Што читаше Кафе и книги во јануари?

Помина и најдолгиот месец во годината, судејќи според сите коментари на социјалните мрежи. Во продолжение можете да ги прочитате книгите кои ги прочитав во јануари, па можеби некоја од нив ќе ве инспирира да ја прочитате.

Богородичната црква во Париз“ – Виктор Иго

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Овој роман со право се смета за едно од најголемите ремек-дела во книжевноста. Невозможно е да останете рамнодушни на приказната која Виктор Иго ни ја раскажува толку топло, толку прекрасно. Целата приказна е прекрасно развиена, едноставно паѓате во раскажувачката мрежа на Иго и не само што не можете, туку и не сакате да излезете од неа.

Начинот преку кој се поврзуваат сите ликови, односно начинот на кој Иго ги раскажува нивните приказни, а сепак сите да бидат дел од истата целина е неверојатен. Едноставно ја пиете приказната со секоја страна, а не верувам дека има човек кој не бил трогнат кога ќе ја прочита приказната за Есмералда и Квазимодо, невозможно е да не сочувствувате со нивните судбини и нивните болки, исто како што е невозможно да не ве допре неправдата и лошотилокот на луѓето.

Освен тоа, очигледна е љубовта на Иго кон Париз, но и неговото познавање на градот и неговата архитектура. Очигледна е и љубовта на Иго кон архитектурата како уметност и тоа е невозможно да не го забележите, но она што е прекрасно е што прави и вие по малку да се заљубите во архитектурата. Љубовта со која Иго пишува со Богородичната црква ќе направи да посакате веднаш да отидете и да ја посетите.

Секако, освен сите овие теми, Виктор Иго на свој начин дава и остра критика на општеството, на луѓето, го исмејува системот и тоа го прави на маестрален начин. Оваа книга дефинитивно влегува во мојата листа на топ десет книги кои сум ги прочитала, а со цело срце ви ја препорачувам и вам!.

Запишано во ѕвездите“ – Паринуш Сание

ИЗДАВАЧКА КУЌА: БАТА ПРЕС
Оцена: 5/5
Осврт: Ова е една од книгите за кои морате да бидете подготвени на тоа дека ќе ве извозат на емоционален ролеркостер. Прекрасно напишана книга и одлично разработена приказна која прави целосно да се внесете во приказната.

Мазума е родена во едно мало место во Иран, во традиционално семејство. Еден ден семејството одлучува да се пресели во Техеран, а Мазума е пресреќна што ќе има можност да го продолжи своето образование, иако нејзината мајка смета дека тоа е глупост бидејќи таа треба да се омажи, а нејзините постари браќа се загрижени дека ќе му донесе срам на нејзиното семејство. Но, нејзиниот татко секогаш бил нејзина најголема поддршка и го поддржува нејзиното образование.

Во текот на тие тинејџерски години, таа се запознава со младиот аптекар и веднаш се заљубува во него. Но, тие нема како да комуницираат, освен преку мали писменца кои тој ѝ ги испраќа преку нејзината другарка. Кога еден ден таа влегува во аптеката и тој ѝ помага околу болната нога, нејзиниот брат ја издава и се случува скандал од неверојатни размери при што таа е врзана за својата куќа, додека нејзините браќа бараат маж за да ја омажат што побрзо за да си замине оттаму. Нејзините постари браќа се неверојатно сурови кон неа и таа никогаш нема никаква поддршка, ниту љубов од нив. На крај, сепак ја мажат за еден човек кој цело време ја поддржува да учи и да се образова, но за возврат таа не смее да го прашува каде оди и што прави, иако понекогаш го нема и со денови. Каква ли тајна чува овој човек?

Ова е приказна за борбата на Мазума, за нејзината снаодливост и сила и во најтешките моменти во нејзиниот живот, за границите кои мајката ќе ги помине за да ги заштити своите деца, дури и во текот на диктатура, револуции и тешки и непредвидливи времиња. Мазума е симбол на издржливост и пркос, жена која целиот  товар на овој свет го поднесува на своите рамена. Топло ви ја препорачувам оваа книга!

Среќните луѓе  читаат и пијат кафе“ – Ањес Мартен – Лиган

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Оваа книга е совршена за бавно неделно попладне или за денови кога сѐ ви е преку глава и потребно ви е четиво кое ќе направи да заборавите на обврските и на секојдневието. Писателката има лесен стил на пишување и ќе ја прочитате оваа книга за брзо време.

Приказната се врти околу Дијан, сопственичка на кафе-книжарница, која емотивно се распаѓа по смртта на нејзиниот сопруг и нејзина ќерка. Таа не може и не сака да си дојде на себе, сѐ додека нејзиниот најдобар пријател не ја натера да почне да размислува за животот. Тогаш таа решава да се пресели во едно село во Ирска, со надеж дека ќе избега од трагедијата и ќе најде утеха за нејзината болка. Таму почнува да се запознава со луѓето, како и со нејзиниот дрзок сосед, но полека почнува да се вклопува и се прашува дали конечно го најде својот мир?

Приказната е малку клише, но ѝ се простува, затоа што навистина е одлична книга доколку ви е потребно оттргнување од мислите.

Засекогаш, Лара Џин“ – Џени Хан

zasekogash-lara

ИЗДАВАЧКА КУЌА: КУЛТУРА
Оцена: 4/5
Осврт: Претходно на блогот пишував за првите два дела од оваа трилогија, а сега конечно дојде време да го прочитам и третиот дел и така да ја завршам целата трилогија.

Во третиот дел, Лара Џин и Питер се среќни и заљубени како што двајца тинејџери можат да бидат, уживаат во младешката љубов и сите поволности кои таа ги носи. Истовремено се подготвуваат и за колеџ, со тоа што Лара Џин сѐ уште не добила одговор од универзитетите на кои аплицирала. Освен тоа, таткото на Лара Џин се подготвува за свадбата со неговата девојка, а тука на површина излегуваат различни чувства.

Дали е возможно овие двајца млади луѓе кои се на почетокот од својот живот, да ги надминат своите проблеми и да ја задржат љубовта?

Ова е исто една од оние книги кои се погодни за неделно попладне и е сосема задоволително заокружување на трилогијата. И последниот дел е многу подобро напишан од вториот дел од трилогијата, барем според мене. Доколку би е потребна слатка, едноставна и некомплицирана книга за читање, ова е таа книга.

Leave a comment