Пауло Коељо е еден од најпознатите писатели на денешницата и писател кој навистина има многу читатели и обожаватели во Македонија. Неговите книги се преведени на 80 јазици, а досега има продадено над 225 милион примероци во повеќе од 170 држави. Неговата книга „Алхемичарот“ е продадена во повеќе од 65 милиони примероци.
Во неговата нова книга „Хипи“, тој го користи сопствениот живот како инспирација, со цел да ја раскаже приказната за еден млад Бразилец кој сака да стане писател и тргнува на едно патување во потрага по подлабоката смисла на животот: прво на познатиот „Воз на смртта“ до Боливија, потоа патувам кон Перу и завршува со автостопирање низ Чиле и Аргентина.

(Извор на сликата: Издавачки центар ТРИ)
Во чест на новата книга на Коељо, која е достапна на македонски јазик и е во издание на издавачката куќа ТРИ, денес на блогот можете да ги прочитате личните совети на Коељо кои тој ги следел за време на неговата сопствена „хипи“ фаза.
Избегнувајте музеи
Ова можеби звучи како чуден совет, но ајде да размислиме малку повеќе. Ако сте во друг град, зарем не е поинтересно да се тргне во потрага по сегашноста отколку по минатото? Луѓето чувствуваат обврска да одат во музеи, затоа што како деца научиле дека патувањето е поврзано со потрага по таков вид култура. Секако дека музеите се важни, но тие бараат време и фокус; треба да знаете точно што сакате да видите таму, инаку ќе ве остават со чувство дека сте виделе неколку важни работи, но не се сеќавате каде сте ги виделе.
Одете во барови
Баровите се места во кои животот во градот се прикажува во полн сјај. Кога ќе кажам барови не мислам на ноќни клубови, туку на местата на кои обичните луѓе одат на пијачка, зборуваат за времето и сакаат да си поприкажат. Купете весник и уживајте во енергијата на луѓето. Ако некој ви започне муабет, макар и најблесав, придружете се: не можете да судите за убавината на одреден пат само по набљудување на портата.
Бидете отворени
Најдобриот туристички водич е човек кој е локалец, кој живее таму, кој знае сѐ за градот и кој се гордее со тоа што баш тој град е негов/нејзин град, но не работи за агенција. Излезете на улица, одберете ја личност со која сакате да разговарате и прашајте ги нешто (од типот на: „Каде е катедралата? Каде е поштата?“). Ако ништо не излезе, преминете на некоја друга личност – ви гарантирам дека на крајот на денот ќе најдете одличен придружник.

Обидете се да патувате сами (или ако сте во брак – со вашиот сопруг/вашата сопруга)
Ова е малку потешко затоа што нема никој да се грижи за вас, но ова е единствениот начин преку кој навистина можете да ја оставите вашата држава зад вас. Патувањето со група значи дека сте во странска држава додека сѐ уште зборувате на својот мајчин јазик, го правите она што водачот го кажува и повеќе се интересирате за озборувањата во групата отколку местото кое го посетувате.
Не споредувајте
Не споредувајте ништо: цени, хигиена, квалитет на живот, транспорт – ништо! Не патувате за да докажете дека имате подобар (или полош) живот од другите луѓе, вашата цел е да откриете како живејат другите луѓе, што можат да ве научат, како тие се справуваат со реалноста и со извонредните работи.
Треба да разберете дека сите ве разбираат
Дури и ако не го зборувате јазикот, не се плашете: Јас сум бил на многу места каде не сум можел да комуницирам со зборови, но секогаш сум наоѓал поддршка, насока, корисни совети, па дури и девојки. Некои луѓе мислат дека ако патуваат сами, тие ќе одат по улица и засекогаш ќе се изгубат. Само осигурајте се дека ја имате картичката од хотелот во џебот и во најлош случај фатете такси и покажете му ја картичката на возачот.

Не купувајте премногу
Трошете ги парите на работи кои не морате да ги носите во раце: билети за претстава/концерт, ресторани, екскурзии. Во денешно време, со глобалната економија и интернетот, можете да купите сѐ што сакате без да морате да плаќате за екстра багаж.
Не се обидувајте да го видите цел свет за еден месец
Подобро е да останете 4-5 дена во еден град отколку да посетите 5 градови во една недела. Градот е како каприциозна жена (или каприциозен маж, ако сте жена која го чита ова): потребно е време за да ја заведете и целосно да се открие себеси.
Патувањето е авантура
Хенри Милер велел дека е многу поважно да се открие црква за која никој не слушнал, отколку да отидеш во Рим и да се чувствуваш приморано да ја посетиш Систинската капела заедно со уште 2000 туристи кои ти шепотат на уво. Секако дека треба да отидете и да ја видите Систинската капела, но лутајте и низ улиците, истражувајте ги и сокаците, искусете ја слободата во барањето нешто, нешто за кое не сте сигурни што е, но кое, доколку го пронајдете – ќе го промени вашиот живот.
Како стар хипик, знам за што зборувам…
