Бодлер, Рембо и Верлен – проколнатите поети на модерното време

Симболизмот е правец кој настанал во Франција и кој воглавно се врзува со елитата од Париз во втората половина на 19 век. Симболистите се воделе од мислењето дека природата и објективната реалност се тука само за да ни помогнат преку нив да го откриеме духовното и апсолутното. Јазикот за нив претставувал метафоричка врска помеѓу објективниот и идеалниот свет, а освен значењето на зборовите, од големо значење биле и нивниот ритам и мелодичност и поради тоа поезијата почнува да преовладува над прозата.

Симболистичката теорија се базирала на уверувањето дека коренот на уметноста лежи во субјективното искуство, спротивно на претходно доминантниот реализам кој ја воздигнува објективноста, како и отфрлување на модерниот свет и начин на живот. Иако тоа отфрлување го одвојува симболизмот од останатите модерни правци, тоа често се наведува и како една од неговите основни карактеристики.

books9

Симболизмот како декадентско движење

Завртување на грбот кон опкружувањето претставувало еден одреден вид на бунт против светот и реалноста. Движењето на овие уметници од доцниот 19 век, кои инспирацијата ја побарале во романтичарскиот поглед кон природата, било наречено „декадентско“ од страна на критичарите, иако подоцна и тие самите го прифатиле овој термин и самите почнале да се нарекуваат така.

Покрај сличната естетика, декадентското движење со својата затвореност и морбидност се разликувало од симболистичкото, кое повеќе тежнеело кон соништата и платонските идеали. Сепак, поради тесната поврзаност и преклопување на темите, до крајот на 1880 година, декаденцијата и симболизмот се прифатени како синоними.

„Декадентскиот стил е генијален, комплициран, полн со сенки и тајни значења, секогаш ги турка границите на јазикот за еден чекор подалеку, терајќи се себеси да искаже неискажливи мисли и тоа во најнејасна и непостојана форма. Може да се преведе како исповед на невропатите, признавање на стареењето и одвратните страсти или како халуцинација на потеклото од идејата која се граничи со лудост.“

~ Теофил Готје

Припадниците на ова движење, пред сѐ сликари и поети, со својот боемски и контроверзен начин на живот им пркоселе на критичарите и јавноста. Нивната уметност имала изразено мистичен карактер, тесно поврзан со окултизмот, езотеријата, митовите и астрологијата. 

Едгар Алан По најмногу влијаел врз ваквото интересирање, особено во случајот на Шарл Бодлер, кој го презема мотивот на морничавоста, тајновитоста и темните сомнежи и ја започнува естетиката на грдото.

„Јас сум Царство на крајот на Декаденцијата.“

~ Пол Верлен

Poѐte maudit – проколнат поет

Прифаќањето на она што повеќето го сметаат за морбидно е она што овие уметници ги издвојувало од пошироката маса. Мрзоволноста, внатрешната стагнација, досадата и ужасите на животот во големиот град ги натерала да побараат бегство од реалноста, поради што опиумот, алкохолот и останатите психотропски супстанци, во голема мера биле присутни во тие кругови.

Наклонетоста кон пороците, конфликтите со семејството и властите, како и негирањето на стандардните норми на однесување биле нивни заеднички карактеристики, а живееле одејќи помеѓу животот и смртта.

На почетокот на 19 век, Алфред де Вињи во својата книга „Стело“, првпат го употребува терминот кој подоцна ќе се однесува на декадентните модерни поети: poète maudit – проколнат поет. Во таа книга, тој ги нарекува поетите „раса која секогаш ќе биде проколната од страна на оние кои се помоќни“.

1312686-paul_verlaine_les_poc3a8tes_maudits
(Првото издание на „Проколнатите поети“ на Верлен“)

Прифаќајќи ја титулата на проколнат поет, Верлен во 1884 година објавува збирка од критички и биографски истражувања за поетите како Тристан Корбиер, Стефан Маларм, Артур Рембо и други и тој ја нарекува книгата „Les Poètes maudits“ („Проколнатите поети“). Постои веројатност дека насловот за своето дело го позајмил од Бодлеровата песна „Благослов“, во која поетот се опишува како оној кого не го допира страдањето и презирот со кој секојдневно се соочува.

На почетокот, вака се нарекувале само поетите од споменатите книги, за подоцна тој термин да се прошири на сите книжевници кои поради својот начин на живот не можеле да се вклопат во рамките на она што општеството го смета за прифатливо. Овој вид проклетство упатува на декадентната состојба во која поетот се наоѓа откако ќе падне од претходната позиција кога бил олицетворение на пророк и еден вид олицетворение на Бог или вишите сили во уметникот.

„Поетите се проклети, но гледаат со очите на ангел.“

~ Ален Гинзберг

Сепак, кога денес зборуваме за проколнатите поети, воглавно мислиме на Шарл Бодлер, Артур Рембо и Пол Верлен, три француски поети чии контроверзни животи биле испреплетени.

