Есента длабоко навлезе во нашите животи, а нема ништо поубаво од кафе и книги во есен. Стандардно, како и секој месец, ви ја претставувам листа со книги кои ги прочитав изминатиот месец и се надевам дека ќе си ја одберете следната книга за читање токму од оваа листа.
„Сенка на ветрот“ – Карлос Руиз Зафон

ИЗДАВАЧКА КУЌА: МАТИЦА
Оцена: 4.5/5
Осврт: Карлос Руиз Зафон е еден од најпопуларните писатели во Македонија и не ми се верува дека чекав толку време за да ја прочитам оваа книга. Со право е една од најпопуларните книги меѓу луѓето. Самата приказна ве вовлекува целосно, а стилот на пишување е едноставно прекрасен, Зафон ќе ве натера да се заљубите целосно во Барселона. Сите сцени се прекрасно и детално опишани и ќе имате чувство како навистина да чекорите заедно со Даниел низ улиците на Барселона.
Ова е прв дел од трилогијата „Гробиштата на заборавените книги“ и се работи за повоена Барселона и за малечкиот Даниел кој заедно со својот татко ги посетува Гробиштата на заборавените книги и одбира книга што целосно ќе му го промени животот. Книгата е „Сенка на ветрот“ од Хулијан Караш, писател за кој речиси никој не знае. Како што расте, Даниел сѐ повеќе навлегува во приказната за животот на Хулијан Караш и наскоро дознава дека некој ги уништува сите примероци од неговите книги и започнува да истражува со цел да ја дознае целата вистина за Хулијан Караш и неговиот живот.
Прекрасна книга, со задоволство ја препорачувам!
„Зима со мирис на капини“ – Сара Џио

ИЗДАВАЧКА КУЌА: САКАМ КНИГИ
Оцена: 5/5
Осврт: Прекрасна книга! На почетокот се сомневав дека ова е уште една клише приказна, но уште од самиот почеток се заљубив во приказната! Книгата паралелно ги раскажува приказните на Вера, самохрана мајка, која работи во хотел во Сиетл во 1933 година и Клер, новинарка, која добива задача да напише приказна за снежната бура во Сиетл во 1933 година.
Патиштата на Клер и Вера се испреплетуваат во моментот кога Клер дознава за исчезнувањето на синот на Вера за време на снежната бура во Сиетл во 1933 година. Клер ја сфаќа приказната многу лично и решава да дознае што се случило со синот на Вера кој никогаш не бил пронајден. Прекрасна книга, мистериозна, добро напишана, брзо се чита и убаво е разработена приказната.
Топла препорака! Ова е најдобрата книга која ја прочитав месецот.
„Денот кога исчезнавме“ – Луси Робинсон

ИЗДАВАЧКА КУЌА: ТОПЕР
Оцена: 3.5/5
Осврт: Доколку сте во потрага во лесна книга за опуштање, ова е добра книга за вас. Повторно станува збор за приказна која раскажува две паралелни приказни за Ени и Кејт. Нивните приказни се испреплетуваат на моменти, бидејќи тие се и многу добри пријателки. Но, двете паралелно се соочуваат со тешки моменти и се трудат да избегаат од минатото. Но, до кога ќе можат да го прават тоа?
Кејт оди на фарма за коњи, а Ени го запознава мажот на своите соништа. И извесно време, се чини дека нивниот живот е совршен, сѐ додека некои сеништа не почнат да излегуваат на површина. Интересна и лесна книга за саботно попладне. Но, има некои грешки кои се надевам дека во следното издание на книгата ќе бидат поправени.
„Сите светли точки“ – Џенифер Нивен

ИЗДАВАЧКА КУЌА: АРС ЛАМИНА
Оцена: 3/5
Осврт: Оваа е книга што крена прашина поради чувствителните теми кои се обработуваат во неа. Книгата се врти околу Вајолет и Теодор, двајца тинејџери кои се соочуваат со свои демони и една непријатна средба засекогаш ќе ги промени нивните животи.
Вајолет не може да се помири со смртта на својата сестра, а Теодор постојано запаѓа во неволји и страда од манијакална депресија. Но, се чини дека тие двајца си помагаат и без да бидат свесни за тоа. Доколку сте обожавател на книгите на Џон Грин, голема е веројатноста дека оваа книга ќе ви се допадне.
