Неодамна на блогот пишував за приказната за еден пензиониран професор во Италија кој со своето комбенце на три тркала оди во далечни села во Италија со цел да им овозможи на децата шанса да имаат полесен пристап до книгите и книжевноста. Антонио Ла Кава стана глобален хит, а нешто налик неговата иницијатива се појави и во Македонија!

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, со финансиска поддршка од Град Скопје, во изминатиот период се поднови со нова подвижна библиотека наречена „Библиобус“.
Подвижната библиотека „Библиобус“ е комбе кое е уредено и опремено со книги наменети за ученици и деца и има за цел да промовира книжевност, достапност на информации и книги, развој на културата на читање, како и создавање навика за читање кај детската популација.

Според официјалната Фејсбук страница на Град Скопје, „Библиобусот посетува повеќе скопски приградски населби и ги опслужува учениците од 19 училишта во Марино, Мралино, Бунарџик, Текија, Мршевци, Кучевиште, Сопиште, Сушица, Оризари, Припор, Долно Коњари, Добри Дол, Побожје, Долно Соње, Орман, Чифлик, Лисиче, Трубарево и во Волково.“

Подвижната библиотека ќе работи пет дена во неделата, од септември до јуни и ќе ги посетува училиштата според претходно утврден план. Со „Библиобусот“ ќе се овозможи полесен пристап и популаризација на книгата и во оние места кои се оддалечени од централните библиотеки. Учениците се ослободени од наплата за користење на книгите.

Одлична иницијатива која треба да се поздрави и да се надеваме дека слични иницијативи ќе се спроведат и во останатите општини, градови и населени места, сѐ со цел да ги поттикнеме децата повеќе да читаат и да им овозможиме полесен пристап. Само деца кои читаат стануваатт исполнети и среќни возрасни луѓе со отворени умови!
Извор: Официјална Фејсбук страница на Град Скопје
*сликите се преземени од официјалната Фејсбук страница на Град Скопје
