Пристигна 2019 година, а тоа значи дека пред нас е цела година и многу можности за читање и уживање во книгите. Кафе и книги ви посакува уште многу прочитани страници и нови книги на вашите полици! Како што е редот и традицијата, секој месец го започнуваме со објавување на листата со прочитани книги за изминатиот месец.

Во продолжение, прочитајте кои книги ги прочитав изминатиот месец, па можеби некоја од нив ќе ви фати око и ќе ја ставите на вашата листа со книги кои сакате да ги прочитате.
„Пишувајќи ги изгубените топки“ – Фросина Пармаковска

ИЗДАВАЧКА КУЌА: КУЛТУРА
Оцена: 5/5
Осврт: Фросина Пармаковска со право се смета за една од најдобрите модерни писателки во Република Македонија. Нејзиниот стил на пишување едноставно не може да не ве привлече уште од првата страница, а и самите теми кои се обработуваат во нејзините книги се блиски до секој од нас. Главната тема во оваа книга е заборавот, кој често е многу тежок и за кого сѐ уште не сме пронашле соодветен лек. Но, во оваа книга полна со магичен реализам, се чини дека е пронајден лекот за заборавот и тоа од страна на главниот лик. Она што ја прави оваа книга уште поинтересна е тоа што целата приказна и целото дејство ни е опишано преку неколку ликови, па така всушност ние како читатели самите ги составуваме делчињата на приказната и полека одгатнуваме што се случува. Омилен дијалог од книгата ми беше овој:
– „Имаш некоја тага“ – рече.
– „Жити сѐ“ – помислив, „кој нема некоја тага?“
– „Но, твојата е голема и ти се населила во очите“ – рече.
Топло препорачувам да ја прочитате!
„За душата“ – Аристотел

ИЗДАВАЧКА КУЌА: МАГОР
Оцена: 4/5
Осврт: Дури и ако не сте љубител на филозофијата, сигурно знаете за влијанието на Аристотел и колку е тој важен за развојот на голем број науки, меѓу кои и филозофијата. Оваа книга се концентрира на душата. Од што е составена, како се движи, дали е душата онаа што го движи сѐ она што е живо? Се навлегува и анализира односот меѓу сетилното и логичното.
Освен тоа ни дава и преглед на тоа што кажале по оваа тема и филозофите пред него. Одлична книга, дури и да не сте љубител на филозофија, ви препорачувам да ја прочитате оваа книга која ќе ви ги отвори видиците и во процесот ќе спознаете нешто повеќе за душата, а можеби и за себеси.
„Во водата“ – Пола Хокинс

ИЗДАВАЧКА КУЌА: ТОПЕР
Оцена: 3/5
Осврт: Доколку ја прочитавте „Девојката од возот“, познатиот бестселер на Пола Хокинс со кој се проби на светската книжевна сцена и кој дури доби и своја екранизација, сигурно ќе сакате да ја прочитате и оваа книга, само имајте на ум дека се работи за сосема различен тип на трилер и оваа книга е сосема поинаква во секој аспект од првата книга. Но, доброто кај Пола Хокинс е што има лесен стил на пишување, па брзо ќе ја прочитате книгата.
Дејството е сместено во еден мал град, а приказната започнува да се развива откако една самохрана мајка е извлечена од длабочините на мистериозната река околу која кружат многу гласини. Сестрата на жртвата се враќа назад за да се грижи за својата внука која сѐ уште е во шок од она што се случило. Инаку книгата е раскажана од гледната точна на повеќе ликови во книгата и на тој начин го дознаваме и нивниот процес на размислување и што им се врти во главата додека се случуваат работите. Некои работи се малку клише, малку претеран обид да се вметне наративот за патријахатот и има малку клише феминизам кој делува како само да е вметнат таму затоа што е „кул“ и „ин“, но, сепак е океј книга за после работа и за опуштање.