Шарл Бодлер е роден во Париз во 1821 година. Откако неговиот татко, кој бил уметник-аматер, починал, неговата мајка набргу повторно се омажила, а тоа оставило животни последици врз Бодлер. Студирал право, но бил незадоволен од изборот на професија, набргу почнал да пие и да посетува проститутки, што резултирало со постојано паѓање во долгови. Наспроти амбициите на неговиот очув да му обезбеди сигурна дипломатска кариера, Бодлер се врти кон пишувањето, нешто што неговата мајка никогаш не го прифатила.

„О, каква несреќа! Ако Шарл му дозволеше на својот очув да го води, неговата кариера би била потполно поинаква… Да, не би останал запомнет во книжевноста, но би биле посреќни, сите тројца.“

~ Каролина А. Дифо, мајката на Шарл Бодлер

Сакајќи да му ја поврати животна енергија, очувот го праќа на пат во Индија во 1841 година. Ова искуство имало големо влијание на творештвото на Бодлер, со оглед на тоа дека во неговата поезија често се појавува морето и егзотичните предели. Откако се вратил во Париз, влегува во друштвото на влијателни и писатели и уметници и започнува врска со Жана Дивал. Оваа афера никогаш не била прифатена од страна на неговите родители и нивното отфрлување довело до првиот обид за самоубиство на Бодлер.

baudelaire-facebook
(Шарл Бодлер)

Лошото здравје предизвикано од бедната финансиска состојба, алкохолот и честата употреба на опиум, нешто што го следело низ текот на целиот живот, кулминирало во 1866 година. По мозочниот удар следела и речиси целосна парализа. Неговата мајка, која била трогната од неговата состојба, пред крајот на животот го прифатила, ги отплаќала долговите со парите од неговите постхумно објавени книги.

Признала дека нејзиниот син, наспроти сите свои грешки, има свое место во книжевноста.

„Во подрумите на најдлабоката тага
каде ме затекнува Осудата, каде воздухот
никогаш не блеснува; тука, каде мракот
е единствениот кој ми даде гостопримство,

Јас сум сликар кој зајадливиот Бог
го осудува да твори во мрак;
Готвач ја крши кобната глад
со јадењата подготвувани од своето срце

~ Шарл Бодлер, „Затемнување“

Артур Рембо, како и Бодлер, израснал без татко му, кој го напуштил своето семејство. Неговата мајка, силна и независна жена, ги вложила сите свои амбиции во Артур, својот најмлад син. Рембо уште од мали нозе покажал голем талент за јазици и поезија, а тоа го направило самосвесен и арогантен.

Бил во состојба со часови да седи и да го бара најдоброто решение за римите, посакувајќи да се доближи до парнасистите. Но, веќе на 16 години го пронашол својот стил на пишување. Сиот свој младешки бес, незадоволство и одвратност кои ги чувствувал кон малограѓанството и лицемерието, ги преточил во песните кои со својот стил биле многу блиски до симболизмот. На крајот на 1870 година, однесувањето на Рембо станало неприфатливо. Почнал да пие и да краде книги од локалните продавници.

Набргу се заинтересирал за политика, а француско-германската војна која започнала во 1871 година го направила неговото бунтовништво уште поинтензивно. Побегнал во Париз, со желба да се приклучи на револуцијата, но бил уапсен уште на самата станица поради тоа што немал карта. По краткиот престој во затвор, следните неколку месеци ги поминал лутајќи низ северна Франција. Мајка му го вратила со помош на полицијата, но повторно побегнал за да ѝ се придружи на Париската комуна.

По завршување на војната, неговиот авантуристички дух не му давал мир и поради тоа повторно се вратил на патувањето. Пешки ги поминал Алпите, а ги посетил и: Египет, Индија, Кипар, Етиопија и Јемен, каде работел во служба на трговец со кафе.

Иако бил упорен во праќањето на своите песни, секогаш останувал без одговор, сѐ додека еден негов пријател не го натерал да му пише на Пол Верлен. Воодушевен од надареноста на Рембо, Верлен го поканил да дојде во Париз и тоа со зборовите: „Дојди, прекрасна, возвишена душо. Те очекуваме, копнееме за тебе“. Заедно со писмото прикачил и карта за воз во еден правец. Набргу откако пристигнал, Рембо започнува бурна афера со поетот кој бил 10 години постар од него.

fantin
(Верлен (последниот од лево кој седи на масата) и Рембо (веднаш до него) заедно со други боеми во 1872 година)

Односот со Верлен, кој тогаш бил влијателен во уметничките и боемските кругови, му овозможил на Рембо да влезе во тие кругови. Маѓепсан од разузданиот живот во Париз, Рембо се препуштил на блудот и алкохолот. Апсинтот, опиумот и хашишот биле дел од неговото секојдневние.

Врската на овие двајца поети била скандалозна во париското општество и поради тоа се селат во Лондон. Рембо со муртење се сеќавал на неговиот живот во Лондон, а кога кавгите и нетрпеливоста станале неподносливи, Верлен се вратил во Париз – сам. Но, набргу жали што Рембо не е со него, па му праќа телеграма и му предложува да се сретнат во Париз. Повторното соединување завршува уште полошо.

