Иво Андриќ е еден од најпознатите книжевници од просторите на поранешна Југославија и единствениот од овие простори кој ја добил Нобеловата награда за литература. Но, малкумина знаат детали од неговиот приватен живот, особено кога станува збор за љубовта.

Во неговиот книжевен опус среќаваме многу женски ликови, селски и градски девојки, но само една од нив е Јелена, жената која ја нема. Во оваа приказна Андриќ ги изнел чувствата за кои никој не се ни сомневал дека воопшто постојат длабоко во неговото срце. Сите мислеле дека Јелена е само плод на неговата фантазија и никој не ни помислувал дека таа навистина постои. Но, всушност Андриќ навистина искрено сакал една жена која не можела да биде негова, па затоа и ја нема.
Иво Андриќ бил познат по својата затвореност и со децении љубоморно ја чувал својата тајна. Многумина мислеле дека тој е нешто налик волк самотник, но не знаеле дека тој бил искрено и длабоко заљубен во Милица Бабиќ – Јовановиќ, која била костимографка во Народниот театар во Белград. Но, тука имало еден проблем. Таа била сопруга на неговиот многу добар пријател Ненад Јовановиќ.
Андриќ речиси сите свои писма ги потпишува со прекарот Мандарин, прекар кој Милица му го дала. Во оваа љубовна игра се вплеткала и Милица, која исто така имала симпатии кон Андриќ и тие со текот на времето станувале сѐ поочигледни, иако била мажена. Но, Андриќ не се надевал на ништо и трпеливо чекал. Тој постојано се држел на дистанца, затоа што знаел дека нивната љубов е забранета. Позната е една од неговите реченици: „Знам дека секаде може да се јави Јелена, жената која ја нема. Само да не престанам да ја исчекувам!“
По 20 години познанство, Ненад Јовановиќ починал во 1957 година. Година и пол откако починал сопругот на Милица, таа станала сопруга на Андриќ. Откако стапиле во брак, Андриќ признал дека таа со децении била негова муза.

(Иво Андриќ и Милица на свеченост по повод доделување на Нобеловата награда)
Дури и кога наполнил 60 години, Андриќ продолжил со пишување љубовни писма, во кои ѝ се додворува на својата сопруга, а тоа само сведочи за љубовта која ги надминала сите пречки.
Милица била покрај него и кога во 1961 година отишол да ја прими Нобеловата награда за литература.
Но, за жал, нивната љубов траела пократко од нивното чекање. Поради тежок облик на артритис, Милица пиела тешки лекови кои го ослабнале нејзиното срце и починала во 1968 година.
Познавачите на ликот и делото на Иво Андриќ велат дека по нејзината смрт тој кренал раце од сѐ и ја загубил волјата за живот. Тој починал по седум години од нејзината смрт.
Но, за среќа, ги имаме сите тие записи во кои Андриќ искрено и длабоко ја отвора својата душа и за кои сега знаеме од каде потекнуваат и колкава била љубовта која го инспирирала да ги напише тие прекрасни редови. Љубов која била поголема од времето и животот.
