Книжевната љубов на Карл Лагерфилд

Вчера почина еден од најпознатите дизајнери Карл Лагерфилд, кој беше креативен директор во „Шанел“ и кој дизајнираше прекрасни модели и ги облекуваше најголемите светски ѕвезди. Самиот по себе беше интересна, живописна и честопати и контроверзна личност и знаеше дека ја возбуди светската јавност со своите изјави. Но, ова не е блог за мода, па така и нема многу да пишувам за неговата кариера, за тоа долго се пишуваше низ медиумите. Јас денес ќе се осврнам на една тема која е поврзана за еден аспект од животот на Лагерфилд за кој многу не се пишувало, но за кој сигурно знаат неговите обожаватели, а тоа е неговата огромна љубов кон книгите и книжевноста.

4_2_09_karl_lagerfeld0666711

Малкумина знаат дека тој поседуваше мала книжарница во Париз и дека тој беше страствен собирач на книги, па така неговата домашна библиотека броеше повеќе од 300.000 книги. (Да, да, добро прочитавте!) В0 2015 година, за време на едно предавање на „Меѓународниот фестивал за мода и фотографија“, Лагерфилд објасни: „Денес не собирам ништо друго освен книги. Нема простор за ништо друго. Ако дојдете кај мене дома, ќе морам да ве прошетам околу книгите. На крај завршив со библиотека од 300.000 книги. Тоа е многу за еден човек.“ Неговата збирка вклучува книги на француски, италијански, англиски и германски јазик (јазиците кои ги говори), а она што е интересно во врска со неговата библиотека е што тој ги редел своите книги хоризонтално, наместо вертикално, како повеќето луѓе.

931f1467684b92602f2386ef10ff9ca2

Во 2005 година, тој го одговори „Прустовиот прашалник“ за списанието „Венити фер“. Едно од прашањата беше за тоа кои се неговите омилени писател(к)и, а тој го даде следниот одговор: „На кој јазик? Највеќе сакам поети, Е.Дикинсон (англиски јазик), Р.М.Рилке (германски јазик), Маларм (француски јазик), Леопарди (италијански јазик). Не зборувам други јазици и не верувам во преведена поезија. Следното прашање беше: „Кој е твојот омилен херој од областа на фикцијата?“, на што Лагерфилд одговорил: Орландо на Вирџинија Вулф (од истоимената книга).

9cd96d35f92a0089591a01709e38f116

Во 2017 година, француското издание на „Вог“ објави статија со омилените книги, а во најавата велат: „Од романи до поезија, од филозофија сѐ до хеленските класици, прочитајте што Карл Лагерфилд сака да чита, откако го замоливме да ни каже кои книги би ги понел на пуст остров“

Меѓу останатите книги и писатели, освен тие кои се спомнати и погоре, тој ги спомнува и Гете, Спиноза, Ниче, Хомер и неговата „Илијада“, Борхес, Балзак, Томас Ман и уште многу други кои можете да ги видите со кликање на линкот погоре.

s-ifuxjju47zkjbukiy_karllagerfeldlibrary4

Можеби сте изненадени од овој факт за Лагерфилд, меѓутоа тој често зборувал за неговата љубов за книгите, само што често тоа паѓало во сенка. Во статијата погоре се наведува и неговата изјава: „Првпат ги открив книгите кога имав 5 години и тоа во библиотеката на моите родители. Целиот мојот живот купувам книги. Не постои некој емоционален ред и читам на три јазици, без да следам правила, само мојот инстинкт.“

6bjuhqws6sx-y8ns6coo_karllagerfeldlibrary5

Leave a comment