Како да читате повеќе книги во 2019 година?

Сигурно досега сте слушнале за страната „Goodreads“, на која можете да следите кои книги ги читате, да си го бележите прогресот, да се спријателувате со другите љубители на книги, итн. Она по што исто така е позната оваа страна е што секоја година им овозможува на своите корисници да си поставуваат книжевни предизвици и да си задаваат цели за тоа колку книги ќе прочитаат во годината која следува. Секој љубител на книги си има некаква цел во однос на читањето, а овие книжевни предизвици се интересни затоа што ви помагаат да си го следите прогресот.

reading-on-grass_1600

За да им помогнат на корисниците да си го исполнат зацртаниот предизвик, луѓето од „Goodreads“ објавија интересна статија со интересни предлози и совети за тоа како да си ги исполните целите и како да читате повеќе оваа година. Доколку се мачите да најдете повеќе време за читање или не знаете како да читате повеќе, прочитајте ги овие совети (а можете да ѕирнете и тука, тука и тука), чија инспирација е од оваа објава, иако е и малку модифицирана и дополнета со моите размислувања базирани на моите искуства:

Подбутнувајте се, но бидете реалистични

Избегнете ја читателската блокада со тоа што ќе се посветите на цел која е лесно остварлива. Секогаш можете дополнително да го зголемите бројот на книги за читање.

Користете го календарот како водич

На пример зададете си цел дека ќе прочитате 12 книги (една месечно), 24 книги (2 книги месечно) или 52 книги (една книга неделно). Ова се само примери, секако вие треба да си ја прилагодите целта на вашето животно темпо.

Читањето не треба да го чувствувате како некаква обврска

Овие предизвици треба да бидат забавни и ако веќе си задавате цел, таа треба да биде во согласност на она што вие сакате да го читате.

И препрочитувањето се важи!

Доколку сакате да се навратите на некоја стара омилена приказна и книга – слободно направете го тоа!

Слушајте аудиокниги

Зошто да не се обидете? Особено ако ви е хаотичен периодот и полн со обврски, ова може да е добар начин да си ја зачувате постојаноста.

reading_facts

Разгледајте ја понудата во вашата локална библиотека

Така можеби ќе добиете и повеќе инспирација, во секоја библиотека има прекрасни книжевни бисери кои можеби не би ви паднале на ум, а и библиотекар(к)ите секогаш може да ве изненадат со некој предлог.

Бидете одговорни

Зачленете се во некаков книжевен клуб, онлајн форум, група на некоја социјална мрежа или нешто слично. Поддршката од други љубители на книги, или споделувањето читателски искуства, може да ве инспирира, да ве мотивира или да ве охрабри да читате почесто и да бидете постојани во вашиот прогрес.

Запишувајте кои книги сакате да ги прочитате

Ако имате профил на „Goodreads“, книгите кои ви фаќаат око можете да ги зачувате во делот „Want to read“, a доколку немате профил, слободно запишувајте ги книгите кои сакате да ги прочитате во тетратка. Така ќе можете и да ги штиклирате книгите кои сте ги прочитале, а кои остануваат да бидат прочитани.

Извор.

Leave a comment