Интересни факти за „Гордост и предрасуди“ на Џејн Остин!

На денешен ден, во 1813 година, издаден е романот „Гордост и предрасуди“, еден од највлијателните и најдобрите романи на сите времиња. Ова вистинско ремек-дело на Џејн Остин не престанува да ги фасцинира читателите, но и режисерите, кои одново и одново наоѓаат начини да ја преточат оваа прекрасна приказна на филмското платно.

liz-darcy-pride-and-prejudice-131935_700_453

Прекрасната приказна за Елизабет и Дарси е приказна која и натаму ќе нѐ маѓепсува, а во чест на годишнината од објавувањето на книгата, денес на блогот прочитајте интересни факти за овој прекрасен роман:

1 . Првичниот (работниот) наслов на книгата бил „Први впечатоци“

2. Романот бил завршен уште во 1797 година, но Џејн морала да чека 16 години за да биде објавен. Таа имала само 21 година кога го завршила ова прекрасно дело, а дочекала да биде објавено на свои 37 години. Нејзиниот татко, кој верувал во неа и кој ѝ давал неверојатна поддршка, уште во 1797 година го испратил ракописот на познатиот издавач Томас Кадел и го прашал колку би чинело да се издаде книгата и колку би добиле за авторски права. Но, Томас Кадел само напишал „Одбиено“ и го вратил писмото назад.

3. Пред да го објави романот „Гордост и предрасуди“, Џејн Остин успеала да го објави романот „Разум и чувства“ во 1811 година.

4. „Разум и чувства“ бил роман објавен под псевдонимот „Една дама“, а „Гордост и предрасуди“ бил роман кој бил објавен под името „Од авторката на „Разум и чувства““. Џејн не се чувствувала удобно да го потпише своето име под насловот на своите романи, особено поради фактот што во тоа време, не било баш многу популарно и пожелно жените да се занимаваат со пишување. Таа излегла од анонимност дури по нејзината смрт, кога нејзиниот брат го открил нејзиниот идентитет и работел на промоција на нејзините дела и нејзиното творештво.

mv5bndc1ntcxnjatogrmns00mzkylthjymqtnznkzjrhnwjmngfkxkeyxkfqcgdeqxvyntqxmtixmtk@._v1_
(сцена од екранизацијата од 2005 година)

5. Таа ги продала сите права на книгата за само 110 фунти и не заработила речиси ништо од романот.

6. Се верува дека насловот бил инспириран од еден пасус од книгата „Сесилија“ на Фани Бурни од 1782 година, која била многу популарна во тоа време. Причината поради која се верува дека ова е инспирацијата е тоа што фразата се повторува неколку пати и е потенцирана со големи букви: „Целата оваа несреќна работа“, рече доктор Листер, „е резултат на ГОРДОСТ и ПРЕДРАСУДИ. […] Ако си мизерна поради ГОРДОСТ и ПРЕДРАСУДИ, добрата работа е тоа што твојата мизерија ќе заврши поради ГОРДОСТ и ПРЕДРАСУДИ.“

7. Книгата досега се има продадено во над 20 милиони примероци.

8. Сите во семејството на Џејн Остин биле маѓепсани од „Гордост и предрасуди“ и сите највеќе го сакале ова дело на Џејн. Џејн имала обичај да им чита извадоци од своите романи на своето семејство со цел да добие критики и мислења, а дефинитивно имало консензус во нејзиното семејство дека ова е прекрасна книга. Тие ја сакале книгата исто како и јавноста.

9. Сепак, Џејн сметала дека книгата не е доволно сериозна. Во едно писмо, таа вели: „Делото е премногу лесно, светло и блескаво. Потребна е сенка, потребно е малку да се растегне и да се внесе малку разум“. Но, сепак, генерално била задоволна од крајниот резултат, особено се гордеела со ликот на Елизабет Бенет. Во едно друго писмо, таа пишува: „Морам да признаам дека мислам дека таа е една од најпрекрасните личности кои некогаш се појавиле на хартија и поим немам како ќе ги поднесувам луѓето на кои таа нема да им се допаѓа.“

colin-firth-as-mr-darcy-in-pride-and-prejudice-bbc-adaptation-1995-lizzy
(сцена од истоимената мини-серија на BBC, 1995 година)

10. Сопругата на лорд Бајрон рекла дека „Гордост и предрасуди“ е „модерен роман“.

