По повеќе од 50 години, „Сто години самотија“ ќе доживее екранизација!

Габриел Гарсија Маркес е еден од најзначајните писатели на 20 век, а неговото прекрасно дело „Сто години самотија“ е еден од најзначајните романи на 20 век. Приказната за неколкуте генерации Буендија е приказна која ве вовлекува во тој свет и ве остава маѓепсани. А сега, по повеќе од 50 години од нејзиното првично објавување, конечно ќе доживее и екранизација!

Вчера, кога се одбележуваше датумот на раѓање на Маркес, Нетфликс објави дека ги добиле правата за екранизирање на книгата. Романот првично е издаден во 1967 година и ова ќе биде првпат во историјата ова дело да биде оживеано на екран. Но, причината за ова не е тоа што немало обиди или интерес да се направи вакво нешто.

50-years-of-solitude-100-anniversary-gabriel-garcia-marquez-05

Синот на Маркес, Родриго Гарсија, кој ќе биде извршен продуцент заедно со неговиот брат Гонзало, кажал дека низ текот на годините, неговиот татко добивал многу понуди од различни продуценти за да ја екранизира, но секогаш ги одбивал тие понуди.

Главната причина поради тоа е што иако други негови дела добиле одобрување и амин од Маркес, легендарниот писател имал чувство дека „Сто години самотија“ нема добро да се пренесе или да се вклопи во еден единствен филм (па дури и два), бидејќи тоа ќе ја ограничи приказната. Маркес исто така цврсто стоел на ставот дека сакал приказната да биде раскажана на шпански јазик, па повеќето понуди отпаднале уште од старт.

Родриго Гарсија ја објаснил одлуката на неговото семејство да  ги отстапи правата на Нетфликс: „Во последните три-четири години, нивото, престижот и успехот на сериите и мини-сериите значително се пораснати. Луѓето од Нетфликс беа меѓу првите кои докажаа дека луѓето сакаат да гледаат серии на странски јазик и со преводи. Она што се чинеше како проблем, повеќе не е проблем.“

Сѐ уште е рано да се знаат детали околу тоа кој која улога ќе ја игра, но сосема е извесно дека целиот книжевен свет е потресен и возбуден и едвај чекаме да го гледаме овој производ. Во меѓувреме, одлично време би било да ја препрочитате оваа прекрасна книга, а ако ја немате прочитано, под итно да ја земете во рака!

Leave a comment