Како да вежбате како Франц Кафка?

Во 10-тите години на 20 век, кога би имале можност да шетате низ Прага во вечерните часови, лесно можело да се случи да го видите Франц Кафка како полугол (некогаш гол) бесрамно скока, се истегнува и се врти наоколу пред прозорецот од својот стан.

kafka_crop

Во своите доцни 20-ти години, Кафка бил опседнат со вежбање. Тој во еден од своите записи напишал: „Моето тело е предолго за мојата слабост. Нема воопшто маснотии за да создаде благословена топлина, да го зачува внатрешниот оган, нема масти со кои духот понекогаш би можел да се храни себеси и повеќе од секојдневната потреба, без да направи штета на целината.“ Докторите се согласувале со овој заклучок. Во 1907 година, еден доктор рекол дека телото на Кафка е „тенко и нежно. Тој е релативно слаб“. Истиот доктор рекол дека клучната коска на Кафка била како „стапче за удирање тапан“.

Но, ова почнало да се менува откако Кафка го открил делото на Јорген Петер Милер. Милер бил дански фитнес гуру кој одел на скијање само со крпче замотано околу колковите и во тоа време бил еден од најпознатите луѓе во Европа. Во 1904 година објавил памфлет кој се викал „Мојот систем“, памфлет кој ветувал дека може да го трансформира секое слабо тело во тело на грчки Бог и тоа со само 15 минути вежбање дневно. Неговите книги за фитнес се продавале во милион примероци и биле преведени на најмалку 25 јазици.

572137.j.p._muller_2
(Јорген Петер Милер, фитнес гуру)

Методите на Милер биле толку популарни што самото негово име станало глагол – „Јас милерувам“ било исто како да кажеш „Јас вежбам.“ Како што Сара Вајлдман напишала во една статија на порталот „Слејт“, „Мојот систем“ е „нешто како претходник на Пилатес. Зајмува потези од балет и не ви е потребна опрема, освен посветеност. Се работи за прилично строга, но достапна програма.“ Режимот се состои од вежби со сопствена тежина: допирање на ножните палци, клекнувања, кревање на нозете, малку изменети склекови; или со други зборови: вежби кои човек може да ги прави и во сопствената соба. Не се потребни тегови.

Се чинело дека книгата е напишана токму за Кафка, кој бил навикнат да седи по цел ден во канцеларија и кој работел 12 часа дневно. Милер напишал: „Типот кој работи во градска канцеларија е тажен феномен, прерано згрбавен, со рамената и колковите искривени од неговата дислоцирана положба на канцелариското столче, со бледо лице полно со мозолчиња.“

48445e1dc9d84f5d335d11eacb56488e
(„Мојот систем“ на Милер)

Гледајќи се себеси во пишувањето на Милер, Кафка станал нешто налик фанатик за вежбање. Исто како и денешните луѓе кои се посветени на вежбање, Кафка насекаде ја препорачувал и ја фалел оваа рутина, дури и на својата вереница ѝ напишал писмо во кое ѝ вели да ѝ даде шанса на оваа рутина. Двапати на ден тој „милерувал“ пред својот прозорец, понекогаш целосно гол.

Во одбрана на Кафка и Милер, во неговата книга има многу добри совети. Зборува за важноста на цврстина на телото и грбот и нуди добри вежби за остварување на тие цели. Милер исто така дава и здравствени совети кои не биле многу вообичаени во тоа време: умерено конзумирање алкохол, хидратација (пиење вода), соодветно чистење на забите и добар сон (минимум осум часа секоја ноќ). Како што забележува Вајлдман: „половина од неговите вежби денес се дел од стандардните препораки за луѓе кои имаат болки во грбот.“

Љубопитни сте за оваа техника на вежбање на Кафка? Тука можете да прочитате повеќе за техниките на Милер.

Извор.

Leave a comment