Шарл Бодлер – Порокот како начин на живот…

Шарл Бодлер е типичен градски лик, првиот поет на големиот град, зависник од градските пороци, полн со презир кон граѓаните околу себе. Бодлер е девијација на природното и човек за кого вулгарноста е врвот на сѐ она што го доживува.

Според него, доблестите се сосема неприродни појави, па затоа и сѐ што е природно треба да се отфрли како нешто што на човек му ја одзема посебноста. А посебноста е она од кое цел живот се хранела Бодлеровата суета, не од некоја потреба за празно позирање, туку од желбата, преку необичноста и извонредноста,  да се надмине баналноста на човечкиот живот, баналност која ја гледал насекаде околу себе и од која се гадел. 

mejores-poemas-de-charles-baudelaire

Баналноста кај Бодлер предизвикувала чувство на мрзоволност и незадоволство, елитно доживување на тешкотиите од живуркањето кое е својствено за големите духови и која се лечи или со уметност или со порок, или барем човек се обидува да го излечи тоа чувство.

Ова чувство се опишува како ужаснатост од предвидливоста на секојдневието, постојана тага и сентименталност за ѕвездените моменти на човечкиот род, неиздржувањето на секојдневниот ритам на животот кој заспива во својата хармонична монотонија.

Бодлер од ова свое проклетство, кое неретко е проклетство на сите луѓе кои се осмелуваат да ги набљудуваат своите животи со поостро око, ја создал својата поезија. Поетот на големиот град, вљубеникот во мачките и проститутките, уживател во апсинт и опиуми, заразен од сифилис, задоен католик опседнат со луциферски фигури полни со безбожен бунт, некрунисан париски принц на темнината, првиот меѓу отфрлените и прогонетите од татковската прегратка и носител на ново светло во поезијата.

charles_pierre_baudelaire_by_mephistopheies-d59tjqh-624x442

Шарл Бодлер – Животот како бегство од конформизмот

Ако го земеме биографизмот како пристап за толкување поезија, тогаш тој е гнасна лага и не би имало причина да се занимаваме со животот на Бодлер ако тоа го правиме со намера за да ја разбереме неговата поезија. Меѓутоа, животот на Шарл Бодлер уште од најрани денови е извонредна песна во неправилен стих, напишана со неакадемски јазик полн со вулгаризми и противења на сите правила на стилот и отворање на нови хоризонти.

За време на детството, две работи биле од пресудно значење за формирање на личноста на Шарл Бодлер. Најпрво тоа била раната смрт на таткото и мајчиното премажување со омразениот очув, а потоа и строгото католичко воспитување.

Наспроти сите негови богохулни постапки и верувања, сепак католицизмот е присутен во неговата поезија, нешто налик мајчин јазик, против кого може да се пишува само со негова употреба. Мотивите, метафорите, стравовите и предметите на омраза и обожавања кои се присутни во поезијата на Бодлер, сите тие доаѓаат од католицизмот. Презирот кон секојдневието, чувството на незадоволство како резултат на копнежот за нешто возвишено, нешто што тој го очекувал од животот и човекот – сето ова има свој корен во христијанските проповеди и високите католички катедрали; и тогаш кога проповедите не биле пресликани во животот  – и едното и другото се презрени како последна лага.

baudelaire-portrait-1024x624

Бодлер уште на 18 години пател од чувството на незадоволство од граѓанскиот живот кој единствено ги вреднува бенигните задоволства на конформизмот. Малку пишувал песни, малку се опивал во познатите боемски места во Париз, во целост живее како боем, се облекува елегантно, се однесува отмено, а сепак со себе водел една проститутка и  ја носел со себе секаде каде што одел.

За да го оттргне од „лошото друштво“, очувот, кој судејќи според сѐ, навистина му мислел добро, иако неговото „добро“ се разликувало од она „добро“ кое младиот Бодлер го замислувал, го пратил на пат околу светот.

