Вдишувате длабоко, од дното на своите бели дробови, додека седите таму. Книгата во раце или во скут, а главата насочена кон буквите на последната страна или кон ѕидот наспроти вас. Чувствувате благодарност, замислени сте. Имате чудно чувство дека еден дел од вас, токму сега, нешто добил и нешто изгубил. Сте искусиле нешто интимно, длабоко, можеби и еротично. Само што сте минале низ интензивна, минлива, метаморфоза.
Исто како заљубувањето во странец кој никогаш повеќе нема да го видите, истовремено ве боли и копнежот и тагата, ве боли поради завршената приказна, но некако сте и задоволни. Полни со искуства од тој спој, полни со искуства кои доаѓаат од пробивањето во нечија душа. Се чувствувате нахранети, барем за миг.
Според списанието „Тајм“ и авторката Ени Марфи Пол, овој пристап кон читањето се вика длабоко читање, пракса која за жал наскоро ќе изумре. Тоа е затоа што луѓето повеќе не читаат, туку само „прелетуваат низ текстот.“

Читателите, оние кои уште оставаат пораки на говорното сандаче и пишуваат кратки текстови на честитките или нешто налик тоа, денес се вид во изумирање. Нивниот број се намалува пропорционално на бројот на онлајн таблоиди. Најлошиот дел од ова грдо изумирање е што таквите читатели се поудобни, подобри, попаметни од просечните луѓе и можеби се единствениот вид на луѓе во кои се исплати да се заљубиме.
Според истражувања од 2006 и 2009 година, кои се спроведени од страна на Рејмонд Мар и Кит Оутли, двајца психолози од Канада, оние кои читаат фикција имаат зголемено ниво на сочувство кон другите и имаат капацитет за „теориите на умот“. Ова последново значи дека можат да прифатат туѓи мислења, уверувања и интереси, иако не се нивни. Можат да се занимаваат со поинакви идеи, а не веднаш да ги отфрлат само затоа што се разликуваат од нивните. Иако се смета дека ова е обележје на сите луѓе, треба да се знае дека за таков начин на делување се потребни многу општествени искуства на различни нивоа, за да се дојде до тие капацитети, а можеби тоа е и причината што вашиот последен партнер бил толкав нарцис.
Дали некогаш сте виделе ваш поранешен дечко или поранешна девојка со книга во рака? Дали сте разговарале за книги? Ако не – променете го типот на луѓе со кои излегувате. Не е за изненадување тоа дека читателите се подобри луѓе. Имаат искуства со туѓи апстрактни идеи за животот, го ослободуваат телото, а светот се наоѓа во сосема поинакви рамки во кои не вредат класичните закони на физиката и биологијата. На дланка имаат пристап до стотини души и нивната мудрост. Виделе работи кои никогаш нема да ги сфатат и ја доживеале смртта на стотина луѓе кои никогаш не ги запознале, ниту пак ќе ги запознаат. Научиле како е да се биде маж или жена. Знаат како е да се почувствува страдање. Помудри се од годините кои ги имаат.

Уште едно истражување кое Мар го спровел во 2010 година ја поддржува оваа идеја со резултати кои покажуваат дека децата на кои им се чита исто така ја развиваат теоријата на умот. Иако сите родителите веруваат дека нивните деца се најдобри, оние кои читаат имаат предност затоа што се развиваат на повисоко ниво и ќе бидат поприлагодливи и поразумни луѓе.
Читањето го обликува и унапредува карактерот. Секоја победа, лекција, важен момент за протагонистот станува нивен. Секоја болка и груба вистина станува нивна и мораат да се носат со неа. Тие патувале со авторот, плачеле со него додека пишувал за своите светови, доживеале тага, фрустрација, проживеале стотина животи, па потоа од нив се вратиле во својот.
Ако барате некој да ве исполни, да ја пополни празнината во вашето осамено срце, побарајте го видот во изумирање. Можете да ги видите во кафулиња, паркови или во трамвај (или кај нас во автобус, м.з). Со себе носат ранци или торби, ќе бидат љубопитни, полни со дух и веднаш ќе ги препознаете кога ќе започнете разговарате со нив. Тие нема да зборуваат со вас, тие ќе разговараат. Ќе ви пишуваат и текстови и стихови. Тие се искажуваат вербално, но не на иритантен начин. Не одговараат на прашања и не даваат изјави, туку контрираат на теориите со длабоки размислувања и идеи.
Според едно истражување околу тоа што му прави читањето на умот, кое го спровела Ен. Е. Канингам од Универзитетот Беркли, читањето овозможува учење лекции кои децата не можат да ги научат на училиште. Според авторката, опсегот на вокабуларот кој расте во текот на животот на детето, се зголемува и надоградува преку изложувањето на детето на јазикот, а не преку директно учење (или учење напамет).

Направете си услуга и излезете со некој кој навистина знае да го користи јазикот. Нема само да ве сфати, туку и ќе ве разбере. Би требало да се заљубувате само во луѓе кои ѝ се блиски на вашата душа. Тоа би требало да биде некој кој најдлабоко во допрел и кои ги познава најдлабоките делови на вашата внатрешност.
Според психологот Дејвид Комер Кид, од „Нова школа за општествени истражувања“, „она што го прават најдобрите писатели е тоа што прават писател и од вас. Во книжевната фикција, несовршеноста на ликовите ве тера да настојувате да ги сфатите умовите на другите.“
Ова било докажано и во минатото и одново и одново се докажува. Способноста на спојувањето со ликовите кои не сте ги запознале прави полесно да ги разбирате реалните ликови. Читателите имаат развиена емпатија, можеби нема да се сложат со вас, но ќе се обидат да ги погледнат работите од ваша гледна точка.
Тие не се попаметни, тие се помудри. Иритантно е да бидеш премногу паметен, но да бидеш мудар е интересно.

Има нешто неодоливо во луѓето од кои можете нешто да научите. Потребата за подлабок разговор е поважна отколку што мислите, а заљубувањето во читател(ка) ќе го подобри разговорот и ќе го подигне на повисоко ниво.
Канингам вели дека читателите се поинтелигентни, имаат подобрени јазични вештини и помнење. Имаат поразвиени когнитивни функции од просечниот човек и попромислено и поделотворено комуницираат.
Да пронајдеш некој кој чита е како да се дружиш со илјадници души. Тоа е добивање искуство од сѐ што прочитале и од мудростите кои доаѓаат од тоа исуство. Како истовремено да се дружите со професор, романтичар, истражувач.
А и вие ќе проживеете илјадници животи доколку се одлучите за некој од нив.
