Македонска поезија: „Денови“ од Кочо Рацин!

На 25 ноември 1939 година била испечатена стихозбирката „Бели мугри“ на Кочо Рацин. Ова е една од највлијателните стихозбирки и општо книжевни дела во историјата на Република Македонија.

79 години поминаа од нејзиното издание, но нејзиното влијание и актуелност не се намалува, напротив!

Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни и се фокусира на тешкиот живот, експлоатацијата, желбата за подобро утро, за работниците…

ds4g8frw0ae9qz8(Првото издание на „Бели мугри“)

Речиси нема човек кој не ги знае (барем) воведните стихови на „Ленка“, „Тутуноберачите“, „Денови“, итн. Целата стихозбирка можете да ја прочитате тука.

Во чест на годишнината од објавувањето на оваа антологиска стихозбирка, денес на блогот ја читаме „Денови“.

Денови – Кочо Рацин

Како на вратот ѓердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежнале

Денови ли се — денови
аргатски маки големи!

Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —

ај пуст да е, пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек — роб биди
роди се човек — скот умри
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.

За туѓи бели дворови,
копај си црни гробови!

За себе само ’ргај си
за себе маки тргај си —
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,

нижи си синџир железен
околу вратот навезен!

2 comments

Leave a comment