Романската поетеса Ана Бландијана е добитничка на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2019 година!

Романската поетеса Ана Бландијана е добитничка на „Златен венец“ на овогодинешните „Струшки вечери на поезијата“. На вчерашната Свечена седница која се одржа во МАНУ, Управниот одбор и Дирекцијата на фестивалот официјално ја објавија одлуката и ја споделија со јавноста. Наградата на годинашната лауреатка ќе ѝ биде врачена на поетското читање „Мостови“.

Струшките вечери на поезијата годинава ќе се одржат во периодот од 21 до 28 август.

ana-blandiana-800x1202

Како што се наведува на веб страната на Струшките вечери на поезијата:

„Една од најценетите современи европски авторки, Ана Бландијана, (псевдоним, зад кој се крие името на Отилија Валерија Коман) е припадничка и претставник на поетската генерација од 60 –тите години, која е заслужна за афирмацијата на модернизмот во романската литература и поезија.

Поезијата на Бландијана не флертува со помодното и површно допадливото пишување, таа е критички настроена и суштински загрижена заради губитокот и отсуството на слобода во современо-историската бездна, сред која е стаписано човештвото…

Како што сведочат книжевно критичките реакции и одгласи ширум Европа – творештво на Ана Бландијана претставува значен придонес во збогатувањето на изразните потенцијали на современата литература, како и витален поттик за ревитализација на нејзината благородна мисија во едно сурово време, какво што е нашето“, образлагајќи ја одлуката, нагласи проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, еден од најреномирани и најстарите поетски фестивали во светот.“

Честитки за Ана Бландијана и секако со душа ги чекаме и овогодинешните Струшки вечери на поезијата!

Повеќе за биографијата и творештвото на Ана Бландијана можете да прочитате тука.

Leave a comment