„Некој бил тука“ на Николина Андова Шопова во издание на „Темплум“ ја доби престижната награда „Роман на годината“ за 2018 година!
Покрај „Некој бил тука“, во најтесна конкуренција беа романите: „Страв од варвари“ од Петар Андоновски и „Маџун“ од Влада Урошевиќ, а првично, 36 романи беа пријавени на отворениот конкурс. Победникот бил избран со тајно гласање и го добил мнозинството гласови на жирито. Жирито за наградата за оваа година беше составено од: Фросина Пармаковска (претседател на жири), Богомил Ѓузел, Александар Прокопиев, Елизабета Баковска и Катерина Богоева.

(Извор: СДК.мк)
Наградата официјално ќе биде врачена на 10 април.
Наградата „Роман на годината“ годинава се додели по јубилеен 20-ти пат и се состои од плакета, статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ во партнерство со Град Скопје и Културно-информативниот Центар од Скопје и со финансиска поддршка на Министерството за култура. Генерален спонзор на наградата е „Комерцијална банка“ АД.
Како што е наведно на сајтот okno.mk, ова е дел од образложението на жири-комисијата:
„Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова е роман што се чита брзо и лесно, но истовремено е и приказна што не е ниту површна, ниту плитка. Тоа е исклучително зрел и убедлив, тежок и емотивно напорен текст за читателот. Се работи за една долготрајна и мачна себеотуѓеност која, низ необична и нималку наивна игра со и во просторот, резултира во едно неопходно и неизбежно себесретнување. Раскажувањето на Андова Шопова со леснотија го повлекува читателот во морето од сомнежи, стравови и сеќавања, при што потребна е подготвеност за веднаш и бескомпромисно да се нурне во длабокото. Технички и јазично, тој е компактен и стегнат, во него не недостасуваат ниту „стрчат“ ниту една реченица и ниту еден збор.
Тука исто така можете да прочитате и извадок од романот на годината!
Честитки!