11. Од друга страна, Шарлон Бронте воопшто не го сакала овој роман и тоа јасно го има напишано во едно писмо до Џорџ Хенри Луис.

12. Можеби не сте го забележале овој детал, но името на господин Дарси всушност е Фицвилијам. Она што е интересно е што неговото име се спомнува само двапати и затоа и многумина го имаат пропуштено овој момент во книгата и сите автоматски го нарекуваат господин Дарси без да помислат на неговото име.

13. Господин Дарси всушност е екстремно богат. Во книгата се спомнува дека тој има богатство од 10.000 фунти годишно. Пресметано според денешни стандарди, тоа се околу 12 милиони фунти и тоа е само каматата која ја добива на годишно ниво, што значи дека неговото целокупно богатство е уште поголемо.

14. Длабокото пријателство и поврзаноста меѓу Џејн и Елизабет Бенет е всушност вистинско огледало и одраз на врската која Џејн Остин ја имала со својата сестра Касандра, која навистина била нејзината најдобра пријателка и личност со која споделувала буквално сѐ.

15. Легендата вели дека ликот на господин Дарси е инспириран од Том Лефрој, ирски адвокат, личност кон која Џејн Остин негувала симпатии и со кого поминувала значајно време во перидот 1795/1796 година. Најголемата причина поради која луѓето сметаат дека Том е инспирација за Дарси е тоа што тие двајца биле блиски и имале чувства еден за друг, но за жал, семејството на Лефрој сметале дека таа врска е неповолна за Том, бидејќи семејството на Џејн не било добро ситуирано. Во неколку писма на Џејн упатени до нејзината сестра, таа ја искажува својата разочараност што мора да се раздели од Том Лефрој.

becomingjane28529
(сцена од филмот „Станувајќи Џејн“)

Доколку сакате да дознаете нешто повеќе за нивната приказна, топло ви го препорачувам филмот „Станувајќи Џејн“, биографски филм за Џејн Остин, кој ја истражува врската меѓу Том Лефрој и Џејн Остин и доколку сте обожаватели на Џејн Остин и „Гордост и предрасуди“ ве уверувам дека филмот нема да ве остави рамнодушни.

16. На прв поглед, насловот на книгата делува дека се однесува на гордоста на господин Дарси и предрасудите на Елизабет во однос на Дарси, но ако погледнете и анализирате малку подобро, ќе видите дека и двајцата ги имаат и двете карактеристики, со тоа што гордоста на Елизабет е повредена кога Дарси вели дека таа „не е доволно убава за да го стави во искушение“, додека пак Дарси има предрасуди околу нејзиното семејство и нејзиниот општествен статус. Романот всушност ни го покажува созревањето на главните ликови и ни покажува како и двајцата си поместуваат гордоста и ги отстрануваат предрасудите што ги имаат еден за друг, како и за светот во којшто живеат.

17. Ако сте ја читале книгата, не можете да ја пропуштите Шарлот, пријателката на Елизабет, која прифаќа брак со човек во кој и не е баш заљубена, а Елизабет е шокирана од нејзината одлука. Но, Шарлот Лукас во книгата всушност ја покажува практичната, правна страна на бракот. На 27 години, според општествените стандарди, таа веќе се смета за „стара мома“, а нејзиниот брак со господин Колинс е практичен брак кој ќе ѝ обезбеди финансиска сигурност. Нејзиниот став околу бракот, како и нејзините дејства поврзани со бракот, всушност ја покажуваат реалноста за тоа како изгледал бракот за жените во 18 и 19 век. Генерално, жените го немале луксузот да го чекаат својот господин Дарси.

18. „Гордост и предрасуди“ е едно од најекранизираните книжевни дела. Најпознати екранизации се: мини-серијата на BBC, со Колин Фирт во улогата на Дарси и екранизацијата од 2005-та година, која на Кеира Најтли ѝ донесе и номинација за Оскар. Во поготовка е уште една екранизација, но сѐ уште нема детали во однос на тоа до каде е процесот.

Leave a comment