Како голем љубител на книгите, секогаш се радувам кога ќе видам дека некој бестселер кој добил одлични критики е преведен на македонски јазик. На големо задоволство на сите љубители на книги, во последните неколку години се зголемува бројот на преведени нови бестселери од различни жанрови, па така за секого има по нешто. Освен тоа, се дава простор и на македонските писатели, што е одлично!
Вчера ми падна во око веста дека бестселерот кој во последниве две години направи вистински бум во светот, книгата „Сапиенс: Кратка историја на човечкиот род“ од Јувал Ноа Харари, е преведена и достапна и на македонски јазик.

(Фото: Издавачки центар ТРИ)
Оваа книга доживеа вистински бум во 2015 година откако личности како Бил Гејтс, Барак Обама и Марк Зукенберг ја препорачаа како „книга која мора да се прочита“. Последниве две години е речиси на секоја листа со препораки, а сега имаме можност да ја прочитаме и на македонски јазик благодарение на Издавачки центар ТРИ!
Според една статија на „Бизнис Инсајдер“, оваа книга треба да ја прочитаат оние коишто се интересираат како дошло до тоа луѓето да завладеат со светот и како луѓето дошле до тоа да живеат во капиталистичко општество и сакаат да дознаат повеќе за развојот на човештвото.
За што се работи?
„Сапиенс“ ја следи еволуцијата на човештвото, од подемот на нашите први предци, до нашето моментално место во ова модерно, технолошко време. Како ние, вид кој потекнува од мајмун без крзно и опашка, успеавме целосно да доминираме со целата планета? Оваа книга ги истражува и трендовите и развојот кој придонел кон тоа луѓето да го „освојат“ светот.
Која е главната порака во книгата?
Во период од 300.000 години, Homo Sapiens започнал како еден од многуте видови на оваа планета и стигнал да стане најдоминантниот вид кој постоел на планетата. Започнувајќи со развојот на јазикот, човечката цивилизација станувала сѐ пософистицирана (и сѐ уште станува) и тоа полека водело кон создавање на „глобалното село“ кое го имаме денес.
Што кажаа за книгата?
Марк Зукерберг: „Оваа книга е едно големо историско раскажување за човечката цивлизација, почнувајќи од тоа како на почетокот сме биле собирачи и ловци до тоа како денес го организираме нашето општество и економија. Следејќи ја книгата „Мукадима“, која е историска книга од перспективата на интелектуалец од 13 век, „Сапиенс“ е модерно истражување и анализирање на многу слични прашања. Едвај чекам да ги прочитам овие различни перспективи.“
Бил Гејтс: „И Мелинда (неговата сопруга, м.з) и јас ја прочитавме книгава и таа поттикна одлични разговори за време на нашите вечери. Харари во својата книга за нафаќа на еден опасен предизвик: да се раскаже целосната историја на човеков во само 400 страници. Тој исто така пишува за нашиот вид и тоа како се снаоѓа во денешницата и како вештачката интелигенција, генетско инженерство и останата технологија ќе нѐ. промени во иднина. Иако има работи со кои не се согласувам, особено со тврдењето на Харари дека на луѓето им било подобро пред да започнат да се занимаваат со земјоделство, сепак ја препорачувам оваа книга на секој кој е заинтересиран за историјата и иднината на нашиот вид.“
Во едно интервју за CNN, Фарид Закарија го замолил Барак Обама да препорача некоја од книгите кои ги прочитал додека бил на одмор во Хаваи. Поранешниот претседател на САД ја навел токму оваа книга, велејќи дека е „интересна и провокативна“ и додал: „Ова е обземувачка приказна за човековиот вид. Зборува за некои централни работи кои ни дозволиле да ја изградиме оваа извонредна цивилизација, која ја земаме здраво за готово.“
Ричард Брансон: „Еден пример за книга која ми помогна да #ReadToLead (Читам за да водам) е „Сапиенс: Кратка историја на човечкиот род“ од Јувал Ноа Харари. Иако книгата излезе пред неколку години, ми падна во рака токму оваа година и многу ми е драго поради тоа. Секогаш сум бил фасциниран да дознаам за тоа што е она што ги прави луѓето луѓе и како луѓето постојано еволуираат, се менуваат и растат. Генијалноста на оваа книга е тоа што зема тешки и комплексни теми и ги разложува во фасцинантен и едноставен наратив.“
Сите овие успешни луѓе сигурно ја препорачуваат оваа книга со причина, па затоа можеби би требало да го послушаме нивниот совет!
