Како и изминатите четири години, така и оваа, книжевниот центар „Антолог“ го организира фестивалот на европска литература BookStar. Фестивалот ќе трае до 21 ноември, а целата програма ќе биде полна со многу интересни настани и гостувања.
Официјалниот слоган на овогодинешниот фестивал е: „TABOO OR NOT TABOO?“, алудирајќи на сите оние табу теми и случувања околу нас кои ја брануваат јавноста, особено во времето во коешто живееме денес.

(сликата е преземена од официјалната страна на „Антолог“ на Фејсбук)
На својот официјален Фејсбук настан, тие наведуваат:
„TABOO OR NOT TABOO?
Да се табуизира или не, прашање е сега!
Во време на информациска пренатрупаност и „неограничен“ медиумски пристап, логично би било табу-темите да не постојат. Но, наместо тоа, живееме во ера на постидеологија, „fake – news“ и табуизирање, што е всушност маската на празниот публицитет. Поради тоа, оваа година BOOKSTAR носи писатели чии дела до срцевина ги дисецираат болните точки на општеството денес.
Целта годинава е да ги донесеме најважните потврдени и нови гласови на европската литература и да отвориме дебата на општествено деликатни теми. Нашиот годинашен слоган е TABOO OR NOT TABOO? и целта не е само да се претстават гостите туку и да дискутираме на жешки прашања важни за нас, кои на некаков начин може да ги поврземе со она што нашите гости го пишуваат.“
Целата програма можете да ја прочитате тука, а истовремено ви препорачувам и да го погледнете официјалниот фестивалски каталог во кој ја има и програмата, но и изборот на гости заедно со нивна кратка биографија.
Не заборавајте дека во периодот од 13 до 30 ноември, во книжарницата на Антолог во Центар (до гимназијата „Јосип Броз – Тито“) ќе се одржува и Саем на европската литература, па така ќе имате можност и да се подновите и да ја освежите домашната библиотека.
За повеќе информации, следете го и официјалниот настан на Фејсбук.
