Големите синџири на книжарници затвораат подружници или целосно се затвораат. Весниците умираат. Луѓето сѐ повеќе седат на интернет. И сѐ ова води кон генералното чувство дека книгите умираат поради тоа што луѓето не читаат.
Но, ова чувство воопшто не е точно.
Како што потенцираше порталот „Кварц“, малите книжарници цветаат во последните неколку години. Помеѓу 2009 и 2015 година, бројот на независни и малечки книжарници во САД е зголемен за 35%. Весникот „Гардијан“ објави дека бројот на малечки и независни книжарници во Велика Британија е пораснат за првпат по подемот на „Амазон“.

Уште една одлична вест е тоа што освен што независните и малечки книжарници се развиваат, печатените книги исто така се во подем. Според „Паблишер Викли“, продажбата на печатените книги се зголемила за речиси 2% во 2017 година и продолжила да расте и во 2018 година, најмногу поради силната продажба на нефикција (биографии, истражувачки книги, мемоари…)
„Вокс“ вели дека купуваме повеќе печатени книги токму поради тоа што постојано сме на интернет, особено на телефоните. Одењето во книжарница не е само интересна попладневна обврска, туку за многу луѓе е и можност за интересна слика за на Инстаграм. Хаштагот #Bookstagram е употребен повеќе од 25 милион пати и тоа само на Инстаграм, а да не зборуваме за другите социјални мрежи. Освен тоа, ова е добро и за книжарниците, затоа што можат полесно да ги рекламираат и промовираат своите изданија и продавници.
Во статијата се наведува дека баш поради тоа што телефоните се постојано до нас и сме зависни од нив, едноставно нѐ привлекуваат печатените книги затоа што ги гледаме како бегство. Одредени сопственици на книжарници велат дека дигитализацијата е токму она што прави луѓето да посакуваат повеќе книги: нивниот изглед, нивниот мирис, самиот допир на книга ги прави среќни.
