Зошто е добро да растеме опкружени со книги?

Едно ново истражување потврдува дека луѓето кои растат опкружени со книги во нивниот дом подобро го разбираат она што го читаат и имаат подобри математички и дигитални вештини.

Но, дали има бројка на книги која е потребна за да се направи таа разлика? Магичната бројка наводно е над 80 книги, барем според еден тим од истражувачи водени од Јоана Сикора, професорка по социологија во Австралија. Според нивните истражувања, оние кои дома имале повеќе од 80 книги, имале солидни оцени за писменост (во овој случај писменоста е дефинирана како: „способност ефективно да чита за да може да учествува во општеството и да ги постигнува личните цели“), додека пак оние кои имале помалку од 80 книги дома имале пониски оцени во однос на писменоста.

the-reader

Овие оцени се зголемувале правопропорционално со бројот на книги кои испитаниците ги имале дома и овие оцени растеле сѐ додека не се стигнало до испитаниците кои имале 350 книги дома, a над оваа бројка, оцените биле високи и стабилни, но не растеле нешто премногу значително.

Овие истражувања се базирани на долги интервјуа и анкети кои биле правени меѓу 2011 и 2015 година. Испитаниците биле на возраст меѓу 25 и 65 години, од 31 држава. Прво биле запрашани да проценат колку книги имале дома кога имале 16 години. Откако „прошетале“ низ нивните глави за да ја поттикнат умствената слика од нивните библиотеки од детството, тие биле тестирани во неколку полиња: од читање, до сфаќање математички концепти и нивната способност да ја користат дигиталната технологија како комуникациска алатка. Резултатите покажале позитивна поврзаност меѓу овие вештини и поседувањето книги.

Најголемото влијание, што не е за изненадување, е во поглед на читањето и разбирањето. Едно друго истражување кое траело 20 години и завршило во 2010 година покажало дека пристапот до домашна библиотека влијае на образованието на детето исто како и образованието на неговите родители. Истражувачите не се сигурни дали дигиталните книги ќе ги имаат истите позитивни ефекти, но тимот позади ова последно истражување истакнал дека „домашната библиотека е сигурно поврзана со повисоко ниво на дигитална писменост.“

Извор.

Leave a comment