Забранувањето и палењето книги не е новост. Тоа се случувало од постоењето на пишаниот збор. Низ текот на историјата секогаш имало книги кои го размрдувале општеството и кои им пркоселе на општествените норми и правила, критикувајќи ја лицемерноста и двојните стандарди во општеството. Некои директно напаѓаат одредени општествени и политички системи, а некои едноставно решаваат да ни покажат дел од општеството кое голем дел од нас не сакаат да го видат, иако постои.

Поради ова, многу книги се забранувани и сѐ уште се забрануваат насекаде низ светот. Правото на слободно изразување и слободна мисла се едни од најважните човекови права кои се загарантирани со Универзалната декларација за човекови права. Со цел да се подигне свесноста и да се насочи вниманието на јавноста кон овој проблем кој сѐ уште постои во голема мера и треба да нѐ загрижи, секоја година се одбележува „Неделата на забранети книги“ (Banned Books Week). Оваа недела традиционално се одбележува во септември, а оваа година Неделата на забранети книги е од 23 до 29 септември. Во оваа недела се слави слободата на изразување, се читаат забранети книги и се организираат различни активности.
Можете да ја посетите и страната BannedBooksWeek.org и да се информирате повеќе за различните активности, а и да прочитате повеќе за забранетите книги и цензурата на книжевноста и слободната мисла.
Во чест на „Неделата на забранети книги“, во следните неколку денови на блогот ќе можете да прочитате повеќе за оваа тематика, а денес издвоив 5 од моите омилени книги кои биле забранети во одреден период од историјата (некои и ден денес се подложни на цензура). Списокот е многу долг, но ви препорачувам токму оваа недела да прочитате некоја од овие книги и на тој начин да ја прославиме заедно слободата на мисла, изразување и да ги славиме книгите, макар и забранети. Пред да ги наведам моите предлози, ќе завршам со една прекрасна мисла од Оскар Вајлд: „Книгите за кои светот вели дека се неморални, се книгите кои на светот му го покажуваат неговиот сопствен срам.“
5 забранувани книги кои треба да ги прочитате:
„Мајсторот и Маргарита“ – Булгаков

Зошто била забранувана:
„Мајсторот и Маргарита“ е книга која е напишана за време на мрачните времиња на Сталин. Целата книга има многу слоеви и многу често го исмева режимот на Сталин, но во неа има и многу теми кои во тоа време биле апсолутно неприфатливи за тогашното владеење. Книгата била целосно забранета со години, а првата (цензурирана) верзија била објавена во 1966/7 година, по смртта на авторот.
Зошто треба да ја прочитате:
Затоа што се работи за вистинско ремек дело и за еден од најдобрите и најмоќните романи на 20 век. Апсурдот е присутен низ текот на целата книга, но токму преку користење на апсурдни ситуации, Булгаков ни ги открива најголемите вистини за животот. Додека ја читате оваа книга ќе навлезете во еден нов свет, свет во кој има сѐ и сешто: љубов, страст, борба за слобода, мрак, Ѓаволот и неговите пајташи, Мајсторот и неговиот пад откако загубил сѐ и Маргарита која ќе направи сѐ за човекот кој го сака. А тоа понекогаш е посилно и од најрепресивниот државен апарат. Оваа книга го надживеала Сталин и може да се каже дека самиот Ѓавол го предвидува тоа во книгата, кажувајќи една од најмоќните реченици (според мене) во историјата на книжевноста: „Ракописите не горат“.
„Кланица 5“- Курт Вонегат

Зошто била забранувана:
Оваа книга била забранета минимум 18 пати. И секогаш се наведувале горе-доле истите причини: анти-христијанска, вулгарна, девијантна, психотична, ја расипува младината, итн. Во едно средно училиште во Северна Дакота дури биле горени примероци од оваа книга. Некои велеле дека оваа книга има толку многу пцовки, што дури и просечен морнар би се засрамил.
Зошто треба да ја прочитате:
Затоа што ова е една од најмоќните книги на сите времиња. Иако сите знаеме колку е одвратна војната, сепак оваа книга успева дополнително да го зголеми тоа чувство на гадење кон војната и кон безумното насилство. Во книгата има и научно-фантастични делови кои фантастично се вклопуваат со целата приказна. До крајот на книгата, целосно ќе се поистоветите и ќе сочувствувате со Били Пилгрим, главниот лик кој се наоѓа среде Втора светска војна. Вонегат успева да ја долови целата бесмисленост на војната, но и на целиот живот преку една многу едноставна реченица: „И така ти е тоа.“
„Предностите на еден молец“ – Стивен Чбоски

