Кои се омилените книги на Бил Гејтс за 2018 година?

Како што веќе знаете и како што веќе многупати е пишувано на блогот, Бил Гејтс e голем обожавател на книги и постојано нѐ радува со неговите објави на неговиот блог. Како и секоја година, така и оваа година, тој со нас ги споделува неговите омилени книги кои ги прочитал оваа година.

На својот блог тој напиша:

„Ако сте како мене, сигурно сакате да давате (или добивате!) книги за време на празниците. Одлична книга е совршениот подарок: промислен и лесен за пакување (плус нема батерии и не треба сами да ги составувате). Плус мислам дека на секој човек му се потребни уште неколку дополнителни книги во неговиот живот. Додека ја составувам годишната листа, најчесто не размислувам околу тоа дали нешто би било добар подарок, но книгите кои ги избрав годинава се совршени за подарок.“

1543519875-1543519875_goodreads_misc

Еве ги неговите омилени книги за 2018 година:

Образована“ – Тара Вестовер

Што вели Бил Гејтс: „Тара никогаш не стапнала во училиште, ниту пак посетила доктор, сѐ додека не заминала од дома на 17 години. Никогаш не верував дека ќе се поврзам со приказна за тоа што значи да пораснеш во Мормонско „преживувачко“ домаќинство, но таа е толку добра писателка, што додека читав за нејзиното екстремно дество, таа направи да размислам за мојот сопствен живот. И јас и Мелинда уживавме во овој мемоар на една млада жена чиј глад за учење бил толку силен што завршила со докторат од Кембриџ.“

Армија без луѓе“ – Пол Шар

Што вели Бил Гејтс: „Самоуправувачки оружја не се баш нешто на коешто ќе ви текне од прва и тоа за време на празниците, но оваа провокативна анализа и поглед на вештачката интелигенција во војувањето е толку добра, што нема да сакате да ја испуштите од раце. Се работи за неверојатно комплицирана тема, но Шар нуди јасни објаснувања и ги претставува и добрите и лошите страни од војување меѓу машини. Неговото познавање на предметот не е за изненадување: тој е ветеран кој помогнал при создавање на политиките на Владата на САД за автономни оружја.“

Зла крв“ – Џон Керироу

Што вели Бил Гејтс: „Еден куп од моите пријатели ми ја препорачаа оваа книга. Керироу ви дава детален преглед на подемот и падот на Теранос. Приказната е уште полуда отколку што очекував и сфатив дека не можам да се одвојам од книгата. Книгава беше сѐ: детални измами, корпоративни интриги, приказни од весниците, уништени семејни врски и распадот на компанијата која еднаш вредеше речиси 10 милијарди долари.

21 лекција за 21 век“ – Јувал Ноа Харари

Што вели Бил Гејтс: „Јас сум голем обожавател на сѐ што Харари го има напишано, а неговата последна книга дефинитивно не е исклучок. Додека „Сапиенс“ и „Хомо Деус“ ја покриваа минатото и иднината, оваа книга е посветена на сегашноста. Ако 2018 година ве истошти и умори, оваа книга е корисна рамка за процесирање на вестите и размислување на предизвиците со кои се соочуваме.“

Умствен водич за медитација и свесност“  – Енди Пудикомби

Што вели Бил Гејтс: „Сигурен сум дека 25-годишниот јас би ја исмејал оваа книга, но јас и Мелинда во последно време ептен се загреавме за медитација. Книгата започнува со личното патување на Пудикомби како универзитетски студент до неговата трансформација во Будистички свештеник, а потоа станува забавен учител за тоа како да медитираме. Ако размислувате на овие теми, ова е совршен вовед во темата.“

Во продолжение погледнете го и видеото кое тој го постави на својот блог:

 

За претходни објави поврзани со препораките на Бил Гејтс, можете да се информирате тука, тука, тука и тука.

Извор.

Leave a comment