Во 1994 година, Чарлс Буковски бил закопан на гробишта во Лос Анџелес, а на неговиот гроб е поставена едноставна надгробна плоча. На неа е изгравирано името и презимето на поетот, датумот на раѓање и смрт, а меѓу овие два датуми има симбол на боксер, укажувајќи на тоа дека неговиот живот бил борба. Покрај тоа, има еден едноставен и краток епитаф: „Не се обидувај“.

И така, со два збора е претставена целата животна филозофија на Буковски. Но, што навистина значат овие два зборови? Ајде да се навратиме малку наназад.
Во октомври 1963 година, Буковски во едно писмо до Џон Вилијам Корингтон го спомнал моментот кога некој го запрашал: „Што правиш? Како пишуваш, создаваш?“, а на тоа тој одговорил: „Не се обидуваш. Ова е многу е важно: да не се обидуваш, ниту за Кадилаци, ниту за создавање, ниту пак за бесмртност. Чекаш и ако ништо не се случи, чекаш уште малку. Тоа е како бубачка која стои високо на ѕидот. Чекаш да дојде кај тебе. И кога ќе дојде доволно блиску до тебе, ја удираш и ја убиваш. А ако ти се допаѓа како изгледа, тогаш ќе си ја чуваш како милениче.“
Дали Буковски мислел дека клучот за животот и уметноста е издржливоста? Трпението? Времето? Чекајќи го моментот? Да, но не само тоа.
Да скокнеме до 1990 година, кога Буковски пратил писмо до неговиот пријател Вилијам Пакард и го потсетил: „Премногу работиме. Премногу се трудиме. Не се труди. Не работи. Тука е. Тоа гледа директно во нас, сака да излезе од затворената матка. Премногу нѐ насочуваат. Сѐ е слободно, не мора некој да ни ја каже насоката. Часови? Часови се за будали. Пишувањето поема е лесно како подготвување на месо или пиење пиво.“
Клучот за живеење добар живот или создавање одлична уметност е во тоа да не анализираме премногу, ниту пак со сила да форсираме некои работи. Се работи за тоа да дозволиме нашите таленти за се појават и да излезат на површина.

(Чарлс и Линда Буковски)
Во 2005 година, Мајк Ват ја интервјуирал Линда Буковски, сопругата на Чарлс и ѝ поставил неколку прашања токму околу ова:
Ват: „Што е приказната со „Не се обидувај“? Дали е извадок од некое негово дело?“
Линда: „Ги гледаш оние томови книги? Тие се наречени „Кој е кој во Америка“. Во неа ги има сите: уметници, научници, итн. И тој е во неа и уредниците го замолија да напише нешто за книгите кои ги напишал и такви некои работи. На крајот ги прашаа дали има уште нешто што би сакале да додадат, од типот на тоа која е нивната животна филозофија. Некои од луѓе напишаа долги пасуси, како дисертација, некои луѓе се изнапишуваа. А Хенк само напиша: „Не се обидувај“. Според тебе, што значи тоа?“
Ват: „Јас секогаш го сфаќав тоа како биди природен.“
Линда: „Да, да.“
Ват: „Не во смисла да бидеш мрзлив.“
Линда: „Добивам толку многу различни интерпретации од луѓе кои не разбираат што значи тоа. Нешто од типот: „Хм, „Не се обидувај“? Биди мрзлив, лежи?“ И јас секогаш реагирам: „Не! Не се обидувај, ПРАВИ. Затоа што ако го трошиш времето обидувајќи се, тоа значи дека не го правиш тоа. НЕ СЕ ОБИДУВАЈ.“
Во суштина, филозофијата на Буковски е дека животот не треба да го сфаќаме толку сериозно и дека наместо да сонуваме, треба да излеземе од дома и да ги остваруваме соништата. Освен тоа има и друго значење. Не се обидувај. Или оди до крај и вложи се себеси во тоа што го правиш или не го почнувај и не се труди ако не сакаш да го правиш.
