Стандардно, како и секој месец, така и овој, ја споделувам мојата листа со книги кои ги прочитав претходниот месец. Можеби ќе забележите дека овој месец листата е малку пократка (обично е составена од 4-5 книги), но за жал обврските не ми дозволија да читам онолку колку што сакам, но се надевам дека ова набргу ќе се поправи. 😀
„До сите момци што ги сакав“ – Џени Хан

Оцена: 4/5
Осврт: Оваа книга ми го привлече вниманието кога на Нетфликс излезе екранизацијата на книгата. Ова е лесна книга која е добра за читање доколку имате многу обврски и сакате само да се исклучите од сѐ. Лара Џин е типична тинејџерка која на многу нетипичен начин се справува со нејзините чувства кон момчињата. Секогаш кога некое момче ќе ѝ се допадне, таа му пишува писмо кое никогаш не го праќа.
Таа има напишано 5 такви писма, а едно од нив е и до момчето на сестра ѝ кое е и нивен сосед. Но, сестра ѝ оди да студира во странство и раскинува со својот дечко, а некој истовремено ги пушта писмата во јавност, па така секое момче го добива писмото наменето за него и Лара Џин е во сериозна мешаница, па затоа прави договор со Ноа, едно од момчињата кое добива едно од нејзините писма, да се преправаат дека се во врска и оттука почнуваат работите да се развиваат.
Не очекувајте некаква длабочина од оваа книга, но доколку сакате да се одморите од сѐ и само да се релаксирате, тогаш оваа приказна одлично ќе ви легне.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: КУЛТУРА
„Неговото семејство“ – Ернест Пул

Оцена: 4/5
Осврт: За поздрав е фактот дека сѐ почесто се преведуваат книгите добитнички на Пулицер, па имаме можност да ги прочитаме книгите кои ја добивале оваа престижна книжевна награда низ годините. Па така, претходниот месец ја прочитав „Неговото семејство“ од Ернест Пул, првата книга добитничка на Пулицеровата награда за фикција (1918 година).
Оваа книга е интересна поради тоа што ни го покажува Њујорк од едно сосема друго време, кога не е ова „Големо јаболко“ кое сите ние го знаеме денес. Се работи за вдовецот Роџер, кој е на залезот на својот живот и кој веќе е во период од животот кога се навраќа назад и го анализира своето минато, своите односи и своите постапки.
Тој има три ќерки и секоја од нив е сосема различна. Едната ќерка е традиционална, има сопруг и деца, се грижи за домот и е одлична домаќинка. Другата ќерка е нешто налик денешните старлети, постојано излегува, постојано е во центарот на вниманието, сака да оди на забави, сака раскошен и луксузен живот и ги шокира сите кога го најавува својот брак со еден млад богаташ. Третата ќерка е комплетно посветена на работата и на својот труд да им помогне на младите деца во јавниот образовен систем кои се сиромашни и не можат да си дозволат ни основна медицинска нега. Таа е феминистка, се бори за правата на жените и учествува во општествениот живот.
Она што е убаво кај оваа книга е што преку овие 4 лика (Роџер и неговите ќерки) се анализираат 4 различни животни филозофии за многу различни теми, особено поврзани со положбата на жената во општеството, семејството, децата, итн. Овие ликови се изградени на таков начин што едноставно се вплеткувате во приказната и размислувате за најразлични животни теми и истовремено размислувате за сопствените ставови во тие прашања.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: АРС ЛАМИНА
„Тајната колиба на плажата“ – Сара Џио

Оцена: 3/5
Осврт: Сара Џио е добра писателка, знае како да ги употребува зборовите и како да создаде добра приказна и да ве натера да се поврзете со неа. Поттикната од нејзината книга „Зима со мирис на капини“ која ја прочитав во септември, решив да ја прочитав и оваа книга.
Ова е историска драма сместена во екот на Втората светска војна, а Ен Келовеј решава да ја одложи својата веридба и се пријавува да биде медицинска сестра во Бора-Бора. Иако е верена, таа таму се заљубува во еден војник Вестри и тие заедно уживаат во прекрасните предели и ја чуваат својата љубов во тајната колиба која заедно ја откриваат, прашувајќи се што ќе се случи кога сѐ ова ќе заврши. Покрај тоа, ова не е само љубовна драма, туку има елементи и на трилер и мистериозно убиство кое со години останува неоткриено.
Морам да признаам дека оваа книга не може да се спореди со „Зима со мирис на капини“. Иако описите во оваа книга се прекрасни, самата приказна е малку површна, недостасува повеќе длабочина и развој на настаните и самите ликови, но не е лоша за книга за минување на едно бавно есенско попладне…
ИЗДАВАЧКА КУЌА: САКАМ КНИГИ
