Во Исланд, најпопуларните божиќни и новогодишни подароци не се најновите Ајфони, накит или облека. Таму, најпопуларните подароци се книгите. Секоја година, Исланд го прославува она што таму е познато како Jólabókaflóðið: или годишната книжевна поплава.
Што се случува за време на овој период?

Според изворите, на почетокот на ноември, секое домаќинство во Исланд добива примерок од Bokatidindi, каталогот на Здружението на издавачи на Исланд, во кој се наведени сите книги кои ќе бидат објавени во следниот период и на тој начин им даваат шанса на жителите на Исланд да си одберат книги кои ќе им ги подарат на членовите на семејството и на пријателите за време на божиќните и новогодишните празници. Во периодот од септември до ноември, продажбата значително се зголемува, дури и супермаркетите и обичните продавнички нудат книги на продажба.
Оваа традиција започнала по Втората светска војна. Исланд стекнала независност од Данска во 1918 година, но официјално станала автономна република во 1944 година. За време на Големата депресија, државата создала ригиден систем полн со ограничувања на увозот, а овие протекционистички политики продолжиле и по Втората светска војна.
Високата инфлација и строгите ограничувања на увозот биле причината поради која Исланѓаните не можеле да купат многу работи, но хартија имало во изобилство. И како резултат на тоа, книгите станале најчест подарок, а и покрај тоа што денес има изобилство од производи кои можат да се купат, книгите сѐ уште се подароци кои најчесто се подаруваат за време на овој период.

Иако секое семејство си има сопствени традиции, повеќето луѓе ги отвораат подароците на 24 декември. Има луѓе кои купуваат книги за секој член на нивното семејство, додека пак други семејства се договараат секој член од семејството да донесе неколку наслови, па потоа секој да си избере од купот книги и си вршат размена на книгите. По размената, многу луѓе си легнуваат во кревет со чоколадо и си ги читаат новите книги.
Традицијата вели дека во овој период, откако ќе се разменат книгите, речиси секој разговор во општеството е околу книгите кои се подарени или разменети, сите весници пишуваат за книги, пишуваат статии за тоа кои книги се најдобри или најлоши, ги оценуваат насловите, кориците, итн.
Не е за изненадување тоа што Исланд им дава толку големо значење на книгите Оваа нација чита и издава повеќе книги по глава на жител од која било друга држава во светот, а еден од десет Исланѓани имаат издадено книга.
Критичарите велат дека има опасност за книжевниот пазар во Исланд, затоа што во Исланд има само 338.000 луѓе и има повеќе книги отколку луѓе. Има издавачки куќи кои ги уништуваат непродадените книги на крајот на сезоната.
Како и да е, сигурна сум дека не би имале ништо против и во Македонија да се воведе една ваква традиција, нели?
