Македонска поезија: „Театар на мртвите“ од Радован Павловски!

Театар на мртвите – Радован Павловски

Сочувај ме Боже од секакви времиња

Во пауза на времето
драмските умови се преслекуваат
Сите врати и карти им се отворени
та не знаеш во хаосот
која врата кому ќе му се отвори
дали зад затворената врата стои жив артист
или пред отворената врата е суфлерот
што не можевме никогаш да го видиме
а секому од нас
во тишината пред да згасне светлината
во темнината редарот меѓу редовите на публиката
со свеќа му го покажуваше
неговото нумерирано место
Седи во театарот и гледај
што се случува со тебе дома
Стани и ракоплескај на сите страни
Но ако пред очи ти прелета
некоја сцена што си ја сонувал
а на други им се случила
седи плачи и молчи
Во пауза на претставата
Во театарот на мртвите сите сме живи

creative-inspiration-melancholy

Leave a comment