Животни вештини кои ги поседуваат само љубителите на книги

Досега на блогот често сум пишувала за поволностите од читањето, како и за различните истражувања кои ги потврдуваат предностите од читање книги. На љубителите на книги не им се потребни овие истражувања, бидејќи тие самите на своја кожа си ги чувствуваат тие поволности, но сепак, убаво е кога се потсетуваме самите себеси и имаме дополнителни аргументи (како да не ги имаме доволно :D) за да ги поттикнеме и другите да читаат.

summer-reading

Денес на блогот зборуваме за животните вештини кои се најразвиени кај посветените читатели и вљубеници во пишаниот збор.

Високо развиена свест за околината

Луѓето кои читаат, често се среќаваат со неочекувани ситуации, ако не во реалниот живот, тогаш сигурно во книгите и поради тоа, нивните очи и ум се развиени и приспособени да ги забележуваат и најмалите детали. Ова се пренесува и во реалниот живот, каде истото внимание и посветеност кон деталите ни дозволува брзо да ги оцениме ситуациите околу нас и да бидеме свесни за она што се случува во нашата околина.

Емпатија

Ова неколку пати сме го спомнале и е дефинитивно една од најдобрите поволности кои произлегуваат од читањето, способноста да се ставиме во кожата на другите и да ги разгледаме работите и од нивната страна и да сочувствуваме со нив. Ова многу помага и во реалниот живот и ни дозволува полесно да се поврземе со другите и да ги разбереме. Освен тоа, развиената емпатија е она што му е потребно на светот.

Способноста да бидат сами

Читањето книги нѐ учи и како да уживаме во сопственото друштво. Многумина се плашат да бидат сами и прават сѐ само за да бидат во друштво на други луѓе, како да се плашат од сопствените мисли. Но, љубителите на читањето и читателите се навикнати да бидат сами и по неколку часа додека читаат, а тоа ги прави независни и поцврсти кога ќе надојдат тешки времиња во нивните животи. Покрај тоа, кога човек поминува време сам со себе, полесно се открива самиот себе и својата душа, а тоа е изворот на среќата и мудроста.

summer-reading_1000

Не се зависни од мобилни телефони и компјутери

Вљубениците во книгите толку многу навлегуваат во приказните кои ги читаат, што сосема забораваат на надворешниот свет. Кога книгата ќе ве обземе, сосема заборавате дека постои нешто како мобилен телефон, а да не ни зборуваме за социјални мрежи. И во целиот тој хаос и наплив од информации, успеваме да ги блокираме сите непотребни работи кои ни го оптоваруваат мозокот. И одеднаш сѐ е некако полесно и поубаво.

Имаат неверојатна концентрација

Вљубениците во книги имаат неверојатна концентрација затоа што се навикнати со часови да читаат книги, а тоа бара неверојатна концентрација за можат да ја следат приказната и деталите во неа. Ова е одлична животна вештина која доколку ја поседувате ќе ви помогне во сите области во животот. Ќе ви помогне подобро да си ја вршите работата, да ги слушате другите (ама навистина да ги слушате), да бидете побудни и посвесни…

Ова се само дел од поволностите да се биде вљубеник во книгата и посветен читател, но најголемата за мене е тоа што книгата успева да ги ублажи (речиси) сите болки на овој свет и барем за момент да ја оттрне целата негативност околу нас.

Leave a comment