Библиотеката „Гледстоун“ во Велс е вистински рај за љубителите на книги, затоа што покрај 250.000 книги и документи кои можете да ги позајмите за читање, можете и да преспиете таму! Оваа библиотека се наоѓа во градот Хаварден, областа Флинтшир и е единствената библиотека во Велика Британија која нуди ваква можност.

Во рамките на библиотеката има 26 соби и секој посетител има пристап до бесплатен интернет, бесплатно кафе, ретро радио и прекрасен поглед кон околната природа, но секој љубител на книги највеќе ќе се израдува на фактот дека гостите имаат пристап до библиотеката до 22 часот, за разлика од останатите посетители на библиотеката за кои библиотеката работи до 17 часот. Изнајмување на соба чини 63 фунти од вечер, а во цената е вклучен и појадок кој се служи во кафулето „Храна за умот“ (Food for Thought). Она што е интересно е што собите немаат телевизор, затоа што не сте поминале толкав пат да бидете сместени во библиотека само за да гледате телевизија.

Библиотеката го добива своето име во чест на Вилијам Гледстоун, поранешен премиер на Велика Британија кој 4 мандати седел на премиерското столче. Тој бил познат како голем љубител на книги и имал импресивна колекција од 30.000 книги. Откако се пензионирал од политика, тој живеел во Велс. Кога во 1898 година починал, се направиле обиди да ѝ најдат дом на неговата огромна збирка книги, а сѐ со цел да биде достапна до сите луѓе. И по кратко време, библиотеката која го носи неговото име била изградена.
Доколку некогаш планирате патување, треба да знаете дека библиотеката и хотелот не работата во периодот од 18 декември до 3 јануари.
