„Убиство во Ориент Експрес“ е еден од најпознатите крими-романи на сите времиња и едно од најпрепознатливите дела на Агата Кристи. Во ова дело, досетливиот белгиски детектив Херкул Поаро ја расплеткува мистеријата на злосторството коешто се случило во возот, кога еден американски тајкун е сурово избоден до смрт.

Иако приказната од 1934 година е измислена, сепак Кристи се инспирирала од вистински настани. Во приказната на Кристи, Поаро се наоѓа во возот „Ориент Експрес“ кој патува од Сирија до Лондон, кога еден човек по име Рачет го замолува да ги истражи смртните закани кои ги добива, но Поаро го одбива, велејќи дека не му се допаѓа неговото лице. Следното утро, снежна лавина го заглавува возот, а Рачет е пронајден мртов во своето купе.
Кога Поаро повторно влегува во неговата детективска улога и го пребарува купето на Рачет, тој наоѓа мало парче изгорена хартија на која пишува: „малата Дејзи Армстронг“. Тој заклучува дека Рачет всушност е мафијаш наречен Касети, кој ја киднапирал тригодишната наследничка Дејзи Армстронг и собрал 200.000 долари од нејзините родители пред да ѝ биде пронајдено мртвото тело. Со оглед на тоа дека бил богат, тој успеал да ѝ избега на правдата и да си замине од државата. Целиот наратив на книгата се врти околу тоа кој всушност го убил Рачет.
Измислената приказна за Дејзи Армстронг најверојатно им била многу позната на читателите во средината на 30-тите години на 20 век, особено оние кои го следеле случајот на киднапирањето на синот на Чарлс Линдберг, познат авијатичар во тоа време. На официјалната веб-страна на Агата Кристи се потврдува информацијата дека Кристи се инспирирала од оваа вистинска трагедија. На 1 март 1932 година, 20-месечното бебе било киднапиранo од неговата лулка. Пораката за откуп била оставена на прозорецот од собата во куќата во Њу Џерси и во неа киднаперите барале 50.000 долари.

Овој случај создал вистинска паника и хаос во САД. Весниците буквално го запирале штампањето на весниците за да ја стават и оваа вест за изданијата за наредниот ден. Џ. Едгар Хувер, директорот на ФБИ, мобилизирал агенти за да помогнат во потрагата.
И во романот и во вистинскиот живот, телата на децата биле откриени откако откупот бил целосно платен. Касети ја убил Дејзи кратко откако ја киднапирал, а телото на Чарлс Џуниор било најдено на само 2 километри од нивниот дом, откако човек кој сечел дрва го пронашол скелетот на детето кое било закопано во плиток гроб. Телото било таму повеќе од два месеци, со скршен череп и дупка зад десното уво.
„Убиство во Ориент Експрес“ била екстремно популарна книга кога била објавена, па експертот Роберт Зорн вели дека луѓето сигурно веднаш ги воочиле сличностите. Агата Кристи дури и самата имала свои размислувања за случајот. Таа претпоставувала дека странец го киднапирал малото момче, претпоставка која излегла точна кога откриле дека киднаперот е Ричард Хауптман, германски имигирант. Зорн вели: „Мислам дека таа имала повеќе чувство за целиот случај отколку голем дел од детективите кои работеле на случајот.“
Како и самите ликови во романот, Кристи знаела како е да бидеш заглавен во воз. Таа уживала да патува со „Ориент Експрес“ и често со себе ја носела својата машина за пишување. Во 1931 година, за време на едно патување, возот принудно бил запрен порани поплава. Таа ја раскажала оваа авантура во едно писмо до својот втор сопруг Макс Малован: „Драги мој, какво патување беше тоа! Започна во Истанбул со неверојатно силна бура од грмотевици. Возот возеше многу бавно за време на ноќта и некаде околу 3 часот наутро сосема запре.“ Таа исто така била и инспирирана од еден инцидент од 1929 година, кога „Ориент Експрес“ цели 5 дена бил заглавен поради силни снежни наноси.

А што се однесува до Поаро, Кристи никогаш не ја открила вистинската инспирација за нејзиниот познат лик. Но, истражувачот Мајкл Клап верува дека белгискиот детектив можеби бил нејзин сосед. Тој открил дека Кристи се запознала со некој пензиониран белгиски полицаец – бегалец од војната, кој се викал Жак Хорнај. Тие се запознале на еден добротворен настан за бегалците од Белгија. Не е баш некој доказ, но сепак е некаква случајност.
Во нејзината сопствена автобиографија, таа напишала: „Зошто мојот детектив да не биде Белгиец, си реков. Постојат различни видови бегалци. Зошто да не биде полицаец кој истовремено е и бегалец?“
Користењето на вистински животни случки не е нешто чудно за Кристи. Голем дел од нејзините лични искуства оставиле своја трага во нејзините дела, без оглед дали станува збор за нејзиното познавање на различните видови отрови преку нејзината работа во британскиот Црвен крст или нејзината фасцинација со епидемијата на рубеола која исто така била инспирација за едно од нејзините дела. Таа имала бујна фантазија и како што вели во својата автобиографија, не се ограничувала себеси и дозволувала да биде инспирирана од сѐ и сешто.
Таа напишала: „Заплетот ми доаѓа во многу чудни моменти, додека одам по улица или додека разгледувам во продавница за шапки. Одеднаш, некоја предобра идеја ќе ми падне на ум.“
