Библиотеката на Мерилин Монро и нејзината поезија…

Името на Мерилин Монро буди различни мисли кај различни луѓе. Некои повеќе ја знаат по нејзиниот љубовен живот, некои ја знаат по нејзината филмска кариера, но неоспорно е дека нема човек кој нема слушнато за неа. Многумина луѓе слушнале многу работи за Мерилин Монро, но ретко кој знае за нејзината огромна љубов кон книжевноста и нејзините обиди да пишува поезија. Да, Мерилин Монро била страстна читателка посветена на книгите и книжевноста.

marilyn-monroe-reading

Таа имала огромна домашна библиотека која броела 437 книги, неколку први изданија на одредени дела, а во голем дел од нив биле пронајдени и нејзини забелешки и размислувања за она што го читала. Таа ги поседувала првите изданија на „На пат“ од Џек Керуак, „Невидливиот човек“ од Ралф Елисон и „Оваа запалена куќа“ од Вилијам Стајрон, а познато е и дека таа читала секаде каде што одела.

Кога еден од нејзините режисери ја видел како на пауза меѓу снимање ја чита книгата „Писмата до еден млад поет“ на Рилке, ја запрашал зошто ја одбрала баш таа конкретна книга. Таа му одговорила: „Навечер, кога немам што да правам, често одам до книжарницата „Пиквик“ која се наоѓа на булеварот „Холивуд“ и едноставно сосема случајно отворам и разгледувам книги – кога ќе налетам на параграф или страница која ми се допаѓа, ја купувам таа книга. Вчера вечер ја купив оваа книга. Има нешто лошо во тоа?“ A кога не снимала, таа одела на вечерни часови по книжевност и историја.

mm-bikinitop

Во нејзината библиотека имало сѐ и сешто. Од класична литература, уметност, драма, биографии, поезија, сѐ до политика, историја, теологија, филозофија и психологија. Полиците од нејзината домашната библиотека биле полни со класици од Марк Твен до Толстој. Таму можеле да се најдат и „Големиот Гетсби“, „Алиса во Земјата на чудата“, „Даблинци“ и „Улис“ на Џејмс Џојс“ и „И сонцето изгрева“ на Хемингвеј, а Албер Ками ѝ бил слаба точка. Во нејзината домашна колекција таа ги имала и романите како „Злосторство и казна“ на Достоевски, „Смрт во Венеција“ од Томас Ман, а тука можете да погледнете дел од насловите кои таа ги имала во својата библиотека.

63114008

Кога се развела од нејзиниот трет сопруг, Артур Милер, познатиот автор на „Смртта на трговецот“, таа се обидела да ја преболи разделбата преку пишување поезија. Во 2010 година беше објавена книгата „Фрагменти: Поеми, интимни белешки, писма“, во која меѓу останатите белешки, има и значителен број на поеми кои таа ги напишала, но со децении останале необјавени.

Подолу има неколку извадоци од нејзините поеми кои се обидов да ги пренесам на македонски јазик најдобро што можам:

„Само делови од нас некогаш ќе
допрат само делови од другите –
вистината на еден човек навистина е само тоа – вистината на еден човек.“

„Камења на патот
во сите можни бои
Гледам во тебе
како во хоризонт –
просторот/воздухот меѓу нас струи
и јас сум толку многу катови повисоко
моите нозе се плашат
додека посегнувам кон тебе“

monroe2bbooks

„го чувствувам она што го чувствувам
во себе – она што се обидува да
стане свесно
и она што го чувствувам во другите
не се срамам од моите чувства, мисли – или идеи“

„Сфаќам дека искреноста
и обидот да бидам едноставна или што е можно подиректна,
често се сфаќа како чиста глупост,
но со оглед на тоа дека ова не е искрен свет –
сосема е можно дека да се биде искрен е глупост.“

„Да го имам твоето срце е
единствената целосно среќно горда работа
која некогаш сум ја поседувала.“

„Претпоставувам дека секогаш бев
смртно преплашена да бидам нечија сопруга
затоа што во животот научив
дека еден човек никогаш не може навистина
да сака друг човек, не целосно.“

 

 

Leave a comment