Полека, но сигурно, итаме кон 2019 година. Си замина и ноември, а веќе декември е решен со галоп да си замине. Во овој хаотичен период човек мора да најде начин да се релаксира, а најдобар начин за тоа се книгите. Еве што прочитав јас во ноември, можеби ќе ве инспирира мојата листа, па ќе си изберете нешто за вас. 🙂
„Збогум на оружјето“ – Ернест Хемингвеј

Оцена: 5/5
Осврт: Оваа книга секогаш сум ја гледала на листите со книги кои морате да ги прочитате во животот и верувајте дека навистина не претеруваат кога зборуваат за оваа книга. Оваа книга е вистински доказ за мајсторијата на Хемингвеј кој има многу едноставен стил на пишување, но секогаш знае како да ве „тресне од земја“ (емотивно, се разбира). Оваа книга е една од најдобрите книги кои ги прочитав годинава и топло ви ја препорачувам.
Приказната го опфаќа периодот на Прва светска војна и нѐ води низ воениот живот на Американецот Фредерик Хенри кој се приклучува на италијанската војска и е сместен во едно мало место во Италија. Таму ја запознава медицинската сестра Кетрин. Откако е тешко повреден и поминува месеци во болница, многу работи почнуваат да се менуваат во неговиот ум. Она што е прекрасно во книгата е што тонот на книгата се менува од дел во дел, особено неговиот однос со Кетрин. Освен тоа, Хемингвеј брилијантно го опишал животот за време на војна, односно фактот дека животот не завршува само затоа што таму некаде се одвива војна.
Книга со огромна емоционална длабочина и тежина. Иако навидум е приказна која е едноставно напишана, сепак кога ќе навлезете доволно длабоко, нема да можете да останете рамнодушни.
Омилена мисла од книгата: „Знам дека ноќта не е исто што и денот, дека работите се различни, дека работите што се случуваат ноќе, не можат да се објаснат дење, зашто тогаш не постојат, а ноќта може да биде страшна за осамените, еднаш откако ќе ја осознаат својата осаменост…
Ако луѓето донесат толку многу храброст на овој свет, светот мора да ги убие за да ги скрши. Светот ги крши сите и потоа луѓето стануваат поцврсти на скршените места. Но, оние што не може да ги скрши, нив ги убива. Ги убива сите, без разлика дали се добри и нежни и храбри. Дури и да не припаѓате на ниедна од овие категории, бидете сигурни дека исто така ќе ве убие, само без многу брзање.“
ИЗДАВАЧКА КУЌА: ПОЛИЦА
„П.С. Сѐ уште те сакам“ – Џени Хан

Оцена: 3/5
Осврт: Минатиот месец го прочитав првиот дел од книгата, па решив да го прочитам и продолжението. Оваа книга буквално продолжува онаму каде што застана претходната книга, па така го следиме развојот на случувањата меѓу Лара Џин и Питер и како ќе се справат со сите нови случувања по инцидентот за Божиќ. Освен тоа, во животот на Лара Џин се враќа едно од другите 5 момчиња на кои таа им напиша писмо и кој исто така го прочитал писмото.
Kнигата не е лоша, напротив. одлично ми дојде во период полн со обврски, особено поради тоа што содржината е лесна и брзо се чита, но првиот дел е за нијанса подобар. И ова не е клише, туку едноставно оваа книга има многу повторувања и сцени кои навистина не се потребни и кои некако служат само за да се пополни хартија.
Но, ако ви треба нешто за да одморите мозок и да не мислите премногу, не е лоша книгава за вас.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: КУЛТУРА
„Сѐ, баш сѐ“ – Никола Јун

Оцена: 2.5/5
Осврт: Ако ви се допаѓа „Грешката во нашите ѕвезди“ од Џон Грин, тогаш и оваа книга сигурно ќе ви се допадне, ако не ви се допаднала, не верувам дека ќе ви се допадне. Јас сум од втората група, па затоа и оцената е пониска, иако сепак треба да ѝ дадете шанса на книгата, бидејќи приказната всушност е интересна, а и заслужува да ја прочитате поради крајот кој е навистина интересен.
Ја земав оваа книга поради тоа што некаде видов трејлер за екранизацијата, па сакав да ја прочитам книгата пред да го гледам филмот. Се работи за приказната на Медлин која има ретка болест поради која не смее под никакви услови да го напушти домот. Таа нема другари освен жената која ја чува и е ангажирана од нејзината мајка. Еден ден, во куќата до нив се доселува ново семејство и таа почнува да развива симпатии кон Оли, момчето на соседите, а и тој кон неа, но проблем е тоа што таа не може да излезе од дома и сфаќа дека сака да живее и да го види светот, дури и по цена на својот живот.
Приказната е интересна, мене не ми легна затоа што мислам дека е препоедноставена, има многу „цртежи“ кои ми делуваат како да се тука само за да пополнат хартија поради недостаток на идеи. Но, сепак, дајте ѝ шанса, бидејќи се чита во еден здив, ќе ја прочитате за еден ден.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: САКАМ КНИГИ