Зошто била забранувана:
Во 2015 година оваа книга била забранета во неколку средни училишта, откако група родители се побуниле против пцовките и сексуално експлицитни сцени, навредлива содржина, хомосексуалност и слично.
Зошто треба да ја прочитате:
Затоа што се разликува од класичните „тинејџерски“ приказни. И покрај тоа што приказната се врти околу Чарли, чувствително и срамежливо момче и неговите записи за неговиот живот во средното училиште и за новите другари кои ги сретнува. Има нешто прекрасно меланхолично во оваа книга, но без да се патетизира. Иако на крајот ќе сфатите дека самата книга има многу потемна содржина и не е само обична тинејџерска приказна, сепак самиот тон носи една меланхолична надеж, која, доколку не сте веќе тинејџери, ќе ве врати назад во едни времиња кога сѐ беше поинаку.
„Госпоѓа Бовари“ – Гистав Флобер

Зошто била забранувана:
Од каде да почнам? Кога првпат излегла оваа книга, тоа бил неверојатен скандал и зачуденост. Луѓето тврделе дека оваа книга го расипува јавниот морал пред сѐ поради темите во неа, особено неверството на Ема Бовари и нејзиниот начин на живот. Самиот факт дека се работи за неверство било дочекано со згрозеност, но назгора и жена била таа која изневерува – тоа било непростлив грев. Во самата книга има една реченица (парафразирам): „И така Ема Бовари со само еден потег ја соблече облеката од себе“ и оваа реченица била доволна за овој роман и неговиот автор да се најдат на суд за „нарушување на јавниот морал“. За среќа, обвинението паднало, а оваа книга е една од најлегендарните книги на сите времиња.
Зошто треба да ја прочитате:
Затоа што се работи за неверојатно книжевно дело. Освен тоа што се работи за интересна и провокативна тема, едноставно стилот на пишување е прекрасен. Додека ја читав имав чувство дека сум внатре во книгата и дека можам да го допрам секој предмет, секое цвеќе опишано во книгата. Гистав Флобер е еден од најдобрите раскажувачи на приказни, ниту еден опис не е преопширен, досаден или непотребен, сѐ си е на свое место, а од друга страна описите ве маѓепсуваат, накитени со прекрасни зборови. Дури и да не ви се допадне темата на книгата, ќе уживате во неа само поради начинот на кој е напишана. Инаку, главен лик во книгата е Ема Бовари која е заглавена во несреќен брак и е длабоко несреќна во својот живот. Какви избори прави таа во животот и што се случува со неа? Тоа морате самите да го дознаете и да донесете заклучок самите за себе.
„1984“ – Џорџ Орвел

Зошто била забранувана:
Реално, ниту една влада не би сакала ваква книга да биде во рацете на луѓето, затоа што додека ја читате препознавате голем дел од работите кои и денес ги гледаме во светот и во општествата околу нас. Била забранувана во многу држави, особено во СССР, бидејќи Сталин сметал дека Орвел го исмејува неговото општество (заедно со „Животинска фарма“).
Зошто треба да ја прочитате:
Затоа што е ремек-дело! Сериозно нема потреба да ве убедувам, верувајте дека ова е едно од најморничавите, но и најдобрите дела во историјата на книжевноста. На многу сликовит начин ја објаснува репресивноста на државниот апарат и „Големиот брат“. Орвел на многу ироничен начин ни објаснува што се случува кога едно општество е целосно контролирано и кога моќта се наоѓа во рацете на неколку луѓе. Кога првпат ја прочитав оваа книга, истовремено бев и маѓепсана и престрашена. А не беше студен ден во април и стрелките не покажуваа 13 часот. 🙂
