Писателите отсекогаш знаеле како да не пренесат на друго време и друго место. Има нешто навистина магично кога ќе навлеземе во тие измислени места кои не постојат, а кои ни делуваат толку реално и вистинито како навистина да можеме да ги посетиме.
Што е она што ги прави овие места толку реални што веруваме во нивниот интегритет? Па како за почеток, фактот дека тие се важни за настаните и неверојатно поврзани со ликовите. Освен тоа, многу често се случува самите писатели да ни ги нацртаат мапите што ги прави овие места уште пореални.
Пред извесно време излезе една нова книга „Мапата на писателот“, чиј уредник е Хув Луис Џонс, која им дава можност на љубителите на книги (без оглед на жанрот) да навлезат во мапите на местата како „Утопија“ на Томас Мор, „Островот со богатство“ на Роберт Луис Стивенсон, Средната земја на Џ.Р.Р Толкин и уште многу други. Инаку, мапата во „Утопија“ е првата мапа на измислено место во книжевноста, барем според сите достапни информации.

Книгата е полна со есеи за книжевно мапирање од страна на писатели и цртачи на мапи и исто така се фокусира на начинот на кој самите писатели гледале на овој процес. Луис-Џонс во книгата вели: „За некои писатели, создавањето и цртањето мапа е апсолутно централен дел при создавањето или обликувањето на нивната приказна. За други писатели, создавањето мапи е начин како да ја избегнат болната задача на пишување, која Филип Пулман ја нарекува „работа на неверојатно страдање“. Од друга страна, тој вели дека „цртањето е чиста радост. Цртањето мапа која ќе оди заедно со приказната е забавување, плус со дополнителната радост да се бои внатре.“ Дејвид Мичел се согласувал со него: „Сѐ додека бев зафатен сонувајќи топографии, јас не морав да се замарам со механичките работи на заплетот и ликот.““

Може ве изненадува тоа дека и писателите мразат да пишуваат, но писателите се само луѓе, а повеќето луѓе го сметаат пишувањето за нешто тешко. Она што е заедничко за сите сите писатели кои се вклучени во оваа книга, е тоа што сите сакале да навлезат подлабоко во својата фантазија, преточувајќи ги своите луцидни соништа на хартија.