Во своите патувања, поетот се запознава со задоволствата од опиумот и хашишот, а дома се враќа со една мулатка која му станува љубовница. Парите наследени од татко му ги троши на сѐ и сешто, паѓа во долгови, се обидува да се самоубие, го преведува Едгар Алан По за да ги отплати долговите и со тоа на По му ја отвора вратата на европската книжевна сцена.

Неговиот порив за шокирање бил огромен: косата ја обоил во зелена боја (бојата на омилениот пијалок на париските боеми, апсинт), лаже дека е политички шпион, дека е хомосексуалец, дека го убил и изел својот татко, а сите навистина слепо му верувале на зборот.

2921065091_1_3-1

Шарл Бодлер – За опивањето

„Треба секогаш да се биде пијан. Тоа е сѐ: Тоа е единственото прашање. За да не го чувствувате страшниот товар на времето кое ни ги крши плешките и кое нѐ витка кон земјата, треба да се опивате без сопирање. А со што? Со вино, поезија или доблест, како вие милувате. Но, опивајте се. Па ако некогаш се разбудите на скалите на некоја палата, на зелена трева во некој парк, во уморната самотија на својата соба, кога пијанството веќе попуштило или исчезнало, запрашајте ги ветерот, бранот, ѕвездата, птицата, часовникот, сѐ што брза, сѐ што кружи, сѐ што шушти, сѐ што пее, сѐ што зборува, запрашајте ги колку е часот. И ветерот, бранот, ѕвездата, птицата, часовникот, ќе ви одговорат: „Време е да се опиете!“ За да не бидете маченички роб на времето, опивајте се. Опивајте се без сопирање. Со вино, поезија или доблест, како вие милувате!“

Шарл Бодлер не бил пијаница, развратник или наркоман каков што моралистите сакаат да го претстават. Порокот за него е „опивање“, бегство од баналниот свет, свет кој не умеел да го надмине на поинаков начин.

Воедно, тоа е и обид да пронајде лек и заборав за болната младост и ранетата душа, за крвавите крилја на птицата која другите ја гледаат под око, а на таа птица ѝ се здосадило да им се потсмева и да ги презира во себе.

Порокот, тоа е Бодлеровиот изговор за да не се стопи во масата, уште еден начин да им се потсмева на луѓето. Сепак, има ли поголемо исмевање од создавањето на вистинска, револуционерна поезија, има ли подефинитивно прекинување на врските со сѐ она што е „нормално“? Поетите кои процветале под неговиот сјај, со децении одречно ќе одговараат на ова прашање.

charlesbaudelaire1-2x

Мајсторот на умисленоста и дрскоста го пишувал и следното, мазохистички уживајќи во омразата кон светото:

„Ме гледате како редок ѕвер! А треба да знаете дека од општеството е прогонет оној кој, по нескршливата сила на духот, за една глава е повисок од баналната светост. Овој свет има стекнато толкава тежина на простотилук што тоа, наспроти човековиот дух, ја добило силата на страста. Но, има одлични оклопи кои ни самиот отров не би можел да ги нагризе… Останав она што и некогаш бев: одговорен и развратен. Можеби ми недостасува удар со камшик кој обично им се доделува на децата и робовите…. Но, не се грижи: Кога ќе предизвикувам општа одвратност и ужас, тогаш ќе ја освојам осаменоста.“

Од сето ова, сфаќаме дека нималку не е за изненадување тоа што баш Шарл Бодлер бил тој кој прв ќе се заложи за она што во споредните текови на книжевноста постоело колку и самата книжевност: за убавината на грдото. Наспроти убавината и хармонијата кои во себе секогаш содржат малку лаги, грдото е сирово и живо, бескрупулозно во претставување на светот и нашите души.

Грдото е деформитет каков што е и самиот живот, она што вознемирува затоа што во нас го буди несвесниот копнеж да го исправиме и да го доведеме во ред. Истото тоа што го чувствуваме и кон животот: нашиот и туѓиот.

Leave a comment