Како да читаме повеќе?

Иако љубителите на книги би сакале да можат цело време да читаат, тоа не е возможно поради нашите обврски: работа, училиште, факултет или други обврски. Но, исто така не е возможно да чекаме совршен момент за читање, затоа што тоа едноставно не постои.

tumblr_om7i7jmmhp1reb8tzo1_1280

Некои од најзафатените и најуспешните луѓе на светот успеваат да бидат да бидат посветени читатели. Како на нив им поаѓа тоа од рака? Досега на блогот сум посветила повеќе статии на оваа тема (можете да се потсетите на некои од нив: тука, тука, тука и тука). Но, никогаш не е на одмет да се потсетуваме и да разгледуваме различни совети на оваа тема, па затоа во продолжение прочитајте пар совети кои можеби ќе ве мотивираат поинаку да се организирате и секогаш да наоѓате време за читање.

Набавете повеќе книги отколку што можете да прочитате

Без оглед на тоа дали земате книги од вашите пријатели, од библиотека ии ги купувате, набавете што повеќе. Доколку дома веќе имате многу книги кои едвај чекате да ги прочитате, тогаш ви останува само уште еден чекор – навистина да почнете да ги читате.

Така имате поголем избор, па доколку во еден момент некоја од книгите не ви лежи, можете да се определите за друга книга. Со оглед на тоа дека веќе имате голем избор дома, нема да морате повторно да излегувате и да одите до книжарница или библиотека. Кога веќе имате многу книги дома, можеби ќе прочитате и повеќе отколку што сте планирале.

Не постојат идеални услови за читање

Можеби не можете да читате по неколку часа секој ден, но дури и ако успеете да најдете половина час за читање, направете го тој половина час што е можно подобар. Експертите советуваат да го направите својот дом што е можно поудобен. Најдете си го омилениот простор за читање, направете си го омилениот пијалок, тоа е најблиску што може човек да дојде до идеални услови за читање. Доколку ви се потребни повеќе идеи, можете да се потсетите на оваа објава на блогот.

prayer

Читајте повеќе книги одеднаш

Повеќето луѓе не сакаат во ист временски период да читаат повеќе книги. Меѓутоа, земете го овој совет предвид, затоа што со себе носи повеќе предности. На пример, има книги кои се полесни за ноќно читање, додека други се совршени за утринско или дневно читање. Книгите кои ги читате во одреден временски период можете да ги ставате на одредено место и постојано да ви бидат на дофат на рака или на видик.

Поставете си цел: Колку страници дневно?

Предизвикајте се себеси: одлучете дека секој ден треба да прочитате најмалку 30 страници (или колку и да мислите дека е можно). Не мора да се ограничите само на страници, можете цел да ви биде бројката на прочитани поглавја на пример. Важно е да имате некаква бројка во главата и да не се откажувате од таа цел. Можете да си поставувате и годишни цели, на пример: „Оваа година ќе прочитам 40 книги“ и во таа насока да го планирате своето читање.

Игнорирајте ги листите со книги кои „морате“ да ги прочитате

Истражувањата покажале дека овие листи со топ книги лошо влијаат на нашата мотивација за читање. Не само што некои листи се предолги (250 книги и повеќе), туку и премногу ги има. Не е лошо да разгледате кои книги се наоѓаат на тие листи, но секогаш имајте своја листа за читање, листа која ќе биде флексибилна и динамична и никогаш да не биде ограничена до степен да не можете да тргнете или да додадете некоја книга.

tumblr_ob4sbxq3yn1uddqlgo4_1280

Обидете се со брзо читање

Идејата зад овој совет е едноставна: Ако сакате да читате повеќе за пократко време, тогаш вреди да ја пробате оваа техника. Постојат различни видови брзо читање за кои можете да се информирате на интернет: од Јутуб туторијали, сѐ до статии на различни страни, вклучувајќи го и овој блог (ѕирнете тука). Има различни техники: читање „групирани зборови“ наместо секој збор поединечно, тренирање на очите побргу да се движат низ страницата преку користење на линијар или молив, задржување на здивот до крајот на пасусот, итн.

Користете ја модерната технологија

Телефоните, таблетите и компјутерите не морате да ги користите само за социјални мрежи, филмови или работа. Искористете ги овие уреди за читање: читајте додека се возите во автобус, чекате во ред, на пауза од работа или помеѓу предавања. Предноста тука е што не морате да носите книга со себе, туку можете книгата да ја имате во својот телефон. Така секојдневно ќе успевате да „украдете“ малку време за својата омилена активност.

Доколку ви се допадне ова, може да размислите за тоа да купите Киндл, уред кој има само една функција – читање електронски книги. Екранот е направен за да се прилагоди на сечие око, а количината на книги кои можете да ги имате на овој уред е речиси бесконечна.

Читајте пред спиење

Ова е проверена метода за опуштање и подготвување за сон. Доколку веќе ја имате оваа навика, можете да се обидете да се навикнете и на читање книги веднаш откако ќе се разбудите, пред да започне хаотичноста на секојдневието. Доколку ви се потребни повеќе причини за тоа зошто треба да читате пред спиење, прочитајте го овој текст.

Најдете си друштво за читање

Читањето би било многу поинтересно ако успеете да најдете личност која ги чита истите книги (или барем ги сака истите жанрови). Разговор за книгите кои ги читате може да биде дополнителна мотивација. Тоа не мора да бидат луѓе од вашето опкружување. На страната Goodreads можете да пронајдете луѓе кои ги сакаат истите книги или жанрови и со нив можете да разменувате впечатоци или да ги оценувате книгите. А тука се и останатите социјални мрежи на кои сигурно ќе пронајдете сродни читателски души.

Следете го сопствениот напредок

Ова можете да го правите на неколку начини, но во денешно време најлесно е преку отворање на профил на гореспоменатата страна Goodreads. Таму можете да многу лесно да следите што моментално читате, да си ги забележувате страните кои сте го поминале, како и тоа да си правите цел за читање за следната година и потоа да го следите вашиот прогрес.

Не читајте сѐ

Вие одбирате што ќе читате во текот на денот. Затоа запрашајте се дали вестите кои секојдневно ги читате, сите портали, блогови и Фејсбук статуси навистина сакате да ги читате или сепак повеќе сакате да читате книги? Имајте на ум дека сите тие активности ви одземаат време кое можете да го поминете во читање книги. Одредени истражувања дури и пресметале колку книги би прочитале доколку не би се вклучувале на социјални мрежи и колку скапоцено време ни одземаат.

Leave a comment