Кавгите продолжиле, Верлен повторно се препуштил на алкохолизмот, а во еден налет на бес во алкохолизирана состојба, испукал два куршуми кон својот помлад партнер, а едниот го погодил во левиот рачен зглоб. Откако си заминал од бриселската железничка станица, тој одбил да покрене обвинение, но Верлен сепак бил уапсен за обид за убиство и бил испрашуван за неговиот однос со Рембо, со кого живеел откако ги напуштил сопругата и синот.

„И натаму сум жив, иако моето проклетство е вечно. Човекот кој намерно се осакатува себеси е проколнат, зарем не? Верувам дека сум во пеколот, а тоа значи дека сум во него.“

~ Артур Рембо

paulverlaine-e-rimbaud-6
(Верлен и Рембо)

Откако Верлен поминал две години во затвор, тие двајца за последен пат се сретнале во Штутгарт. Рембо потоа се откажал од пишување и живеел мирен живот, продолжил да патува, но последиците од развратниот живот почнале да се појавуваат. Неговата здравствена состојба се влошила додека бил на Кипар и морал да се врати во Франција поради тоа што имал грозница.

Тој потоа повторно отишол на пат, но поради болките во коленото морал да се врати на лечење. Му било дијагностицирано рак и десната нога му била ампутирана. Тоа не го спречило да се обиде да се врати во Африка, меѓутоа здравствената состојба повторно му се влошила и се вратил во болница во Марсеј, каде починал.

„О, вештерки, страдање, омраза, вам ви е доверено моето богатство! Јас го исчистив својот ум од сета човечка надеж. На сета радост, за да можам да ги згаснам, се насочив со силата на див ѕвер. Ја повикував несреќата да ме удави во крв, во песок, несреќата е мој Бог.“

~ Артур Рембо

Пол Верлен продолжил да пишува и по разделбата со Рембо. Откако се вратил од Англија во 1877 година, работел како професор по англиски јазик и се вљубил во една од своите ученички, Луциен Летино. Луциен му дала инспирација и повторна верба. Скршен од нејзината смрт, повторно почнал со прекумерното пијанчење.

Своите последни години ги поминал како бездомник, во тешка сиромаштија и со денови пиел апсинт во локалните париски кафулиња. Пред крајот на неговиот живот, луѓето повторно почнале да се восхитуваат на неговата поезија, особено на раното творештво. Во 1894 година е избран за „Принцот на поезијата“, а по две години починал во Париз.

„Поетот е лудак изгубен во авантурата.“

~ Пол Верлен

sans-titre-3
(Шарл Бодлер)

Постојат три основни мислења за феноменот на проколнатите поети. Повеќето уметници го обвинуваат конзервативното општество за нивниот неуспех и нивното неразбирање на поезијата, ексцентричноста и емотивното кршење низ кое поетот минува во текот на своето творење. Од друга страна, моралистите сметаат дека пропаста на овие книжевни генијалци е и повеќе од заслужена.

Ова мислење било многу поизразено во 19 век, кога темите како еротика, хомосексуалност, екстаза и променета состојба на свеста биле екстремни табу теми. Ниту едно од овие решенија не дава задоволителен одговор на проблемот за проколнатиот поет. Вистината е дека тие самите придонеле кон својата несреќа, но и нивната околина во иста мера придонела кон нивното уништување.

Овие поети не можат да се наречат пасивни жртви на осуда и несфаќање од околината. Тие уживале во својата слика на несфатени генијалци, а идејата за писателот кој твори во екстаза предизвикана од дрога или алкохол добила митолошки размери.

Јасно е дека проколнатите поети верувале дека за нив е зацртана ужасна и возвишена судбина. Сликата која била изградена за нив им помогнала да го зацврстат тоа уверување, но истовремено ги влечела кон пропаст. Уште од антички времиња се верува дека страдањето е патот кон мудроста, но се поставува прашањето колку е мудро намерно човек да се впушта во страдање.

Овие поети немале намера да ја имитираат Христовата несебична жртва за доброто на оние кои го мразат. Тие, во својот егоизам и суета, го славеле својот очај, верувајќи дека тоа ги прави подобри од другите и дека токму тој очај е неопходен за плодното творештво.

Бодлер, Рембо и Верлен биле меѓу најголемите уметници на своето време, но копнежот за несреќа едноставно бил преголем дел од нивнот живот. Сепак, ние единствено можеме да им се заблагодариме за она што ни го оставиле. Со својот препознатлив стил го отвориле патот за развој на модерната поезија и различниот поглед кон уметноста.

Можеби нивната борба навистина била неуспешна, но на крајот на краиштата, тие само се бореле за својата душа, секој на свој начин.

„Кој е поетот? Несреќен човек кој крие тешка мачнина во своето срце, но чии усни се така формирани што кога воздишката или плачот минуваат низ нив, тоа звучи како музика. А луѓето се собираат околу него и велат: „Пеј ни повторно“, а тоа значи: „Нови страдања повторно нека ја мачат твојата душа, но твоите усни нека бидат во истата положба како и претходно, затоа што плачот би нѐ исплашил, но музиката, таа е благословена.“

~ Серен Кјергегор

Извор.

 

Leave a comment