На 25 јануари во 1882 година, се родила Вирџинија Вулф, една од најпознатите англиски писателки која се смета за еден од основоположниците на модерниот психолошки роман. Вирџинија Вулф е автор на повеќе романи, критики и три книги со есеи. Нејзини најпознати дела се „Госпоѓа Даловеј“ (1925), „Кон светилникот“ (1927), „Орландо“(1928) и „Сопствена соба“ (1929) каде вели дека „жената мора да има пари и сопствена соба ако сака да пишува“.
Нејзиниот живот трагично завршил на 28 март 1941 година. Целиот свој живот се борела со депресија, а околностите, како и други приватни и професионални удари уште повеќе ја влошиле депресијата до степен до кој повеќе не можела ни да работи.
На 28 март 1941 година, ги наполнила џебовите со камења и се фрлила во реката Уз во близина на нејзиниот дом. Телото ѝ го пронашле дури на 18 април 1941 година. Во нејзиното последно писмо пред да се самоубие, кое било упатено до нејзиниот сопруг, таа, меѓу другото, напишала:
„Сакам да кажам дека тебе ти ја должам сета среќа во мојот живот. Ти беше крајно трпелив со мене и неверојатно добар. Сакам да го кажам ова – сите веќе го знаат. Ако некој можеше да ме спаси, тоа беше ти. Повеќе во ништо не сум уверена, освен во твојата добрина. Не сакам да ти го доуништам животот. На светот не постоеле посреќни луѓе од нас двајца.“

Навистина е премногу тешко да се изберат неколку мисли на Вирџинија Вулф, имајќи предвид дека нејзиното творештво е големо и богато со прекрасни и мудри мисли кои и ден денес одѕвонуваат и се актуелни и значајни. Се потрудив да направам една мала збирка на нејзините мисли во чест на нејзиниот роденден, а во следна прилика, оваа листа ќе биде надополнета со уште прекрасни мисли.
„Заклучете ги вашите библиотеки ако толку милувате, но не постои врата, катанец или шраф кој можете да го ставите на слободата на мојот ум.“
„Книгите се огледала на душата.“
„Човек не може добро да размислува, добро да сака, ниту пак добро да спие, ако добро не се најаде“
„Ако не ја кажеш вистината за себе, не можеш да ја кажуваш вистината за другите луѓе.“
„Како жена, јас немам татковина. Како жена, јас не сакам да имам татковина. Како жена, мојата татковина е целиот свет.“
„Кога ќе размислиш за работи како ѕвездите, нашите проблеми изгледа дека и не се толку важни, зарем не?
„Очите на другите се наши затвори, нивните мисли се наши кафези.“
„Растењето значи да изгубиш одредени илузии само за да стекнеш нови.“

„Сѐ додека размислува како маж, никој нема проблем со тоа жената да размислува.“
„Нема потреба од брзање. Нема потреба од сјаење. Нема потреба да бидеме никој друг освен себеси.“
„Љубовта, рече поетот, е целото постоење на жената.“
„Половните книги се диви книги, бездомни книги. Тие се здружиле во големи стада на разновидни пердуви и имаат шарм кој им недостасува на припитомените томови на библиотеката.“
„Што е смислата на животот? Тоа беше сѐ – едноставно прашање. Прашање кое имаше обичај да му натежнува на човек со текот на годините, а големото откровение никогаш не се појави. Големото откровение можеби никогаш нема да дојде. Наместо тоа, постоеја малечки дневни чуда, просветлувања, кибритчиња кои неочекувано се палеа во темнината.“
„Не можеш да пронајдеш мир со избегнување на животот.“
„Имам длабока и неискажана желба за нешто над секојдневниот живот.“
„Прочитај 1000 книги и твоите зборови ќе течат како река.“
