Веќе сме навлезени во март и сите чекаме да дојде пролетта, а додека чекаме, секако дека не застануваме со читањето. Во продолжение прочитајте ја стандардната листа со препораки составена врз основа на книгите кои ги прочитав во февруари, па можеби токму некоја од нив ќе ве инспирира!
„Козметика на непријателот“ – Амели Нотомб

Оцена: 5/5
Осврт: Ова е една од најдобрите книги кои ги прочитав од почетокот на годината! Најпрво ја земав затоа што беше кратка, а бев многу уморна и ми требаше нешто пократко за читање, но самиот начин на којшто е напишана, самата приказна, развојот на дијалозите, како и суптилниот (па на моменти и не толку суптилен) сарказам поради кој на неколку наврати се смеев на глас.
Книгата е всушност дијалог помеѓу главниот лик и еден чуден, малку налудничав човек кој му приоѓа во чекалницата на аеродром. Најпрво тој мисли дека неговиот соговорник е само една обична будала, но како што се развива приказната, така сфаќа дека тој знае многу работи за неговиот живот и на крај приказната кулминира со неверојатно откритие кое дефинитивно ќе ве остави со подотворена уста. Прекрасна книга, се чита за едно попладне и дефинитивно вреди да ја прочитате!
ИЗДАВАЧКА КУЌА: СИЛСОНС
„Француски роман“ – Фредерик Бегбеде

Оцена: 4/5
Осврт: Фредерик Бегбеде има многу препознатлив стил на пишување кој ве привлекува уште со првата реченица. Овој „Француски роман“ е всушност и негова автобиографија и нѐ носи на едно интересно патување, односно ние како читатели заедно со него навлегуваме во неговото детство, но и го гледаме процесот низ кој минува Бегбеде додека навлегува во длабочините на неговата психа и сите работи поврзани со неговиот психички и душевен развој.
Паралелите кои ги повлекува преку односот со својот татко и односот со неговата ќерка нема да ве остават рамнодушни. Ова е книга со брутална искреност, соголување на авторот, а ние како читатели сакаме да бидеме дел од таа приказна. Меланхоличната нишка кој провејува нема да ве остави рамнодушни и во текот на читањето сигурно ќе си поставите неколку прашања самите на себе и можеби и вие ќе нурнете во сопственото детство.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: ТРИ
„Само една приказна“ – Џулијан Барнс

Оцена: 3/5
Осврт: Џулијан Барнс ми е најверојатно омилениот активен писател од денешницата. Неговиот стил е магичен, обожавам да ги читам неговите реченици кои како реки течат низ страниците и кој секогаш наоѓа начин шармантно да ве вовлече во приказната која сака да ви ја раскаже.
„Само една приказна“ е неговиот најнов роман кој излезе минатата година и засега според мене е и неговиот најслаб роман (засега ги имам прочитано „Папагалот на Флобер“ и „Ова личи на крај“). Но и покрај тоа, топлината и искреноста во неговите зборови е ненадминлива. Се работи за приказна за една забранета и необична љубовна врска. Некои ќе речат дека се работи за афера, многумина и ќе го осудат тоа однесување кое има многу необични елементи, но во самата суштина лежи љубовта од еден поинаков агол и едно поинакво доживување.
Освен тоа, овој роман навлегува и во еден друг помрачен аспект на човековото постоење, а тоа е алкохолизмот и како алкохолизмот го уништува и алкохоличарот, но и сите други околу себе. Ви ја препорачувам оваа книга, која ќе ве испровоцира да размислите на неколку различни теми.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: МАТИЦА
„Патот“ – Кормак Макарти

Оцена: 3/5
Осврт: Оваа книга ја доби Пулицеровата награда во 2007 година. Додека ја читате книгата сосема сфаќате зошто е толку ценета и почитувана и зошто Макарти се смета за одличен писател. Сите описи во книгата се прекрасни, начинот на којшто ја раскажува приказната е прекрасен. Она што мене ми недостасуваше беше малку повеќе „месо“ во приказната, но сепак продолжив до крај затоа што уживав во описите на Макарти.
Се работи за пост-апокалиптична Америка, еден татко со својот син се трудат да направат сѐ што можат да преживеат во свет во кој речиси и да нема никаква цивилизација. Сѐ е срамнето со земја, а она што останало е напуштено и покриено со пепел. Тие патуваат и го следат патот кој треба да ги одведе до морето и до добрите луѓе.
Книгата е мрачна и ќе ве исполни со неверојатна меланхолија, но од друга страна е пример за вистински талент за пишување, прекрасна проза, тестамент на убавината на книжевноста.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: КОНГРЕСЕН СЕРВИСЕН ЦЕНТАР
