Денес е петок, денот кој сите со душа го чекаме, ден кој е прекрасен за читање македонска поезија. Денес изборот падна на песната „Убавината“ од Ацо Шопов.
Убавината – Ацо Шопов
На Л. Личеноски
Ме прогони како жена блудна,
ненаситна, похотна, осамена.
Ме грабнува во прегратка пламена
неизбежно и со сила судна.
И ме фрла со дланката лесна
в чудна игра, в чудно компонирање,
изгаснувам во грч и умирање
и се враќам в живот како песна.
Па со поглед што блика и зрачи,
потонувам до дно во модрината
и кликнувам пак на убавината:
Прострелај ме со своите лачи!
Прострелај ме, па сè нека стивне
без расудок, без празно умување,
и блесокот на тоа лудување,
само твојот блесок нека вивне.

