот роман „Љубовникот на леди Четерли“. Кога романот конечно бил издадена во 1928 година, инстантно бил забранет во Италија, САД, Велика Британија и поголемиот дел од државите низ светот, особено поради својата сексуална содржина. Во САД забраната била тргната во 1958 година, а во Велика Британија тоа се случило по две години.

Само 10 луѓе присуствувале на неговиот погреб

И покрај лошото здравје, тој бил активен и постојано пишувал. Но, здравјето од ден на ден му станувало сѐ полошо и на крај завршил во санаториум. Откако го пуштиле од санаториумот, тој починал на 2 март 1930 година во Франција. Само 10 луѓе присуствувале на неговиот погреб, а еден од нив бил познатиот писател Олдос Хаксли кој останал негов пријател до самиот крај, еден од ретките негови пријатели кои не го напуштиле и покрај сите скандали и бранувања на јавноста. Легендата вели дека неговите последни зборови биле: „Подобро ми е.“ Иако овие зборови се иронични, сепак тој 44 години успешно се борел со туберколозата и создал многу романи, приказни и поеми.

Тој бил закопан во Франција, но по барање на неговата жена, во 1935 година неговото тело било извадено и останките биле кремирани и предадени на Ангело Раваљи, нејзиниот нов сопатник. Неговата сопруга сакала неговите останки да почиваат во храм во ранчот во Ново Мексико. Имало гласини дека Раваљи ја истурил пепелта некаде во Франција, а потоа во урната ставил лажен пепел за да ја замачка работата. Но, има луѓе кои тврдат дека останките биле пренесени и  безбедно стигнале во Ново Мексико.

96475

Три декади по неговата смрт, неговиот роман завршил на суд

Доказ за неговото силно влијание, како и неговата контроверзност, е случајот со романот „Љубовникот на леди Четерли“. Како што веќе е напоменато погоре, во 1958 година паднала забраната за издавање на книгата во САД. Во Велика Британија тоа одело малку потешко. Во 1960 година, романот и издавачката куќа „Пингвин букс“ биле прогласени за невини во судењето кое траело две недели, иако писателот бил мртов речиси три декади. Обвинителката Мервин Грифит-Џонс фамозно ја запрашала поротата: „Дали е ова книга која би посакале да ја прочита вашата жена или некој од вашите слуги?“

Но, во тоа време веќе дувале други ветришта и овие ставови се сметале за старомодни, дури и еден свештеник, кој бил повикан за сведок во судењето, ја бранел книгата. Поради фактот дека било утврдено дека книгата има „одредена искупувачка општествена заслуга“, Четерли и нејзиниот издавач биле прогласени за невини. Веднаш по издавањето станала бестселер. Уште првиот ден по тргање на забраната и легалното издавање на книгата во Велика Британија, на 10 ноември 1960 година, се продале 200.000 примероци од романот.

 

Leave a comment