Харуки Мураками е еден од најпознатите светски писатели и најпознатиот јапонски писател. Тој е миленик и на македонската читателска публика, досега секоја книга која била преведена кај нас била огромен хит и неговите книги се едни од најбараните и најпродаваните. Мураками неодамна издаде нова книга „Убиството на Командантот“ и со тоа ги израдува своите обожаватели ширум светот. Кај нас неодамна беше преведена на македонски јазик, од страна на „Издавачкиот центар ТРИ“.
По повод новата книга, Мураками се согласи на интервју за „Њујорк Тајмс“ и седна да разговара со нивната новинарка Сара Лијал. Се работи за кратко интервју, но мошне интересно, кое верувам дека ќе ви биде интересно. Во продолжение прочитајте го интервјуто преведено на македонски јазик, а најдолу можете да кликнете на линкот кој ве води до оригиналното интервју.

Новиот роман на јапонскиот писател Харуки Мураками, „Убиството на Командантот“ содржи едно мистериозно ѕвонче кое самото ѕвони, апстрактна идеја која го краде телото на еден висок човек во слика и едно чудно патување во подземјето кое е полно со, меѓу останатите работи, неколку страшни Двојни метафори. Во еден момент и самиот писател вели дека „многу работи немаа никаква смисла.“
Но, ова е господинот Мураками, чија неверојатно популарна фикција игра на границите меѓу реалното и надреалното, обичното и фантастичното, обичниот живот и необичните случувања. „Убиството на Командантот“ е тежок роман за опишување, толку е опширен и сложен, но допира многу теми кои се појавуваат во романите на господин Мураками: мистеријата на романтичната љубов, тежината на историјата, трансценденталноста на уметноста, потрагата по лизгавите работи кои ни се на дофат.
Делата на господин Мураками се преведени на 50 јазици. Покрај романите, тој пишува кратки раскази и нефикција и преведува книги од англиски на јапонски јазик. Тој беше тука на неколку дена (се мисли на Њујорк, м.з), па господинот Мураками, 69 години, седна на кратко интервју во канцеларијата на неговиот издавач, откако заврши со своето џогирање околу Централ Парк (тој е страствен трчач и страствен љубител на музика).

(фото: Нејтан Бахар за „Њујорк Тајмс“)
Пиејќи од својата „Старбакс“ чашка на која пишуваше „Емили“, поради тоа што неговата асистентка му го купила кафето, тој зборуваше за мистериите на креативниот процес, неговата љубов за пеглањето и како неговата дисциплинирана природа и строго придржување до дневниот распоред на пишување помага при ослободување на неговата чудна фантазија. Ова се делови од разговорот.
Како Ви падна на ум идејата за „Убиството на Командантот“?
Не знам. Ја собрав некаде од длабочините на мојот ум. Одеднаш посакав да ги напишам првите два пасуси. Поим немав што ќе се случи понатаму. Напишаното го ставив во фиоката на моето биро и потоа сѐ што требаше да правам е да чекам.
А што е со остатокот од книгата?
Еден ден ми дојде една идеја која помислив дека можам да ја напишам. И така почнав да пишувам. Едноставно го чекаш правиот момент и ќе ти дојде. Потребна е доверба дека ќе ти дојде идејата. А јас ја имам таа доверба затоа што веќе речиси 40 години пишувам и знам како да го правам тоа.
Дали процесот на пишување е тежок за Вас?
Кога не ги пишувам моите сопствени работи, тогаш преведувам, а тоа е многу добра работа додека чекам: Пишувам, но тоа не е мој роман. Па на одреден начин тоа е како тренинг или физичка работа. Покрај тоа, трчам и слушам плочи и ги извршувам семејните обврски како пеглање. Многу сакам да пеглам. Не е дека умот ми е турбулентен додека пишувам. Во суштина е многу забавно.

(Корицата за новиот роман на Мураками, фото: Сони Фигуреоа/Њујорк Тајмс)
Дали ги читате критичките осврти за Вашите романи?
Не, не ги читам. Многу писатели го велат ова и лажат, но јас не лажам. Мојата жена сепак го чита секој критички осврт и таа на глас ми ги чита лошите критики. Таа вели дека морам да ги прифатам лошите критики. Пофалбите – заборави на нив.
Вашите книги се полни со надреалното и фантастичното. Дали и Вашиот живот е таков?
Јас сум реалист, практична личност, но кога пишувам допирам до чудните и тајни места во мене. Она што го правам е всушност истражување на самиот себе, внатре во себе. Ако ги затворите очите и нурнете во себеси, можете да видите различен свет. Тоа е како истражување на универзумот, но внатре во себе. Одите на различно место, кое е многу опасно и страшно; и важно е да го знаете патот за назад.
Делува како да Ви е тешко премногу да зборувате за различните значења во Вашите дела.
Луѓето секогаш ме прашуваат за книгите: „Што ти значи ова, што ти значи она?“. Но, јас не можам ништо да објаснам. Јас зборувам за себеси и зборувам за светот, метафорички; и човек не може да објасни или да анализира метафори, едноставно треба да ја прифати формата. Книгата е метафора.
Кажавте дека „Убиството на Командантот“ е еден вид омаж на „Големиот Гетсби“, роман кој, пред околу 10 години, го преведовте на јапонски јазик. „Гетсби“ може да се чита како трагична приказна за ограничувањата на Американскиот сон. Како функционираше ова во Вашата нова книга?
„Големиот Гетсби“ е мојата омилена книга. Ја прочитав кога имав 17 или 18 години, само што матурирав и бев импресиониран од приказната, затоа што станува збор за книга за еден сон и како луѓето се однесуваат кога сонот е скршен. Ова е многу важна тема за мене. Не ја гледам темата баш како Американскиот сон, туку како сонот на еден млад човек, сон во општа смисла на зборот.
Што најчесто сонувате?
Па не сонувам, освен можеби еднаш или двапати месечно. А можеби и сонувам почесто, но воопшто не се сеќавам на сонот. Но, не морам да сонувам, затоа што можам да пишувам.
Тука можете да го прочитате оригиналниот текст.
