Флоберовите писма – за книжевноста, животот, жените…

Многу често во книжевноста се објавуваат приватните писма на големите писатели и истите им се достапни на сите. Флоберовите „Писма“ не се никаков исклучок во тој поглед, но се исклучок во смисла на тоа дека ни нудат шанса подобро да го запознаеме овој писател, затоа што тој со сета сила се трудел да биде невидлив во своите дела и своето пишување. Во своите дела сакал да го прикаже она што тој не бил, да понуди различна перспектива од неговата и гласот на раскажувачот да не се појави ниту за миг.

Тој ѝ пишувал на Лујза Коле, својата љубов, но им пишувал и на Иго, Бодлер, Мопасан, Тургењев, Зола, со кои постојано дебатирал за важни книжевни прашања.

gustave20flaubert_0

Од овие писма може да се дознаe многу за неговите поетски ставови. Не сакал да ја гледа книжевноста низ призмата на епохи и правци. Се лутел што го бројувале во реалисти и што го сметале за еден од нивните најголеми претставници. На Мопасан, негов ученик, му вели: „Не ми спомнувајте реализам, натурализам или експериментализам!“ Не сакал да го сметаат за реалист, затоа што не се согласувал со тоа дека првиот услов на уметноста е да се пишува верно. Според него, најважно било да се тежнее кон убавото, затоа што грдата реалност треба да биде само отскочна даска кон издигнување на поголема висина.

Писателот на романите нема право да го изнесува своето мислење за што било. Флобер смета дека писателот во своето дело треба да биде како Бог во Универзумот, невидлив, а семоќен и прашува дали Бог некогаш го кажал своето мислење. Уметноста која се издигнала над личните наклонетости и нервозна чувствителност – тоа е она што Флобер го бара. Меѓутоа, карактеристиките на реализмот се видливи во неговото пишување, особено во пресликувањето на, како што тој вели, човечките типови, а не посебни личности.

flaubert-featured

Секако дека најзначајното дело на Флобер е „Госпоѓа Бовари“. Во едно од своите писма, тој пишува: „Мојата кутра Бовари, без сомнеж, во овој момент страда и плаче истовремено во дваесет села низ Франција.“ Долго и напорно работел на ова дело, го украсувал до совршенство, со месеци работел на веќе напишана страница обидувајќи се да ја обликува страницата на најдобриот можен начин.

Флобер е еден од оние писатели кои сметале дека напорната работа е неопходна за создавање на ремек-делата. Секако, човек мора да има талент, но тоа не значи ништо доколку постојано не се работи на него. Во таа насока вели: „Го преправам целиот прв дел на „Бовари“. Каква кучешка работа е прозата! Никогаш не е готова, секогаш останува уште нешто да се преработи.“ Проблеми го чекале и кога „Госпоѓа Бовари“ излегла од печатница. Тој отишол на суд поради оваа книга, но сепак успеал да избегне затворска казна.

Низ „Писма“ на Флобер се гледа дека до крај се сомневал во големината на „Госпоѓа Бовари“ и во своите способности. Според него, Хомер и Шекспир се двајца книжевни генијалци кои е невозможно да бидат достигнати, а само со совршенството на стилот може човек да им се приближи. Долго се противел на објавување на своите дела, но на крајот сепак се согласил да бидат објавени.

6020155

Флоберовите „Писма“ ја содржат и неговата љубовна преписка со Лујза Коле. Изјавите на љубов, нежните зборови, љубовните спомени и сеќавања се составен дел од овие писма: „О, сакај ме, слушај, секогаш, сметај ме за груб, за лудак, за сѐ што сакаш, но и натаму сакај ме, остави ги моите мисли на мир. Што ти прават тие? Никому не прават зло, а можеби прават и добро. Зарем тие, всушност, како и секоја работа, немаат своја причина за постоење? За што служи коровот? Добрите луѓе велат: Зошто расте? Па поради самиот себе, побогу! А вие, зошто вие растете?“

Цитати од „Писмата“ на Флобер:

~ „Човекот не е ништо, делото е сѐ!“

~ „Но, небото нека ми дозволи да бидам малку спокоен! Малку спокојство, голем Боже, малку одмор; само тоа, не барам среќа. Среќата е црвена наметка чија постава е искината. Кога ќе сакаме да се наметнеме со неа, ветерот ќе разнесе сѐ и ние остануваме заплеткани во таа ладна крпа за која сме мислеле дека е толку топла.“

~ „Од цела политика разбирам само една работа, а тоа е побуната.“

~ „Ништо не е сериозно на овој свет освен смеата.“

„Ако човек сака мирно да живее, треба да живее сам и добро да ги затвори своите прозорци, за да не влегува воздухот од светот.“

„Мојот живот, за кој мислев дека ќе биде толку убав, толку горд, толку широк, толку љубовнички, ќе биде како и секој друг: едноличен, смислен, глупав, ќе завршам право, ќе ги положам испитите, а потоа ќе заминам достоинствено да завршам, да живеам во некакво мало место во внатрешноста…“

„Моето знаење се руши пред жените. Тоа, навистина, е поглавје во кое следниот ред секогаш му докажува на човек дека ништо не сфатил од претходниот ред.“

„Не читајте како што читаат децата, за да се забавувате, ниту пак како што читаат амбициозните луѓе, за да научите нешто. Не, читајте за да живеете.“

 

Статијата е преземена од „Култивиши се“.

Leave a comment